Свет
Противпожарно возило излета од патот поради скали, повредени осум пожарникари во Калифорнија
Осум пожарникари се повредени во тешка сообраќајна несреќа на автопат во Јужна Калифорнија во која учествувало противпожарно возило, соопштија денеска властите.
Шефот на противпожарната служба на округот Оринџ, Брајан Фенеси, изјави дека противпожарното возило се превртело на државната рута 241 во Калифорнија, северно од Портола Хилс, пренесува АП.
Возилото превезувало тим кој се враќал во станицата по 12-часовниот пожар во округот Оринџ.
Фенеси соопшти дека несреќата ја предизвикала скала која била на патот и возилото извртело за да ја избегне скалата, а потоа удрило во заштитната ограда и се превртело.
Најмалку еден пожарникар е пренесен со хеликоптер во болница, додека останатите се пренесени со брза помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: ЕУ го изгуби умот и е на пат кон пропаст
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Европската унија „го изгубила умот“ и дека со доделувањето дополнителни средства за воена помош за Украина, тргнала на „патот на пропаст“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера во Брисел изјави дека ЕК дополнително ќе одвои околу 160 милиони евра за помош на енергетскиот систем на Украина, што вклучува 60 милиони за хуманитарни потреби и 100 милиони за поправки и реконструкција, дека оваа сума ќе биде обезбедена од приходи од замрзнати руски средства.
Фон дер Лајен денеска за време на посетата на Киев изјави дека ЕУ ќе и додели на Украина заем до 35 милијарди евра, пренесува РИА Новости.
Захарова го повтори тврдењето дека ЕУ ја загубила својата автономија и е подредена на целите на Вашингтон, велејќи дека Брисел ја изгубил секоја власт.
„Сега ЕУ го изгуби умот. Тоа е курс што води кон ескалација на тензиите со Русија“, рече Захарова.
Таа ги обвини западните земји за кражба на руски имот.
„Крадат се, недвижен имот, движен имот, суверена сопственост. Перењето на овој незаконски стекнат имот буквално се случува пред наши очи, преку купување оружје за Украина“, рече Захарова.
Свет
ЕУ ќе и’ додели заем од 35 милијарди евра на Украина
Европската Унија ќе и’ одобри заем до 35 милијарди евра на Украина за да и’ помогне на таа земја заглавена во тешката војна со Русија, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Заемот, кој беше најавен за време на посетата на шефот на комисијата на Киев, е дел од поширокиот план на земјите од Г7 за собирање пари со користење од руските средства замрзнати за да се санкционира Русија поради инвазијата.
„Немилосрдните руски напади значат дека на Украина и’ е потребна континуирана поддршка од ЕУ“, рече фон дер Лајен во објавата на „Икс“.
Украина се соочува со огромни финансиски потреби по повеќе од две години интензивна војна која ја уништи нејзината инфраструктура.
Русија деактивираше околу 9 гигавати (GW) од енергетската инфраструктура на Украина.
Групата 7 (Г-7) замрзна руски финансиски средства во вредност од околу 300 милијарди долари кусо време по инвазијата на Москва на Украина во 2022 година. Тие ветија дека ќе ги искористат средствата за да му помогнат на својот сојузник, но поминаа месеци дебатирајќи точно како може да функционира таков механизам.
Во мај, ЕУ склучи договор меѓу своите земји-членки според кој 90 отсто од тие приходи ќе одат во фонд управуван од ЕУ за воена помош за Украина, додека останатите 10 отсто ќе го поддржат Киев на други начини.
Се очекува Украина да ја добие првата транша од помошта во јули, соопштија дипломатите на ЕУ.
Регион
Борел следната недела со лидерите на Западен Балкан
Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел ќе приреди работен ручек за шестмина лидери од Западен Балкан следниот четврток во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, објавено е денеска на веб-страницата на ЕУ, пренесуваат медиумите во регионот.
Во соопштението се наведува дека висока делегација на Европската комисија ќе учествува на 79. сесија на Генералното собрание на ОН следната недела во Њујорк, а фокусот на ангажманот на ЕУ ќе биде ставен на решавање на низа невидени конфликти и кризи околу светот.
Делегацијата на ЕУ ќе ја сочинуваат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, извршната потпретседателка Маргарет Вестагер, високиот претставник Борел, потпретседателката Дубравка Шуица, како и комесарите Стела Киријакидес, Дидије Рејндерс, Илва Јохансон, Јанез Ленарчич, Јута Урпилаинен, Кадри Симсон и Вопке Хокестра.