Македонија
Објавени конкурсите за стипендии за студии од втор и трет циклус на високообразовните установи

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави конкурсите за стипендии за студии од втор и трет циклус на високообразовните установи во државата за академската 2024-2025 година.
Месечниот износ на стипендијата за постдипломски студии е 9.000 денари за девет месеци во годината. За докторски студии ќе се исплаќаат 18.000 денари месечно, во текот на целата година. Рокот за аплицирање е 1 ноември годинава.
Вкупно 50 стипендии за постдипломски и 20 стипендии за докторски студии ќе бидат доделени на македонски граѓани кои ќе се запишат на некоја од домашните високообразовни установи на програми од повеќе научни подрачја. Тоа се хуманистичките и општествените науки, а од природно-математичките науки – биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика.
Од инженерство и технолошки науки – електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, сообраќај и транспорт, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство, инженерство за заштита на животна средина, инженерство за заштита на работна средина и индустриско инженерство и менаџмент.
Од оваа година за стипендиите за постдипломски студии ќе може да аплицираат и студенти кои имаат завршено прв циклус на студии во траење од три години, односно 180 ЕКТС.
МОН ги повика заинтересираните кандидати да аплицираат доколку ги исполнуваат условите. Потребните документи може да се достават на адреса или во писарницата на Министерството за образование и наука, ул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје (со назнака стипендии за академски студии од втор циклус во земјата) или електронски на: https://e-uslugi.mon.gov.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.