Македонија
(Видео) Петрушевски: Дон Николовски толерирал нерегуларности на фирми блиски до СДС, без основа се исплаќани илјадници евра за субвенции
Љупчо Дон Николовски толерирал лица блиски до власта на СДС со огромни количини земја под закуп во нивните нерегуларности и со години дозволил штета врз буџетот.
Фирмата ДЗС Илинден на која и бил раскинат договорот за закуп на околу 1000 хектари земја со години земала субвенции, иако земјиштето веќе не било под нејзин закуп, истакна на денешната прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2019 година е поведен судски спор за неплатен закуп за 2017, 2018 и 2019 година. Период во кој министер во МЗШВ е Љупчо Дон Николовски, кој со години го толерирал должникот. Дури во септември 2021 година, по извршениот увид во списокот на должници и увидот на лице место од Државниот инспекторат за користење на земјоделското земјиште министерството констатира дека закупецот не ги испочитувал обврските кои произлегуваат од договорот за плаќање на закупнина и користење на земјиштето, поради што носи изјава за еднострано раскинување на договорот за закуп на земјоделско земјиште, која е потврдена со правосилна пресуда на Апелациониот суд – Скопје.
Иако самото министерство носи изјава за еднострано раскинување на договорот за закуп, истото не го испочитувало членот 41-а став 5 Законот за земјоделско земјиште и не доставило примерок од изјавата за раскинување на договорот за закуп, по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности заради бришење на прибележувањето на договорот за закуп, односно плодоуживање на недвижностите.
Поради неизвршување на законските надлежности и обврски од страна на Министерството да спроведе постапка најнапред за бришење од единствениот регистер на земјоделски стопанства, и некоординација со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, му овозможил на закупецот и по раскинувањето на договорот за закуп закупецот да може да продолжил да аплицира за субвенции.
Во моментот на недејствување на МЗШВ, Љупчо Николовски е вицепремиер во владата, и тоа со задачи за борба против корупција и добро владеење, а корупцијата му се случувала пред нос“, појасни Петрушевски.
Дополни дека во период од 2021, кога Николовски е вицепремиер и не е во министерството за земјоделство, преку 2022 до 2023 година кога Љупчо Дон Николовски е министер во МЗШВ, на ДЗС Илинден без основа му биле исплатени 13 милиони денари.
Спротивно на член 14-а од Закон за земјоделство и рурален развој ДЗС Илинден, вели пратеникот, не е евидентиран на листите за должници додека имал право да го користи договорот од страна на МЗШВ, во време кога Љупчо Дон Николовски е министер.
„Спротивно на член 15 од истиот закон министерството не го избришало договорот за закуп од единствениот регистер на земјоделски стопанства чија база е основа за поднесување на апликација за субвенции и овозможило закупецот неосновано да се стекне со 13 милиони денари, во време кога Љупчо Дон Николовски е првин вицепремиер, а потоа и министер. Институциите не направиле контрола согласно член 48 од овој закон и преку агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството се исплатени финансиски средства спротивно на одредбите од член 50, 51, 52 и 61“, кажа Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без струја делови од Гази Баба и Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, соопшти дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат:
· од 08.00 до 14.00 часот, корисниците на ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
· од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на ул. Јуриј Гагарин бр. 57. (Општина Карпош)
Македонија
(Видео) Министерството за животна средина да ја одземе одземе интегративната дозвола на ТИТАН УСЈЕ, побара пратеникот на Левица
На седницата за пратенички прашања, пратеникот од Левица Реџеп Исмаил, повикувајќи се на податоци од меѓународни организации, сподели податоци за зголемување на смртноста поради загадениот воздух.
„Според податоци на УНИЦЕФ (коишто за жал датираат од 2018 Г.) дури едно од девет новороденчиња умираат поради загадениот воздух. Според новите истражувања на меѓународни организации, дури пет илјади и петстотини предвремени смртни случаи, има секоја година, токму поради аерозагадувањето во Скопје.“
Пратеникот истакна дека и покрај зголемувањето на бројот на смртните случаи и респираторните заболувања од година во година, Македонија увезува отпад за којшто, како што оцени, нема капацитет да го контролира или обработи.
