Спорт
Енрике: Штета што Мбапе замина во Реал
Килијан Мбапе (25) летово го напушти ПСЖ и како слободен играч замина во Реал Мадрид. Францускиот напаѓач се раздели со клубот кој според одлуката на правниот оддел на француската фудбалска лига е должен да му плати 55 милиони евра. ПСЖ сметаше дека вербалниот договор со кој Мбапе го прости тој долг е валиден, но се чини дека сепак ќе мора да го исплати фудбалерот.
Исто така, во последните месеци од мандатот на Мбапе во ПСЖ се појавија информации дека е во лоши односи со тренерот Луис Енрике.
Сепак, шпанскиот тренер во новото интервју за „Мовистар“ го демантираше ова.
„Килијан е одличен играч и личност која е тешко да се најде кога зборуваме за фудбалери од неговото ниво. Прекрасен играч, штета е што отиде во Мадрид“, изјави Енрике.
Мбапе помина шест сезони во ПСЖ, за кој одигра 308 натпревари и постигна 256 голови. ПСЖ за неговиот трансфер издвои 188 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тренерот на Партизан си поднесе оставка
Тренерот на Партизан, Александар Станојевиќ поднесе оставка по дебаклот против Црвена Звезда во 174. дерби.
„Веднаш по поразот во вечното дерби против Црвена звезда (4:0), тренерот на Партизан Александар Станојевиќ поднесе оставка од таа функција“. пишува српски „Телеграф“.
Пред четири месеци Станојевиќ се врати на клупата на црно-белите кога го наследи Игор Дуљај.
Станојевиќ по дербито се најде на мета на навивачите, кои најпрво скандираа да си замине од клубот, а по мечот се здоби со повреда кога бесните навивачи ги сршија стакланата на соблекувалната.
Со Станојевиќ, Партизан нема победа на последните осум натпревари, што последен пат му се случило пред 44 години.
Спорт
Балотели: Бобан божем сè знае, а другите се идиоти
По поразот на Милан во првото коло од Лигата на шампионите на домашен терен од Ливерпул (1:3), Звонимир Бобан од позицијата стручен консултант на „Скај Спорт“ упати низа критики кон својот поранешен клуб и тренерот Паоло Фонсека.
Бобан играше во Милан во текот на деведесеттите години на минатиот век, а во клубот работеше и како директор од јуни 2019 до март 2020 година.
Продажбата на Сандро Тонали во Њукасл Бобан ја оцени како голема грешка, а го критикуваше и тренерот Пауло Фонсека кој на шест натпревари во Милано оствари само две победи.
Поранешниот хрватски репрезентативец го критикуваше Пауло Фонсека за изборот на играчите за овој натпревар, додаде дека верува оти „Рајндерс не е шестка, туку осумка“, и дека „Лофтус-Чик не е десетка, туку осумка“. и се запраша:
„Како да се игра 4-3-3 со нив двајца, размислува ли за промени“.
Тоа не му се допадна на Марио Балотели, кој во емисијата „Вокс ту Бокс“ на Контракалчо оцени дека однесувањето на Бобан кон Фонсека е неприфатливо:
„Не ми се допаѓа како зборува Бобан. Изгледа тој знае се и дека само неговите идеи се исправни, а сите други се идиоти. Многу е дрско да му се кажуваат вакви работи на Фонсека, тој му кажува на тренерот како да си ја заврши работата. Кој си ти? Бобан напаѓа од високо и немам проблем да кажам дека ме нервира. Ако убаво го објасниш својот став, во ред е. Во спротивно, оди по ѓаволите“, изјави Балотели.
Спорт
Артета: Еден фудбалер има сериозна повреда, ќе дознаете наскоро
Не стивнува бурата околу дербито Манчестер сити – Арсенал. На двете екипи им претстојат натпревари во Лига купот, а тренерот на Арсенал, Микел Артета откри дека клучен играч заработил сериозна повреда.
Арсенал одреден период ќе биде без капитенот Мартин Едегор (не играше и во дербито), а Артета не сакаше да открие кој е новиот повреден играч. Изјави дека утре ќе забележат сите за кого станува збор кога ќе го објави составот за натпреварот против Болтон во Лига купот.
„За жал, неколку играчи нема да можат да играат. Еден од нив има посериозна повреда. Ќе дознаете утре“, изјави Артета.
Она што можеше да се забележи на дербито е дека на теренот во одреден момент лежеа Рикардо Калафиори, Давид Раџа, Јуријен Тимбер и Габриел Мартинели.