Македонија
Мицкоски од Брисел: Бевме понижувани многупати, ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми
Денеска до сега, до овој момент имав две значајни средби. Првата беше работниот ручек кој што го организираше старо-новата претседателка на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, на кој што беа присутни и останатите пет лидери од регионот на Западен Балкан, а потоа и средба со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, информира од Брисел премиерот Христијан Мицкоски.
„Она кое што можев да го кажам таму е дека мора процесот на интегрирање во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес каде што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор.
За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе“, изјави Мицкоски.
Уште еднаш потенцирав, нагласува Мицкоски од Брисел, дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми.
„И за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин. Ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. Остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин“, вели премиерот.
Појасни дека за време на ручекот еден од присутните споменал дека се потребни жртви да се направат во овој процес на интегрирање на регионот во рамките на Европската Унија.
„Јас само потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар збор и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже ама тоа е rule of unanimity или правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум.
Не се тие европските вредности во кои што мојата генерација се вљуби. Јас сум подготвен со секого да разговарам, колку е тоа потребно, со секој буквално да разговарам додека не најдеме вистински пат, кој што овој пат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава, тоа е она што го барам. Дали е многу? Јас мислам дека не е многу“, додава Мицкоски во изјавата од Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче зборува за сиромаштија, а оди на зимување во Дубаи
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција остро го критикуваше Венко Филипче, обвинувајќи го за лицемерие и двојни стандарди.
Манасиевски изјави дека, додека Филипче во јавноста зборува за тежок живот, ниски плати и економски проблеми во државата, паралелно заминал на зимување во Дубаи – една од најскапите дестинации во светот. Претходно, како што рече, Филипче летувал и на милионската јахта на Зоран Заев во Грција.
Тој наведе дека Филипче во различни периоди покажувал наводна загриженост за пензионерите, младите, пациентите и земјоделците, но дека за време на владеењето на СДСМ не биле реализирани ветените политики во овие области. Манасиевски посочи и дека во периодот кога Филипче бил министер за здравство, имало спорни тендери.
Во обраќањето, Манасиевски изјави дека, според сведоштва за кои немало демант, Филипче поседувал недвижност во Дубаи, додавајќи дека Антикорупциската комисија при СДСМ – АКТ, треба да го истражи потеклото на средствата.
Тој исто така го спомена и експремиерот Зоран Заев, за кого изјави дека од земјоделец станал милионер и дека градел висококатница во Дубаи, наведувајќи дека и овој случај треба да биде предмет на истрага.
Манасиевски оцени дека во СДСМ нема реална намера за реформи или кадровско освежување и дека партијата продолжува со истата политика од времето на Заев. Тој додаде дека СДСМ е незадоволна единствено поради тоа што не е на власт и дека нивното седумгодишно владеење покажало дека не се грижеле за проблемите на граѓаните.
Македонија
(Фото) Се преврте цистерна на патот Струга – Ќафасан, сообраќајот во прекин
Министерството за внатрешни работи информира дека во моментов во целосен прекин е сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“ поради превртена цистерна на патот.
Засега нема повеќе информации како се превртела цистерната и дали има повредени.
„Сите надлежни служби се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за утврдување на причините за незгодата и за нормализирање на сообраќајот за што соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од СВР – Охрид.
Македонија
Угостител во Скопје работел и покрај забраната, обвинителството бара меркa на претпазливост
Обвинителството поведе постапка против едно лице за кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат.
Осомничениот е сопственик и управител на угостителски објект „Јужна пруга“ во Скопје, на кој со Решение од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром му била изречена забрана за вршење на дејност, што било истакнато и на влезната врата на објектот. Меѓутоа, тој решението го отстранил, а при контрола инспекторите констатирале дека угостителскиот објект и покрај изречената забрана продолжува да работи и во него се присутни гости.
Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции.
Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побара од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе Решението на надлежните инспекциски служби.

