Култура
Дел од уметничкиот концепт изложен во Њујорк, Дан и Лиа Пержовски ќе го пренесат и во МСУ – Скопје

Светски реномираните уметници Дан и Лиа Пержовски, кои пристигнаа во Скопје веќе ги исцртуваат ѕидовите на Музејот на современата уметност – Скопје, и се подготвуваат за нивната самостојна изложба, која ќе биде отворена во четврток, 26 септември, во 20 часот. Кураторка на изложбата е Мира Гаќина.
Пред официјалното отворање на изложбата, во 19.30 часот, Дан и Лиа ќе направат музејска тура за посетителите, кои се заинтересирани одблизу да ја доживеат нивната уметничка практика, која ги поместува границите на современата уметност денес.
Уметничкиот пар досега ги има исцртано ѕидовите во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен… така што ова е исклучително ретка можност да ги имаме во МСУ – Скопје.
Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот ќе се претстави со проектот „Обновени вести“ (ReNews), фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Замислен како динамична и еволутивна визуелна хроника, која реагира на тековните настани и промените во светот. Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на интензивен начин ја истражуваат и визуелизираат комплексноста на современата политика и општество. Дан Пержовски се фокусира на тоа како медиумите и информациите влијаат на нашето разбирање на светот, и „Обновени вести“ е негов обид да ги истражи и предизвика традиционалните наративи и начин на известување. Со тоа, ги поттикнува гледачите да размислуваат за информираноста, пропагандата и моќта на медиумите.
Дел од неговата изложба е и интерактивна. На поставката ќе има ѕид, каде посетителите ќе можат да цртаат или напишат нешто доколку имаат што да кажат.
„Моите цртежи се инспирирани од медиумите, особено од печатените медиуми. И многу често преку цртежот ја визуелизирам сржта, она што е нагласено во информацијата. Теми како војна, емигратски кризи, богати наспроти сиромашни… се теми кои постојано се повторуваат во различни околности. Дел од овој концепт веќе го имам изложено во Њујорк пред неколку години, во продолжена и надополнета верзија го пренесувам и во МСУ, бидејќи е се уште актуелен“, вели Дан.
На изложбата во МСУ ќе бидат изложени и цртежите кои Дан ги има донирано на МСУ- Скопје.
Лиа Пержовски истражувачка, уредничка и концептуална уметница ќе се претстави со проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ – (Survival Kit (a selection from Knowledge Museum)) во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела. Сет за преживување е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот.
Проектот вклучува и различни интерактивни компоненти, кои ги поттикнуваат гледачите да се вклучат и да размислуваат на поинаков начин, користејќи ги визуелните елементи за да создадат нови перспективи и критичко размислување.
„Во мојот изложбен простор креирав две институции, архива од современата уметност и музеј на знаењето. Денес светот живее во хибридна војна, освен воените жаришта, тука се и пандемиите, глобалното затоплување… Па затоа изложив објекти – неопходен сет за камуфлажа и преживување. Но она што им е најмногу потребно на луѓето денес е знаењето. Земјите се менуваат многу брзо, затоа треба да бидеме адаптибилни и покреативни. Во рамки на изложбата направив и времеплов на уметноста од нејзините почетоци до денес. Изложбата е повеќеслојна и покрај уметноста и знаењето се занимава и со аспектите кои го градат идентитетот на еден човек“, вели Лиа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток

Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток, во 20 часот со концертот насловен „Класика РеСтарт“ на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантјаго Канон Валенсија, а диригент е маестро Јерухам Шаровски. На програмата се дела од Бете Илин, Едвард Елгар и Антонин Дворжак.
Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, потенцираше дека новата концертна сезона 2025-2026 е насловена „#Без филтер“ бидејќи класичната музика не подлежи на вештачки разубавувања, дека станува збор за уметност без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик.
„Оркестарот на Македонската филхармонија и во сезоната 2025/2026 ќе тргне во нова звучна авантура со возбудливи солисти и диригенти кои ја испишуваат денешната историја на класичната музика и се етаблираат на светската сцена како врвни уметници. Нашата публика повторно ќе има привилегија да доживее неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство“, вели Имери.
Директорот на Филхармонија го најави и гостувањето во „Музикеферјан“ во Виена , на 28 октомври, на матичната сцена на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт кој се одржува секој 1 јануари.
„Во Виена ќе се претставиме со спој на македонската традиција и европската класика – ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски, Бете Илин, Сони Петровски како и Симфонијата број 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја, и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот“, истакна Имери.
Култура
„Македонска крвава свадба“ – дигитално реставрирана проекција во рамките на „Сезона на филмски класици“

