Свет
Телата на сопственикот на суперјахтата и на ќерка му со авион се вратени во нивната татковина
Телата на жртвите од трагедијата на суперјахтата, меѓу кои беа и сопственикот и милијардер Мајк Линч и неговата ќерка Хана, се вратени од Сицилија со приватен авион на нивните семејства.
Седум лица загинаа кога суперјахтата вредна 30 милиони евра потона во август за 16 минути откога беше погодена од невреме.
Меѓу загинатите се Џонатан Блумер и неговата сопруга Џудит, адвокатот од Њујорк, Крис Морвило, и неговата сопруга Неда, како и готвачот Рекалдо Томас.
Тие сега се вратени во татковината со приватни авиони, а се очекува нивните погреби да се одржат во секоја од нивните матични земји во наредните денови, јавуваат италијанските медиуми.
Во последните денови на Сицилија беа извршени обдукции на жртвите, а прелиминарните резултати сугерираат дека сите, освен една, биле заробени под палубите кога починале.
Аутопсиите извршени на жртвите во болницата во Палермо на почетокот на овој месец открија дека жртвите немале вода во белите дробови, објавија италијанските медиуми, сугерирајќи дека можеби биле свесни додека јахтата тонела.
Додека нивните тела сега се вратени дома, лекарите во Палермо продолжуваат да истражуваат дали нивната смрт била предизвикана од давење или од недостиг на кислород во кабината.
На јахтата имало вкупно 22 лица, а меѓу преживеаните е и Анџела Бакареш, сопругата на Мајк Линч и мајка на Хана.
Стивен Едвардс, кој беше капетан на суперјахтата пет години до 2020 година, посочи дека можеби преживеала бидејќи нејзината тенденција да се грижи за безбедноста на бродот ја навела да ја напушти својата кабина пред бродот да почне да тоне.
Едвардс изјави дека Бакареш „секогаш сакала да знае што се случува и што прави екипажот“.
„Таа е секогаш првата личност што се качува на мостот ако нè слушне како се прикрадуваме таму. Тоа може да објасни зошто таа се спаси, а Мајк не“, рече тој.
Анџела, по трагедијата, наводно им кажала на лекарите дека бродот се навалил разбудувајќи ги неа и сопругот.
Според „Ла Република“, таа рече дека се качила за да види што се случува пред да настане хаос и скршено стакло во целата јахта.
Едвардс, кој разговараше со поранешните колеги на јахтата таа вечер, рече дека потонувањето се случило само неколку минути откако јахтата почнала да се полни со вода, при што скршениот мебел на бродот им отежнувал на патниците да се искачат на безбедно.
„Оние што останаа во кревет беа во најлоша ситуација“, рече тој и додаде дека некои од гостите станале да видат што се случува.
„Потоа невремето силно удри. Некои стигнаа до салонот и тоа беа оние што преживеаја бидејќи нивниот пат надвор беше малку почист.
„Внатре во кабините луѓето лежеа во своите кревети една минута, а следната веќе сè беше поинаку“, рече Едвардс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.
Свет
Зеленски бара уште една средба со европските сојузници
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска изјави дека поддржува да се одржи нова средба со европските сојузници по состанокот на украинската делегација и американските претставници во Мајами, Флорида.
Постои општо чувство дека по работата на нашиот дипломатски тим во САД, сега треба да одржиме консултации со европските партнери во поширок формат, објави Зеленски на платформата Икс, по телефонскиот разговор со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Зеленски разговорите во Мајами ги опиша како конструктивни и оти е забележан брз напредок.
Тој обвини дека Русија не сака да ја заврши војната и за една недела руските сили употребиле речиси 1.300 борбени дронови, околу 1.200 бомби и девет крстосувачки и други ракети врз Украина.
Свет
По повеќе од 400 години данската пошта прекинува со достава на писма
Данската пошта денеска соопшти дека на 30 декември ќе ја изврши последната достава на писма, со што се завршува традицијата долга повеќе од 400 години, која датира уште од 1624 година.
Причината за потегот е тоа што во текот на последните 25 години испраќањето писма драстично опадна – за повеќе од 90 отсто.
„PostNord“, компанијата која настана со спојување на шведската и данската пошта во 2009 година, претходно соопшти дека ќе укине 1.500 работни места во Данска и ќе отстрани 1.500 поштенски сандачиња, со оглед на тоа што побарувачката за писма драстично опадна, додека онлајн купувањето продолжува да расте. Оваа компанија, која и понатаму ќе доставува писма во Шведска, нагласи дека во Данска на нејзино место доставата ќе ја преземе компанијата „Dao“, која веќе врши достава на писма и која планира да ги прошири своите услуги од 1 јануари.
Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека меѓу младите доаѓа до повторен пораст на пишувањето писма. Истражувањето на „Dao“ покажа дека лицата на возраст меѓу 18 и 34 години испраќаат два до трипати повеќе писма отколку другите возрасни групи, а истражувачот на трендови Мадс Арлиен-Соборг верува дека младите се свртуваат кон пишувањето писма како „противтежа на дигиталната преоптовареност“.
Според данскиот закон, мора да постои можност за испраќање писма, што значи дека доколку „Dao“ одлучи да ја прекине доставата, владата би била обврзана да именува друга компанија за таа задача.
Законот за дигитален идентитет, „MitID“, се користи за сè – од онлајн банкарство до закажување прегледи кај доктор, а поголемиот дел од официјалните комуникации се испраќаат преку дигитална пошта наместо со обична пошта.
Денес 97 отсто од данската популација постара од 15 години е регистрирана во „MitID“, додека само пет отсто одлучиле да се откажат од дигиталната пошта.
– Бевме данска пошта 400 години и затоа ова е тешка одлука, но Данска стана сè подигитална, што значи дека денес речиси и да нема писма. Со оглед на падот на побарувачката, пазарот на писма повеќе не е профитабилен, изјави заменикот извршен директор на „ПостНорд Данска“, Ким Петерсен.

