Македонија
Првиот вицепремиер Изет Меџити учествуваше на Самитот на иднината во Обединетите нации
Првиот вицепремиер и Министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска учествуваше на Самитот на иднината во Обединетите нации. Овој самит собра повеќе од 150 лидери на држави и влади од целиот свет за да разговараат за предизвиците и можностите поврзани со иднината на човештвото.
„Како прв потпретседател на Владата на Република Северна Македонија, учествував на Самитот на Иднината во Обединетите нации, каде заедно со високата државна делегација, вклучително и претседателката Гордана Силјановска Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, ја претставувавме нашата земја во овој голем глобален настан. Овој самит собра повеќе од 150 лидери на држави и влади од целиот свет за да разговараат за предизвиците и можностите поврзани со иднината на човештвото“, рече Меџити.
Меџити понатаму додаде дека на отворањето на самитот, каде што бил присутен, главниот фокус бил ставен на Пактот за иднината, амбициозен документ кој има за цел да изгради нова рамка за меѓународна соработка и одржлив развој.
„Во овој контекст, ги слушнавме инспиративните говори на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и на германскиот канцелар, Олаф Шолц, кои ја истакнаа важноста на глобалната соработка за соочување со најголемите предизвици на нашето време“, додаде Првиот вицепремиер.
Пактот за иднината е сеопфатен документ кој се однесува на широк опсег на критични прашања. Вклучува поглавја за човекови права, родова еднаквост, одржлив развој, наука, технологија и иновации, како и дигиталната соработка. Меѓу другото, се истакнува важноста од ангажирање на младите и зачувување на интересите на идните генерации кои се во центарот на трансформацијата на глобалното владеење.
Покрај учеството на овој форум на високо ниво, агендата на Меџити во Њујорк вклучува и серија состаноци со американски сенатори и други политички и економски лидери. „Овие средби ќе се фокусираат на продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и САД во клучните области како зелената енергија, технологијата и одржливиот развој, како и да се разговара за перспективите на нашата земја во меѓународните процеси“, појасни Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Камерите на Безбеден град од февруари нема да простуваат, ќе мора да се вози побавно, инаку ќе се казнува строго
Од 1 февруари стартува целосната примена на системот „Безбеден град“, откако Собранието го изгласа Законот за прекршоци, со што се отвора патот за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци преку камери и софтверска контрола. Властите уверуваат дека целта е поголема безбедност, но граѓаните се прашуваат – дали новиот систем навистина ќе ги намали сообраќајните несреќи или ќе значи уште еден сериозен удар по домашниот буџет.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, преку објава на социјалните мрежи, порача дека со оваа законска измена државата конечно презема системски чекори за справување со сообраќајниот хаос. Според него, имплементацијата на „Безбеден град“ претставува одлука што директно го штити животот и безбедноста на граѓаните, а не механизам за полнење на буџетот преку казни.
Во тест периодот, како што посочува министерот, дел од граѓаните веќе го смениле однесувањето во сообраќајот, што резултирало со поголема дисциплина и почитување на правилата. Тошковски оцени дека тоа е показател дека системот може да даде резултати и дека превенцијата е неговата суштина, а не репресијата.
Сепак, со стартот на целосната примена од 1 февруари, неизбежно е и прашањето за финансискиот товар што ќе го почувствуваат граѓаните. Автоматските казни, без можност за „попустливост“, значат дека секој прекршок ќе биде евидентиран и санкциониран, што за многумина може сериозно да влијае врз месечниот буџет, ако возачите не внимаваат на сообраќајните правила.
Дали „Безбеден град“ ќе донесе помалку сообраќајни несреќи, повредени и жртви, или ќе се претвори во уште еден извор на незадоволство кај граѓаните, ќе покаже праксата. Јасно е само едно – од 1 февруари, сообраќајните правила ќе мора строго да се почитуваат, бидејќи камерите нема да простуваат.
Македонија
Со понудени куќи, булдожери и милионска гаранција конзулот Марковски излезе од притвор
Куќа со двор и 3 стана во Битола, 25 булдожери и камиони, се гаранцијата која ја дал сопственикот на „Марковски компани“ и почесен конзул на Белорусија, Борче Марковски за да биде пуштен од притвор.
Одлуката ја донел Основниот суд во Битола иако претходно битолското Обвинителство се изјаснило негативно по неговото барање. Судот донел одлука за мерки на претпазливост, односно еднаш неделно да се јавува во судот. Привремено му е одземен пасошот.
Од Обвинителството дале и приговор во однос на надлежноста на Кривичниот совет од битолскиот Суд, бидејќи сметале дека Апелационит суд треба да одлучува. Во јануари годинава битолското Обвинителство поднесе обвинение против Борче Марковски и уште двајца вработени во фирмата, како и против петмина поранешни раководители во РЕК Битола, меѓу кои и поранешниот директор Пеце Матевски. Марковски беше во притвор по апсењето на 9 октомври. Тој и уште седум лица се сомничат дека незаконски наплатиле над 1, 7 милиони евра од РЕК Битола, иако дел од договорените работи не биле извршени.
Тој е во центарот на аферата со ископ на јаглен за „РЕК Битола“ со години важи за највлијателен во регионот. Неговата компанија, основана во 2002 година, во 2024 година остварила приходи од над 45 милиони евра, сума која ја позиционира меѓу најголемите градежни фирми во Македонија. „Марковски Компани“ со години добивала огромни договори во РЕК Битола, ископ на јаглен, јаловина, одржување и механизација. Најголемиот тендер во 2023 година беше вреден рекордни 46 милиони евра.
Во врска со ова, со соопштението до јавноста реагираше и Основниот суд Битола. Во него, на крајот се вели:
Во интерес на јавното мислење напоменуваме дека со обвинението осомниченото физичко лице се терети дека незаконито заради незавршени работи, на осомниченото правно лице му била исплатена имотна корист во вкупен износ од 106.200.000,00 денари, од кои 90.000.000,00 денари, претставуваат надомест за вршење на договорни услуги, а 16.200.000,00 денари, претставуваат износ на ДДВ по стапка од 18%.
„Со привремените мерки замрзнати му се парични средства од 4.073.643,00 денари и 572,97 евра, како и финансиските средства кои се наоѓат на сметките на осомниченото правно лице во износ од 2.813.636,00 денари. Гаранцијата е определена на износ од 303.879.265,00 денари или 4.937.317 евра, што значи дека гаранцијата е скоро три пати повисока од евентуалната имотна корист, а и му се замрзнати финансиски средства. Крајно од страна на Основното јавно обвинителство Битола дадено е позитивно мислење за прифаќање на гаранцијата во износ од 169.286 евра – во недвижен имот, за едниот осомничен. Друго е прашањето и зошто од 9 (девет) обвинети, во текот на истражната постапка само за двајца е предложена мерка притвор од страна на Основното јавно обвинителство Битола.“
Македонија
Од денес повремени врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно, претпладне со појава на магла по одделни котлини. Во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со појава на магла, попладне со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во недела времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во понеделник, кога и на некои од повисоките места ќе преминуваат во снег. Преодно стабилизирање на времето се очекува во вторник, а од среда повторно ќе има нови врнежи од дожд, а на планините од снег.

