Македонија
Германија со чартер-летови депортира 36 лица до Белград и Скопје, меѓу нив имало осудени криминалци
Првиот чартер-лет како дел од најновата офанзива за депортација на германската влада полета пред две недели за Авганистан. Вториот вчера од Хамбург до Белград и Скопје. Според весникот „Билд“, во него имало 36 лица, главно државјани на Србија и Косово, на кои им било одбиено правото на азил или поради некоја друга причина немаат право да останат во Германија. Меѓу нив има и осудени криминалци.
Чартер-летот на полската компанија „Ентер ер“ го изнајми најсеверната германска сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн, па се претпоставува дека депортираните биле регистрирани во таа покраина.
Но, за разлика од чартерот за Кабул на крајот на август, овој лет не е сензација, пишува „Дојче веле“. Додека депортациите во Авганистан се контроверзни бидејќи германската влада нема дипломатски врски со талибанската влада во Кабул и организациите за човекови права укажуваат на лошата ситуација во Авганистан, чартерот во Белград и Скопје се чини дека е прашање на рутина.
На лошата состојба со човековите права, особено кога станува збор за Ромите, предупредуваат и организациите за човекови права во случајот на Западен Балкан, но само во првиот квартал од оваа година германските власти веќе депортирале 795 лица во Србија и Косово.
Германската влада претходно воведе т.н правило за земјите од Западен Балкан, што овозможува полесно вработување на граѓаните на овие земји. Правилото што бара само договор за вработување од германски работодавец, се покажа како успешно и германската влада го продолжи на неодредено време во јуни оваа година.
По изборните успеси на екстремно левичарските и десничарските партии, кои се залагаат за ограничување на нерегуларната миграција, се зголеми притисокот врз федералната влада да го исполни ветувањето за интензивирање на депортацијата на луѓето што немаат право да останат во Германија. За притисокот придонесе и тоа што напаѓачот што ги нападна посетителите на градскиот фестивал во Солиниген во август, убивајќи три и тешко рани десетина лица, е Сириец кого властите не успеаја да го депортираат во Бугарија.
Одвреме-навреме во германските медиуми се појавуваат приказни за луѓе што по многу години и повеќекратни депортации во земјата на потекло, се враќаат во Германија за да се обидат да добијат статус на престој.
Последниот медиумски случај е протерувањето Ром од Србија, кој беше протеран од властите во Вајблинген, јужна Германија, и покрај тоа што неговите пет малолетни ќерки живеат во Германија, од кои четири се германски државјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од село Орман улица 5, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Претежно облачно и тивко, максималната температура до 17 степени
Времето денеска ќе биде прeтежно облачно. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен во четврток кога ќе има услови за слаб локален дожд. Во четврток и петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.