„Македонија увезува многу, многу повеќе отпад од она што самата го генерира. На пример, ЕУ обработува само триесет проценти од отпадот којшто го генерира. Другите седумдесет проценти од генерираниот отпад во ЕУ се извезува во трети земји.“
Потсетувајќи дека државата нема капацитети ниту да го контролира ниту да го обработува увезениот отпад и земајќи ја во предвид кривичната пријава на Град Скопје за работата на ТИТАН УСЈЕ, која, како што рече, три години е заклучена во фиока, Исмаил го праша Министерот за животна средина дали барем времено ќе ја одземе интегрираната дозвола за работа на ТИТАН УСЈЕ, барем додека не биде завршена постапката.
„Град Скопје пред три години има поднесено кривична пријава во врска со работењето на Усје и по истата нема никаков исход. Нели мислите дека крајно време е (земајќи во предвид дека има кривична пријава која три години стои во фиока) да ја одземате оваа интегративна дозвола на ТИТАН УСЈЕ барем привремено, додека не се реши исходот од оваа кривична пријава?“
Од говорница, Исмаил побара од новиот Министер за животна средина Мухамед Хоџа да изврши мерења на квалитетот на воздухот во индустриските капацитети од независни и акредитирани институции и лаборатории.
Македонија
Митрески: До кога владата ќе си игра мајтап со работниците
Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на денешната седница посветена на пратенички прашања упати две прашања до министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, а се однесуваа на минималната плата за која, како што велат од СДСМ, владата не сака да даде конкретни одговори, а е најниска во регионот, како и за високите цени за кои граѓаните не се задоволни, па дури одат и во соседни земји да пазарат.
„Некако кога се зборува за минималната плата и она што го давате како одговор создава впечаток во јавноста дека владата не сака да даде конкретни одговори.
Зошто ова го кажав: претходно, во однос на износот на минималната плата, се кажа и денес дека не е најниска и дека се прави погрешна споредба со другите земји од соседството, дека наводно таму е бруто, а кај нас нето-плата.
Не е точно. Правиме споредба помеѓу нето минималната плата кај нас и нето минималната плата во соседството и за жал дојдовме да сме на најниско ниво.
Повисока минимална плата од нас имаат дури и некои земји кои се формираа како независни пред само неколку години. До тоа ниво сме стигнале.
Се разбира, користејќи ПР-изјави, продолжувате да кажувате дека ’и ние сме за повисока минимална плата, не само 500.000 евра, и илјада евра нека е, јас сум и за 2.000 евра‘, ама да се договорат работниците и работодавачите“, тоа во превод звучи како да кажете „што да се договорат волкот и јарето што вечер да вечераат“.
Се дојде до ситуација да треба да се договори помеѓу чеканот и наковалната – тие што ги даваат платите и оние што треба да ги примаат.
Едно образложение кое држи вода, кое го давате како министер за економија, е дека треба да се договорат затоа што може да дојде до отпуштања на работници или затворање на компании. Да ја изгубат работниците не само платата, туку и својата работа.
Почитуван министер, до кога ќе играте мајтап со работниците“, прапа Митрески.
Ако чекаме на договор помеѓу работниците и работодавачите, додаде тој, договорот како што вели, никогаш нема да се случи.
„Волкот и јагнето, почитуван министер никогаш нема да се договорат. До кога ќе капитулирате пред оние кои трупаат богатства на грбот на работниците“.
Второто прашање на пратеникот од СДСМ беше поврзано со цените.
„Очигледно, никој не оди во продавница да види што е тоа што се случува. Сега проблем е што граѓаните не се задоволни, па дури одат и во соседни земји да пазарат.
Прашањето е до министерот за економија: имаме ситуација откупот на млеко да биде од 29-31 денар за домашните млекари. Истите млекари продаваат литар млеко во маркет за 85 денари.
Фактички, ем земјоделците не се задоволни поради тоа што се случува, ем граѓаните плаќаат висока цена за готов производ во маркетите. Значи остваруваат некој екстра профит.
Поднесовме закони како опозиција, кои мислевме дека ќе придонесат за намалување на цените, но тие не беа прифатени.
Поднесовме мерки кои биле ветени во програмата, пред избори и тие не беа прифатени. Кажавте дека ќе се донесат кошнички. Донесовте, божиќна, велигденска, рамазанска, училишна. Денес имате изјави дека тие мерки не дале резултати, па моето прашање е: што ќе преземете за ова да не биде на штета на граѓаните, како што е со минималната плата на штета на работниците“.

