Свет
Захарова: ЕУ го изгуби умот и е на пат кон пропаст

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Европската Унија го изгубила умот и дека со доделувањето дополнителни средства за воена помош за Украина тргнала на патот кон пропаст.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера во Брисел изјави дека ЕК дополнително ќе одвои околу 160 милиони евра за помош на енергетскиот систем на Украина, што вклучува 60 милиони за хуманитарни потреби и 100 милиони за поправки и реконструкција, дека оваа сума ќе биде обезбедена од приходи од замрзнати руски средства.
Фон дер Лајен денеска за време на посетата на Киев изјави дека ЕУ ќе ѝ додели на Украина заем до 35 милијарди евра, пренесува „РИА новости“.
Захарова го повтори тврдењето дека ЕУ ја загубила својата автономија и е подредена на целите на Вашингтон велејќи дека Брисел ја изгубил секоја власт.
„Сега ЕУ го изгуби умот. Тоа е курс што води кон ескалација на тензиите со Русија“, рече Захарова.
Таа ги обвини западните земји за кражба на руски имот.
„Крадат сè, недвижен имот, движен имот, суверена сопственост. Перењето на овој незаконски стекнат имот буквално се случува пред наши очи преку купување оружје за Украина“, рече Захарова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кина го губи „Тик-ток“ во САД, „Бајт денс“ останува со мал удел

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша уредба со која се потврдува договорот за одвојување на „Тик-ток“ од кинеската компанија „Бајт денс“ и пренос на мнозинскиот удел во рацете на американски инвеститори.
Според планот, конзорциум предводен од софтверскиот гигант „Оракл“ ќе управува со американските операции на „Тик-ток“, ќе ги чува податоците во домашни сервери и ќе добие лиценца за алгоритмот што препорачува содржини. Очекувањата се американските инвеститори да држат околу 80 отсто од уделите, додека „Бајт денс“ ќе остане со минорен дел.
„Тик-ток“ во САД има околу 180 милиони корисници, а со овој договор платформата ќе продолжи да биде достапна под американска контрола и построг надзор. Од администрацијата на Трамп велат дека целта е заштита на националната безбедност и податоците на корисниците.
Свет
Трамп: Нема да дозволам Израел да го анектира Западниот Брег

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да дозволи Израел да го анектира Западен Брег, одбивајќи ги барањата на дел од крајно десните израелски политичари за проширување на израелскиот суверенитет врз оваа територија.
„Не, нема да дозволам. Тоа нема да се случи. Доста е, време е ова да запре“, рече Трамп во Белата куќа, објаснувајќи дека темата ја покренал по телефонскиот разговор со премиерот Бенјамин Нетанјаху за состојбата во Појасот Газа.
Притисокот за анексија доаѓа од дел од десното крило на коалицијата на Нетанјаху, кое бара формално воведување на израелскиот суверенитет врз Западен Брег. Овие барања предизвикуваат силна загриженост кај арапските лидери, од кои дел се сретнаа со Трамп на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Западен Брег е освоен од Израел во војната во 1967 година. Палестинците со децении го бараат како дел од својата идна држава, заедно со Источен Ерусалим и Појасот Газа. На оваа територија денес живеат околу 2,7 милиони Палестинци и околу 700.000 израелски доселеници. Повеќето земји во светот не ги признаваат израелските населби таму и ги сметаат за нелегални според меѓународното право.
Изјавата на Трамп доаѓа во чувствителен момент на засилени судири во Газа и зголемен дипломатски притисок за изнаоѓање долгорочно решение за израелско-палестинскиот конфликт.
Свет
Трамп најави нови царини на лекови, камиони и мебел

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека од 1 октомври ќе стапат на сила нови царини: 100 отсто на увоз на брендирани лекови, 25 на тешки камиони, 50 на кујнски ормари и 30 проценти на тапациран мебел.
Трамп изјави дека целта е заштита на домашното производство и националната безбедност, додека Американската стопанска комора и повеќе сојузници предупредија дека мерките ќе ги погодат блиските трговски партнери и голем дел од индустријата.