Свет
(Видео) „Бомбите ме разбудија“: паника во Либан, луѓето се кријат во училиштата
Илјадници семејства во Либан ги напуштаат своите домови во страв од израелски напади врз цели поврзани со Хезболах и се упатуваат кон север.
Тие бегаат со автомобили, камиони, мотори, а некои дури добија и предупредувачки пораки на своите мобилни уреди од израелската армија.
Захра Савли, студентка од јужниот град Набатие, изјави за Би-би-си дека бомбардирањето било интензивно.
Last night’s Traffic Jams over the 20-Mile Stretch of Highway between the Southern City of Sidon and Beirut continue into the morning, as Residents of Southern Lebanon continue to Evacuate. pic.twitter.com/1KjBquIour
— OSINTdefender (@sentdefender) September 24, 2024
„Се разбудив во 6 часот наутро од звукот на бомбите. До пладне стана многу интензивно и видов многу удари во мојата област“, рече Савли.
Таа додаде дека слушнала звук на кршење стакло.
Според податоците на либанското Министерство за здравство, во нападите до понеделникот вечерта загинале 492 лица, а повеќе од 1.600 биле ранети, меѓу кои најмалку 35 деца. Израелските сили извршија 1.100 напади во изминатите 24 часа, вклучително и воздушен напад во јужен Бејрут, чија цел беше висок командант на Хезболах.
Стравот се прошири и во Бејрут, каде што многу жители исто така го напуштаат градот додека пристигнуваат бегалци од јужен Либан. Израел ги предупреди луѓето да ги напуштат областите во кои Хезболах складира оружје, а предупредувања се испратени и до населбите што не се сметаат за упоришта на Хезболах, вклучително и Хамра, дел од градот со многу владини институции, банки и универзитети.
Училиштата веднаш беа претворени во засолништа за евакуирани лица, а на болниците им беше наредено да ги откажат сите операции што не се итни како подготовка за напливот на жртви.
Иако ситуацијата во Бејрут е тензична, некои жители се решени да останат, пренесува медиумот.
„Доколку дојде до војна, како Либанци ние мораме да застанеме заедно без оглед на политичките разлики бидејќи нашата земја е таа што се бомбардира“, изјави соговорник за Би-би-си.
Многу други, како трговецот Мохамед Сибаи, го прифаќаат насилството како неизбежно.
„Ако сакаат војна, што можеме ние?
Патиштата кон Бејрут беа непроодни додека луѓето од градовите, како Тир, каде што може да се видат облаци од чад од ударот, се обидуваат да побегнат во побезбедни области, пренесува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски по средбата со Трамп: Чекам датум за потпишување на историскиот договор
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека со американскиот претседател Доналд Трамп во Давос разговарале за прашања поврзани со противвоздушната одбрана, безбедносни гаранции и финансирање на обновата на Украина, вклучувајќи ја и областа Донбас.
Како што пренесе „Европска правда“, Зеленски појасни дека договорот за безбедносни гаранции е подготвен за потпишување и изрази надеж дека САД ќе реагираат позитивно.
„Сега чекам претседателот Трамп да предложи датум и место. Подготвени сме да го потпишеме овој документ, кој за нас е историски важен“, рече тој, додавајќи дека договорот ќе треба да биде ратификуван од Конгресот на САД и од украинската Врховна рада.
Во врска со финансиската помош, Зеленски спомена дека пакетот документи познат како „план за просперитет“ сè уште не е финализиран. „Важно е да се утврдат јасни и транспарентни извори на финансирање, затоа што токму тие ќе бидат темелот на обновата на Украина во наредните години“, истакна тој.
Тема на разговор била и областа Донбас. Според Зеленски, прашањето ќе продолжи да се разгледува во Абу Даби, каде што е најавена дискусија за ставовите на трите страни: Русија, Украина и САД.
Состанокот на Зеленски и Трамп се одржал вчера и траел околу 50 минути. Обата тима го оцениле како „добар“ и „многу добар“.
Регион
Бугарскиот уставен суд ја прифати оставката на Радев, Јотова ја презема функцијата
Уставниот суд ја прифати оставката на бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат бугарските медиуми.
Според одлуката на судиите, овластувањата на Румен Радев како претседател престануваат предвреме со потврдувањето на неговата оставка од страна на Уставниот суд . Одлуката стапува во сила денес, 23 јануари.
Уставниот суд го разгледа барањето на Радев без да мора да го сослуша или да побара дополнителни докази, бидејќи испитувањето беше ограничено на утврдување на лична изјава за волја – прашање кое, според судот, нема сложени правни пречки.
На расправата учествуваа 12 уставни судии, а за уставниот случај извести судијката Павлина Панова.
Оставката ја поднесе Радев по обраќањето до бугарскиот народ на 19 јануари, во кое објави дека се повлекува од функцијата со цел активно да учествува на претстојните предвремени парламентарни избори и евентуално да учествува во политички проект или партија.
„Инвестор.бг“ потсетува дека одлуката на Уставниот суд е историска – ова е прв случај во поновата историја на Бугарија во кој актуелен претседател поднесува оставка пред истекот на мандатот, а судот го разрешува од функцијата.
Потпретседателката Илијана Јотова автоматски ја презема функцијата нов шеф на државата до крајот на нејзиниот мандат на 21 јануари 2027 година. Таа ќе ги извршува функциите на претседател, вклучително и назначување на привремена влада и подготовка за следниот изборен процес.
Фото: ЕПА
Регион
Дедото уапсен под сомнение за обљуба над малолетната внука во Белград
Полицијата на територијата на Белград го уапси Г. М. (57) бидејќи постоеле основи на сомнение дека сторил кривично дело обљуба над дете.
Жртвата е неговата четиринаесетгодишна внука, која ја дала изјавата во присуство на нејзината мајка, според медиумите во соседството.
Осомничениот е задржан од полицијата до 48 часа, во кој период ќе биде приведен на сослушување.
Според написите, се сомнева дека дедото наводно го сторил ова тешко кривично дело врз својата внука во неколку наврати.
Случајот го презеде Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ќе спроведе понатамошна истрага. Бидејќи жртвата е малолетно лице, истражните органи ќе ги преземат сите мерки за заштита на интегритетот на детето, а изјавата ќе биде земена во присуство на експерти и психолози.
Кривичниот законик на Србија предвидува исклучително строги санкции за злоупотреба на деца. За најтешките форми на ова кривично дело, особено кога има роднинско сродство или злоупотреба на положбата, се заканува затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Сите надлежни служби, вклучително и Центарот за социјална работа, се вклучени во обезбедување поддршка и заштита на жртвата од самиот момент на пријава, според медиумите.

