Свет
Шверцувале кокаин меѓу добиток: заплена на наркотици на балкански картел во Бразил
По пронаоѓањето на кокаин во пакувања со банани и други јужни овошја, балканскиот нарко картел се обиде да прошверцува дрога на брод што превезувал добиток на крајот на минатата недела.
Според информациите на светските агенции, нивни регрути од Јужна Америка сокриле количество на кокаин на брод во пристаништето Вила до Конде, во бразилската држава Пара, кое се наоѓа на брегот на реката Амазон.
Акцијата била спроведена во соработка со бразилската морнарица и Федералната управа за приходи. Засега нема уапсени, но отворена е полициска истрага со цел да се утврди потеклото и дестинацијата на дрогата и да се идентификуваат одговорните, како и да се открие дали сумата што е запленета е само дел од поголем товар што шверцерите требало да го сокријат на бродот“, изјави соговорник на „Вијести“ од странската безбедносна служба.
Тој објасни дека шверцери на дрога од Балканот во последните две години користат бродови кои превезуваат добиток.
„На почетокот на 2023 година, Националната полиција и царинските службеници извршија значителна заплена на таков брод – повеќе од четири тони кокаин беа запленети во пристаништето Лас Палмас де Гран Канарија. Во јули минатата година во Шпанија беше извршена уште една значајна заплена на дрога, исто така на брод што превезувал добиток. Кога станува збор за последната заплена, важно е да се објасни дека пристаништето Вила до Конде е многу блиску до устието на Амазон и границата на земјата со места како Гвајана или Суринам, клучни точки за товарење на големи пратки кокаин кои одат во Европа. Затоа се сомневаме дека бродот е контаминиран во тоа пристаниште“, вели соговорникот.
Тој објасни дека балканскиот нарко картел има свои бази на територијата на Јужна Америка и во нив регрути кои се задолжени за товарање на кокаин на бродови.
„Повеќето ги идентификувавме и работиме на нивно лоцирање и апсење“, вели изворот.
„Вијести“ неодамна објави дека балканскиот картел претрпел тешки удари во Јужна Америка во средината на август и средината на јули, во акции во кои беа запленети тони кокаин.
Во средината на јули, по четиригодишна истрага, Централната бригада за наркотици на Националната полиција, во соработка со Европол, американската агенција DEA, Националната агенција за криминал на Обединетото Кралство и Центарот за поморска анализа и операции за дрога (MAOC -Н), уапси околу 50 лица кои биле дел од криминална мрежа задолжена за транспорт на кокаин од Латинска Америка во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Шест лица пронајдени мртви во Бугарија, истрагата ја разгледува и можноста за култ
Бугарските власти истражуваат смрт на шест лица поврзани со еколошка невладина организација, откако на почетокот на февруари беа пронајдени три тела во колиба во Петрохан, а неколку дена подоцна уште три во кампер во близина на врвот Околчица.
На брифинг во Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, полицијата соопшти дека според досегашните податоци, тројцата мажи – Ивајло Иванов, Дечо Василев и Пламен Статев – ја запалиле колибата во Петрохан, по што извршиле самоубиство.
До нивните тела биле пронајдени два пиштола и една пушка. Форензичките анализи покажале дека на оружјето има само ДНК од починатите лица. Прострелните рани биле нанесени од непосредна близина, а според судско-медицинските вештачења, повредите биле во домет на сопствената рака.
Полицијата прикажа и три видеоснимки од 1 февруари. На првата се гледа разделба меѓу шестмината, на втората се слушаат зборови на простување, а на третата се прикажува моментот на палење на колибата.
Во одделен случај, на 8 февруари, во кампер во близина на Околчица беа пронајдени телата на Ивајло Калушев, Николај Златков и 15-годишно момче. Во возилото биле пронајдени револвер и пиштол, а според полицијата, на телата немало знаци на борба.
Обвинителството соопшти дека двете главни верзии што се разгледуваат се убиство со последователно самоубиство или самоубиство.
Досега се нарачани 18 форензички вештачења, сослушани се 15 сведоци, а анализирани се и електронски уреди и видеоснимки. Истражителите ја следеле и патеката на камперот преку безбедносни камери во повеќе населени места.
Според полицијата, во колибата се практикувале духовни активности, вклучително и тибетски будизам, а се разгледува и можноста случајот да има карактеристики на затворена заедница или култ.
Истрагата продолжува.
Свет
ЕУ забранува уништување на непродадена облека и обувки
Европската комисија денеска усвои мерки со кои се спречува уништување на непродадена облека, модни додатоци и обувки, со цел да се поттикне рециклирањето и да се намалат штетите врз животната средина.
„Ова е уште еден чекор во промовирањето на кружната економија низ целата Европска Унија“, соопшти Комисијата.
Забраната за уништување на непродадена облека и обувки ќе биде задолжителна за големите компании од 19 јули оваа година, а за средните претпријатија од 2030 година.
Дополнително, постојните обврски за известување на големите компании за непродадената облека што се прогласува за отпад ќе се прошират и на средните компании до 2030 година.
Се проценува дека секоја година во Европа меѓу 4 и 9 проценти од непродадените текстилни производи се уништуваат пред воопшто да бидат облечени. Овој отпад создава околу 5,6 милиони тони емисии на CO₂, што е речиси еднакво на вкупните нето-емисии на Шведска во 2021 година.
Со Регулативата за еколошки дизајн на одржливи производи, која стапи во сила во јули 2024 година, се настојува значително да се подобри одржливоста на производите што се пласираат на пазарот на ЕУ, преку зголемување на нивната кружност, енергетска ефикасност, можност за рециклирање и трајност.
Со неа се бара од компаниите да објавуваат информации за непродадените производи за широка потрошувачка што ги отфрлаат како отпад. Исто така, се воведува забрана за уништување на непродадена облека, додатоци и обувки.
Свет
Провалил во куќа во Германија, си зготвил вечера и се капел во када, полицијата го привела
Полицијата во Германија добила пријава за провала, а на местото затекнала гол маж кој си подготвил вечера и се капел во кадата.
Провалникот си зготвил оброк и се искапалeл во куќа во која провалил, на балтичкиот остров Риген, соопшти германската полиција.
Соседот во неделата навечер ја алармирал полицијата во градот Ломе, откако забележал дека светлата се вклучени во неколку простории.
Од дворот, полицајците забележале маж како седи во кадата на горниот кат. Кога ги забележал, наводно излегол од бањата.
Полицијата го затекнала гол во куќата. За 25-годишникот е соопштено дека се однесувал агресивно и пружал отпор.
Тој бил приведен, а криминалистичката полиција обезбедила докази на местото на настанот.

