Свет
По земјотресот со јачина од 5,9 степени во Јапонија, цунами го погоди островот Хачијо јужно од Токио

По земјотресот со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала, цунами високо 50 сантиметри денеска го погоди островот Хачијо јужно од Токио, соопшти Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА).
Според полицијата, засега нема повредени.
Епицентарот на земјотресот бил во водите кај Торишима на архипелагот Изу, на длабочина од околу 10 километри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Њујорк Тајмс: Путин постигна дипломатска победа во разговорот со Трамп

Рускиот лидер Владимир Путин постигна дипломатска победа во телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, пишува „Њујорк тајмс“.
По телефонскиот разговор со Путин, Трамп изјави дека ги поздравува директните мировни преговори меѓу Украина и Русија, со што ефикасно се откажа од претходното ветување за брзо завршување на конфликтот, се наведува во статијата.
Авторот на статијата го нарече телефонскиот разговор со Трамп, успех за Путин.
Претходно, Ројтерс објави дека разговорот меѓу рускиот и американскиот лидер предизвикал непоправлива штета на политичките позиции на Европа и Украина.
Според написите, резултатите од телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп нема да бидат лесни за прифаќање во Киев и Брисел.
Свет
Маск: „Мислам дека веќе направив доволно“

Додека американските медиуми го мерат секој милиметар за да докажат дека дошло до заладување во односот меѓу Доналд Трамп и Илон Маск, контроверзниот милијардер самиот ги поттикнува ваквите приказни.
Зборувајќи вчера на Економскиот форум во Катар, извршниот директор на „Тесла“ рече дека во иднина ќе троши „значително помалку“ за политика, додавајќи:
„Мислам дека веќе направив доволно.“
Маск ги отфрли инсинуациите дека одлуката е одговор на критиките што ги добил за неговата водечка улога во преобликувањето на државните институции преку Канцеларијата за ефикасност на владата (DOGE).
„Ако во иднина видам причина за политичко трошење, ќе го направам тоа. Во моментов не гледам никаква“, додаде тој.
Маск, кој инвестираше повеќе од 290 милиони долари од свои пари на претседателските избори во 2024 година за да ги поддржи Трамп и републиканците, се етаблираше како значајна политичка фигура. Тој, исто така, се обиде да влијае на изборите, вклучително и на клучната трка за Врховниот суд во Висконсин минатиот месец. Неговата политичка машинерија, пишува „Политико“, инвестираше многу во овие избори, па тие речиси се претворија во референдум за популарноста на самиот Маск.
И тој референдум не помина добро – кандидатот поддржан од демократите победи убедливо, а „Политико“ тврди дека таков исход означил пресвртница во политичкиот ангажман на Маск.
Свет
Инфлацијата во Велика Британија порасна повеќе од очекуваното во април

Британските потрошувачки цени се зголемија повеќе од очекуваното во април, за 3,5 проценти, покажаа денес податоците од Канцеларијата за национална статистика (ONS).
Годишната стапка на инфлација изнесуваше 3,5 проценти во април, по 2,6 проценти во март, што е највисока вредност од јануари 2024 година и најголемо зголемување на стапката од 2022 година, кога инфлацијата вртоглаво растеше, соопшти ONS.
Банката на Англија (BoE) прогнозираше инфлација од 3,4 проценти на почетокот на мај. Веројатно е дека ќе се одржи патот на постепено намалување на каматните стапки, но, како што анализира Ројтерс, најновите податоци веројатно дополнително ќе ги намалат очекувањата на финансиските пазари дека каматните стапки ќе бидат намалени повеќе од еднаш до крајот на 2025 година.
Растот на цените на услугите скокна на 5,4 проценти во април, што е далеку над прогнозата за раст од 5 проценти од страна на Банката на Англија во април.
ОНС соопшти дека периодот на велигденските празници, веројатно придонел за големиот скок на цените на воздушниот сообраќај, кои се зголемија за 27,5 проценти во споредба со март, што е второто најголемо месечно зголемување досега.
Цените на гасот, електричната енергија и водата, исто така, се зголемија во април, заедно со повисоките даноци за работодавците, што веројатно ќе ги зголеми цените.
Главниот економист на централната банка, Хју Пил, вчера изјави дека темпото на намалување на каматните стапки е пребрзо со оглед на сè уште силниот притисок врз платите врз инфлацијата.