Македонија
Муцунски – Лосон: Потпишан меморандум за реализација на втората фаза од проектот за активностите што произлегуваат од членството во НАТО
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализација на втората фаза на проектот за ефикасна меѓуресорска координација на активностите кои произлегуваат од членството во НАТО.
“Со денешното потпишување на меморандумот ја продолжуваме значајната соработка со Обединетото Кралство, со цел дополнително зајакнување на нашето сојузништво. Исто така, имплементацијата на втората фаза од проектот ќе овозможи дополнително зајакнување на нашите капацитети и ќе придонесе за натамошното утврдување на земјава како кредибилна НАТО членка” истакна министерот Муцунски.
Воедно, министерот нагласи дека ваквиот чекор претставува уште една потврда на заложбите на двете земји за зајакнување на колективната одбрана и гарантирање на целокупната безбедност на НАТО Алијансата.
Лосон посочи дека двете земји се силни НАТО сојузници и партнери, а притоа изрази задоволство од реализацијата на проектот кој ги зајакнува меѓусебните односи.
„Ми претставува задоволство што овој проект дополнително ги зајакнува овие односи. Нашиот претходен ангажман се фокусираше на изградбата на Директорат за НАТО во рамките на Министерството за надворешни работи како и на формирањето на Национален координативен совет за НАТО. Сега ќе работиме заедно на развивањето на силни меѓувладини НАТО структури кои ќе подготвуваат и споделуваат анализи и ќе обезбедуваат поддршка на носителите на одлуки на највисоките позиции за прашања кои се од исклучителна важност за безбедноста на нашите две земји. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме работата која што придонесува за пошироката безбедност и стабилност на Северна Македонија и Обединетото Кралство како и на нашите НАТО сојузници”, потенцираше тој по потпишувањето на меморандумот.
Инаку, проектот е предвидено да трае до март 2025 година и преку упатување на резидентен експерт се очекува да придонесе за вешто и високо компетентно учество на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и цивилните експерти во работата на структурите на НАТО. Дополнително, тој треба да ја унапреди целокупната подготвеност на нашите институции за обезбедување ефективен и ефикасен менаџмент на политичките улоги во областа на безбедносната политика и безбедносни прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

