Свет
Велика Британија ги повика граѓаните веднаш да го напуштат Либан
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами изрази длабока загриженост за зголемените тензии во Либан, повикувајќи ги британските граѓани да ја напуштат земјата.
Во телефонски разговор со либанскиот премиер Наџиб Микати, Лами ја изрази својата длабока загриженост поради растечките тензии и цивилните жртви во Либан.
Британскиот министер за надворешни работи рече дека разговарале за потребата од преговори за изнаоѓање решение за враќање на стабилноста и безбедноста преку Сината линија.
Лами исто така ги повика британските граѓани да го напуштат Либан, наведувајќи ги како причина зголемените тензии во регионот.
„Тензиите се високи и ситуацијата може брзо да се влоши“, напиша Лами на платформата X.
Во вторникот и средата во различни делови на Либан се случија експлозии на пејџери и радио уреди (воки-токи).
Во експлозиите загинаа најмалку 37 лица, а неколку илјади беа повредени.
Либанската влада и Хезболах го обвинија Израел дека го извршил нападот, а Хезболах вети одмазда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Писмо со сомнителен прав доставено до кабинетот на белгискиот премиер Де Кроа
Писмо во кое имало прашок од сомнителен состав утрово е доставено до кабинетот на белгискиот премиер Александар де Кроа, пренесоа белгиските медиуми.
Инцидентот го потврдија од Бриселската противпожарна бригада, кои соопштија дека едно лице кое дошло во контакт со писмото, превентивно било пренесено во болница.
На местото на настанот, покрај противпожарната бригада, се испратени и полиција и цивилна заштита, кои го однеле писмото на дополнителна анализа, пишува „Brasels tajms “.
Според извештаите, ова е трет пат оваа недела во Брисел да се најде писмо со сомнителен прав.
Во средата наутро сличен инцидент се случил во канцеларијата на Службата за државна безбедност, а уште еден сомнителен плик бил откриен во средата попладне во полицијата.
Во инцидентите немало последици од контаминација, а засега не се знае дали овие три случаи се поврзани, пренесува Танјуг.
Регион
Вучиќ се огласи за штрајкот со глад на Весиќ: Министерот во оставка одбива храна
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по посетата на штандовите на саемот за вино пред новинарите се изјасни за штрајкот со глад на министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во заминување, Горан Весиќ.
Вучиќ рече дека му е жал поради тоа.
– Жал ми е поради тоа, ако можам на кој било начин да стапам во контакт со него, ќе го замолам да не го прави тоа. Тоа е се што можам да кажам – рече претседателот.
Српеските медиуми потсетуваат дека Горан Весиќ поднесе оставка од функцијата министер за градежништво, транспорт и инфраструктура во Владата на Србија пет дена по трагедијата во Нови Сад.
Откако вчера излезе веста дека министерот во оставка Весиќ е меѓу 11-те уапсени за падот на настрешницата, тој на својот Фејсбук профил
објави:
„Не бев уапсен, доброволно се одзвав на повикот на полицајците со кои дојдов во Нови Сад и се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад.
Секогаш, како и досега, ќе бидам на располагање на надлежните органи и ќе докажам дека не сносам никаква кривична одговорност за овие трагични настани.
Адвокатската канцеларија што ме застапува во овој случај ќе комуницира со јавноста и медиумите за понатамошниот развој на настанот“, рече тој.
Свет
Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре, уапсена мајката
Бебето кое исчезна вчера од болница во Виена утрово е пронајдено мртво во корпа за отпадоци во близина на болницата, пишуваат австриските медиуми.
Како што соопштија истражителите, доенчето било завиткано во најлонска кеса, а мајката (29) на еднонеделното бебе е уапсена.
Вчера медицинската сестра забележала дека бебето не е во собата, а не била ниту мајката, па била повикана полиција која веднаш почнала интензивна потрага.
Ги проверувале сите автомобили, дури и ранците на велосипедистите, а во потрагата учествувале и кучиња трагачи. Во текот на вечерта мајката била сослушана во полиција. Што им кажала се’ уште не е познато.
Сослушан е и наводниот татко на детето, чие татковство мајката не сакала да го признае, велат од полицијата. Тој не е осомничен за кривичното дело.