Свет
Од денеска контроли за влез во Германија: воведени нови мерки на граничните премини со пет земји
Поради преоптовареност на системот за прифаќање баратели на азил, Германија од денеска воведува контроли на сите државни граници, кои ќе траат најмалку шест месеци.
Новата регулатива се однесува на премините кон Данска, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција, пренесува „Дојче веле“.
Почнувајќи од денеска, германската федерална полиција не само што ќе ги контролира патниците на источната и јужната копнена граница туку и на северната и западната граница, најмалку шест месеци.
Германија овој чекор го оправда со големиот број мигранти, кои илегално влегуваат во земјата, и со преоптоварувањето на системот за прифаќање бегалци, изјави германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер.
Иако треба да биде исклучок во рамките на Европската Унија, тие правила очигледно веќе не важат, оценува германското радио и укажува дека дополнителните контроли би можеле да доведат до тешкотии во движењето на луѓе и стоки, со оглед на тоа што Германија е во центарот на шенген-зоната.
Контролите на внатрешните граници се предвидуваат само под одредени услови, но самите земји членки одлучуваат дали се исполнети овие услови, а за воведување гранични контроли, единствено се должни да ја информираат Европската комисија во Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.
Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта
Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
Свет
Песков: Русија покажа способност да одговори на акциите на Западот
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија покажала способност да одговори на акциите на Западот со употреба на балистички ракети и оцени дека американската администрација во заминување продолжува да го следи патот на ескалација на конфликтот во Украина.
„Гледаме дека администрацијата во заминување на американскиот претседател Џозеф Бајден претпочита да оди понатаму по патот на ескалацијата и тоа го прави со прилично непромислена ескалација“, им рече Песков на новинарите.
Според неговите зборови, рускиот претседател Владимир Путин бил и останува отворен за контакти во врска со решавањето на украинскиот конфликт и транзицијата кон мирен пат.