Македонија
Мицкоски: За една година од мандатот, инвестираме 21 милијарда денари во капитални проекти во општините
Можам да кажам дека повторно Македонија се гради после долгогодишен застој, конечно почнуваме да го надополнуваме тоа коешто годините позади нас беше запустено, заборавено, а ветувано, неисполнето. За разлика од минатото можам да кажам дека градоначалникот овде во Општина Ѓорче Петров заедно со дел од советниците коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот, администрацијата, заедно со пратениците во Парламентот, со пратеникот тука од Општина Ѓорче Петров, заедно со Министерството за образование и наука, во периодот којшто следи ќе имаат голем број инвестиции овде, но и оваа инвестиција денеска овде којашто е од буџетот на Општината, покажува дека Македонија се гради и дека граѓаните ќе ги добијат оние услови коишто се потребни за поголем квалитет во нивниот живот, рече премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски.
„Јас само честитам за ваков тип на проекти, како Влада продолжуваме сето ова да го поддржуваме и во периодот којшто следи. Завршен е оној повик за аплицирање на проекти коишто ќе бидат финансирани од централниот буџет. Општина Ѓорче Петров достави такви проекти до Министерството за локална самоуправа. Очекувам веќе во следната недела да имаме список на проекти коишто ќе бидат финансирани и процесот сам по себе да започне некаде од првата недела или би рекол првата половина на октомври месец. До крајот на октомври да бидат завршени тендерските процедури и веќе првата половина на ноември месец офанзивата да продолжи. Доколку временските услови дозволат, во текот на зимата да имаме навистина огромна теренска активност и градба на нови проекти и веќе следната година дел од нив и да ги завршуваме и да ги пуштаме во употреба.
А на почетокот на следната година ќе ве потсетам, повторно ќе имаме таков повик. Во првичната верзија од Буџетот којашто се прави за 2025 година предвидени се 15 милијарди денари за ваков тип на проекти и веќе општините ќе можат уште еднашка да аплицираат со проекти коишто ќе значат поквалитетен живот на нашите сограѓани“, додаде Мицкоски.
Како што посочи, оваа активност првпат се случува, досега никогаш во независна Македонија ова не се случило.
„Само за една година ќе имаме повеќе 20-21 милијарда денари коишто ќе бидат инвестирани од централниот буџет за општините. Уште еднаш дозволете ми на крај да го изразам моето задоволство, прво на поканата, а второ и на реализацијата на ваков тип на проекти. Да му честитам на градоначалникот, на администрацијата, на советниците, пратениците, на Министерката и сите останати кои што придонесуваат во работата на оваа општинска администрација и да им посакам уште многу вакви проекти да бидат реализирани во периодот којшто следи“, заврши Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара украденото да се врати кај народот
Опозициската СДСМ обвини дека власта спроведува, како што наведуваат, грабеж преку криминални тендери, во време кога во државниот буџет недостасуваат две милијарди евра.
Од партијата посочуваат дека 161 тендер биле доделени на една фирма, 51 тендер на, како што велат, омилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ преку општините, девет милиони евра на фирма со двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта на Северна Македонија.
Според СДСМ, станува збор за милионски суми и голем број тендери кои, како што тврдат, завршуваат кај исти фирми.
„Украденото мора да се врати кај народот“, наведуваат од партијата, додавајќи дека за тоа да се случи мора да има одговорност за криминалните тендери.
Од СДСМ сметаат дека одговорноста треба да започне од, како што ја нарекуваат, тендер коалицијата ВМРО–ЗНАМ и дека нема борба против криминалот и корупцијата без одговорност на врвот на власта.
Во соопштението се наведува дека наместо празни зборови за промоција, премиерот Христијан Мицкоски треба да ги повика обвинителите и судиите кои ги поставува и постапките да започнат од 161 тендер, потоа од 51 тендер и од тендерот во Поштата.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.

