Македонија
Мицкоски за фотографирањето без македонското знаме: Денеска ќе биде врачена протестна нота на амбасадорот на Бугарија
Премиерот Христијан Мицкоски го коментира неистакнувањето на македонското знаме за време на посетата на Сиљановска-Давкова во Софија при средбата со бугарскиот колега Румен Радев. Рече дека денеска ќе биде врачен демарш на амбасадорот на Бугарија.
„Во минатото, кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше ‘рбетот и се соблазнуваа со тие што нè понижуваа и газеа. Сега дипломатски се испраќаат протестни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика или, пак, дипломатска со свиткан ‘рбет, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, затоа што ако не реагирате, тој исклучок понатаму ќе стане пракса. Она што е поважно за мене, Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Уставот, тоа е најмалиот проблем, многу е поголема потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Кога ќе видиме дека се поминати црвените линии, тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска тој демарш ќе му биде врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед“, посочи Мицкоски.
За тоа кога ќе продолжат разговорите со бугарските историчари, Мицкоски очекува во духот на пријателството и добрососедството објективно да се преговара и да се договара.
„Тоа се процеси што траат со децении, имаме такви примери во Европа, така што секое избрзано решение произведува избрзани одлуки, а тие избрзани одлуки може да бидат погрешни. Затоа очекувам во еден добрососедски дух членовите на комисиите од двете страни да разговарааат“, истакна премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.
Македонија
Во 15 контејнери собран над еден тон текстилен отпад во Кисела Вода: жителите на Расадник со најголем интерес
Еден тон текстилен отпад е собран за само еден месец од поставувањето на првите контејнери за текстилен отпад на територијата на општина Кисела Вода, соопштија денес општинските власти.
Според податоците добиени од лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје, најголема количина е собрана од контејнерот поставен во населбата Расадник, што општинарите велат дека укажува на висок интерес и активна вклученост на граѓаните во процесот на селектирање и правилно одлагање на текстилниот отпад.
„Во моментов се поставени 15 контејнери на различни локации пред месните заедници, а паралелно се изработуваат уште 15 нови, кои во следната фаза ќе бидат поставени пред основните училишта и детските градинки. Со тоа, вкупниот број ќе достигне 30 контејнери, а иницијативата ќе добие и силна едукативна компонента, насочена кон најмладите“, велат од Општината.
Ова е првпат во општина Кисела Вода да се воспоставува ваков систем за собирање текстилен отпад, преку договорот што беше потпишан меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје.
„Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Фактот што за само еден месец е собран еден тон текстилен отпад покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на оваа иницијатива. Ова партнерство не претставува само техничко решение, туку вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите проекти испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност. Искрена благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за нивната општествена одговорност и придонесот кон почиста и поздрава околина“, рече градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Од 27 тони запленета дрога, повеќе од две третини е на фирма на соработник на Зоран Заев
Над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДС, соработник на Зоран Заев, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на прес-конеренција во партискиот штаб.
„Фирмата ’ЦБД Медплант’ во формална сопственост на Христијан Котев, а реална на неговиот татко Тони Котев викан М’гчев, кој е поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и близок по бизнис со Вице Заев и Гидан Колев, во периодот од 30.06.2025 година па се до 11.2025 година, има испорачано 19 тони марихуана према скопската фабрика по документ испорачана количина. Дополнително, утринава од струмичката фирма биле изнесени 21 тон дрога“, рече пратеникот Птерушевски и пушти видео од денешното запленување на илегална материја дрога.
Објасни дека станува збор за фирма која добила одобрение од Владата на Зоран Заев и Венко Филипче, за одгледување марихуана за медицински цели во 2020 година.
„Патем, уште во 2020 година, укажувавме дека лиценците за одгледување на марихуана за медицински цели, се добиваат исклучиво по блискоста со СДС, односно во тоа време со Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче додели лиценци на 2 фирми, ’Еко Енерџи-Космос’ од Ново Село и ’Лајтинг Лукс’ од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев погоре споменатиот“, рече Петрушевски.
Побара Јавното обвинителство да го истражи случајот и јавно праша зошто Заев лично се јавувал на телефони во Царинската управа и се интересирал за овој случај.
„Струмичкиот нарко картел се однесувал како во времето на Пабло Ескобар во Колумбија. Но и на тој нарко картел му дошол крајот, така ќе му дојде крајот и на овој таканаречен нарко картел во струмичко.
Вистината излегува на виделина!“, вели пратеникот Петрушевски.

