Македонија
Преродба ќе поднесе декларација до бугарскиот парламент со осуда по изјавите на Николоски

Крајнодесничарската партија Преродба најави дека ќе поднесе предлог-декларација со осуда за говор на омраза во бугарскиот парламент, а во врска со изјавите на вицепремиерот Александар Николоски, кој ја нарече земјата „нецивилизиран домаќин“ по средбата меѓу Сиљановска-Давкова и Румен Радев, на која го немаше македонското знаме.
„Имаме договор за добрососедство и тој отворено се прекршува. Сфаќаме дека ова е политика на намерно барање провокации, која Скопје ја игра изненадувачки добро. Треба да се реагира умерено и дипломатски, без да се навлегува во нивниот тон. Ќе поднесеме барање за вонредна седница на Народното собрание и ќе ја поднесеме декларацијата денеска“, изјави Костадин Костадинов, лидерот на Преродба.
Според него, во декларацијата треба да пишува дека Бугарија мора да ги информира своите партнери во Европската Унија за тоа што се случува од другата страна на границата – дека има саботажа против паневропските политики и една од нив е Коридорот 8.
„Кога сакате да бидете во заеднички европски дом, мора да ја почитувате политиката на овој заеднички европски дом. Еден од условите е да имате политика на добрососедство“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.