Македонија
За јакнење на јавната доверба и углед на судството: општите седници на Врховниот суд ќе бидат јавни
Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска на предлог на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, донесе измени на Деловникот за работа на Врховниот суд со кои се овозможува јавност на Општата седница.
Во новите измени на Деловникот за работа на Врховниот суд се пропишува дека општите седници на Врховниот суд на Република Северна Македонија се јавни, а јавноста во работата на Општата седница се обезбедува и со присуство на претставници на средствата за јавно информирање.
Претседателката на Врховниот суд на денешната Општа седница истакна дека значењето на Врховниот суд од уставен и законски аспект, како и значењето на прашањата кои се разгледуваат пред Општата седница од правен аспект, а воедно се од интерес за граѓаните, ја наметнуваат потребата од јавност.
„Измените на Деловникот за работата на Врховниот суд се во согласност со темелните уставни вредности, законските начела и меѓународните принципи. Со предложените измени на Деловникот, ќе се даде значаен придонес за јакнење на јавната доверба и углед на судството и на Врховниот суд како највисок суд во државата.
Со предложените измени се предвидува јавност во работата на Општата седница и остварување на јавноста во работењето на судот преку нормативна новина која ќе ја унапреди и соработката и комуникацијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија со медиумската заедница и со пошироката заинтересирана јавност.
Предложените измени се засноваат на уставните и законските начела за јавност на судството, највисоките меѓународни правни норми интегрирани во домашното законодавство, принципите на Европската конвенција за заштита на човековите права и стандардите на Европскиот суд за човековите права, европските стандарди и меѓународните документи од областа на судството и заложбите и активностите на Советот за отворено судство“, образложи претседателката Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре, делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека утре, 03.03.2026 година ( вторник ), поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на ул. Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија. (Општина Центар)
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во с. Бојане, во наредните 4 дена ( 03.03 до 06.03.2026 г.) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане. (Општина Сарај)
Македонија
Утре без струја делови од Карпош и Бутел
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, утре, 03.03.2026 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток. (Општина Бутел)
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а. (Општина Карпош)
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