Oваа година, на 2 октомври, со почеток во со почеток во 20:00 часот – во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на дигитално реставрираниот филм „Македонска крвава свадба“ (1967, режија:Трајче Попов), како дел од проектот „Сезона на филмски класици“.
Проекцијата на овој класик е посебно значајна, бидејќи на домашната публика ѝ овозможува повторно да го доживее филмот во неговата обновена, дигитално реставрирана верзија, а на младите генерации да се запознаат со еден од најрепрезентативните примери на македонската филмска традиција. Со цел да се овозможи што поширока достапност, филмот во исто време ќе биде емитуван во живо преку Јутуб каналот на Кинотеката, овозможувајќи ѝ на публиката надвор од Скопје и Македонија да го проследи ова значајно културно случување.
Овој значаен настан е дел од европскиот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season of Classic Films) – иницијатива на Асоцијацијата на европски кинотеки (Association des Cinémathèques Européennes – ACE), поддржана од програмата „Креативна Европа“ – МЕДИА на Европската унија. Во рамки на овој проект, Кинотеката ги дигитализираше и дигитално ги реставрираше филмовите МИРНО ЛЕТО, ФРОСИНА, МЕМЕНТО и МИС СТОН, како и кратките етнолошки филмови МАРИОВСКА СВАДБА, ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ и РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ.
„Сезоната на филмски класици“ претставува уникатна можност за европската и светската публика повторно да ги открие ремек-делата на филмското наследство, со акцент на културната разноличност и историјата на филмот.
Од своето основање, проектот овозможи реставрација и повторна дистрибуција на над 210 европски филмови, а оваа година низ програмата се претставуваат повеќе од 40 новореставрирани филмски дела од 27 европски филмски архиви. Во тој избор влегува и филмот МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА, како еден од најзначајните македонски филмови којшто го доловува историскиот и културниот контекст на нашата земја и кој претставува камен-темелник во развојот на националната кинематографија.
Со оваа проекција, Кинотеката се приклучува кон европската мрежа на институции кои го негуваат и промовираат филмското наследство, овозможувајќи старите филмови повторно да заживеат пред нови генерации гледачи.
Култура
На 4 октомври, Бела ноќ во Скопје

Универзална сала и Град Скопје ја најавија 21. изведба на културната манифестација „Бела ноќ“, која ќе се одржи во сабота, на 4 октомври 2025 година.
Целиот град ќе се претвори во уметничка сцена преку концерти, изложби, литературни читања, мултимедијални изведби и перформанси отворени за сите граѓани и посетители.
Во програмата се вклучени бројни локации:
Сули Ан (20:00 ч.) – мултимедијални презентации и изложби на тема „Стара скопска чаршија: визии за иднината“, по што следуваат DJ сетови на Дарко Јорданов, Бојан Јанев и диџеј Женева.
Музеј на македонската борба (20:00 ч.) – изложба „Од чета до армја“.
Научен музеј (20:00 ч.) – изложба „Преспанско езеро – бисер на природата“.
Детски културен центар (11:00 ч.) – детска ликовна изложба.
Библиотека „Браќа Миладиновци“ (19:00 ч.) – промоција на книга „Работилница за поправка на чувства – втора антологија на иднината“.
Музеј на Град Скопје (19:00 ч.) – изложба на ДЛУМ.
Младински културен центар (20:00 ч.) – претстава „Велигденски варијации“ и изложба на детски цртежи на Славица Копенкова.
Настани ќе се одржат и во Културниот дом „Кочо Рацин“ и во Културно-информативниот центар.
Организаторите порачуваат дека „Бела ноќ“ е симбол на културната отвореност на Скопје и можност за поврзување на граѓаните и уметниците преку заедничко креативно искуство.
Манифестацијата е во организација на Универзална сала, со финансиска поддршка од Град Скопје.