Македонија
Мицкоски: За следната година предвиден е раст на платите во образованието и во други институции
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, на новинарско прашање, дали наредната година може да се очекуваат раст на платите во државната администрација изјави:
„Па ќе има, предвидено е тоа во рамките на Буџетот, имаме една работна верзија којашто ја до средуваме. Оваа недела би требало да ја до средиме и почетокот на следната и очекувам веќе следната недела да се најде на владина седница предлог-верзија на Буџетот за следната година. Па потоа, нормално како што е редот и процедурите да се најде пред пратениците во македонското Собрание. Така што предвидени се раст на платите и во рамките на образованието и во рамките на некои други од институциите, во зависност од можностите. Очекувам консолидирањето да заврши до крајот на годината“.
Премиерот Мицкоски истакна дека поголем дел од наследените долгови од претходната власт се враќаат, очекува следниот месец државата да влезе во позитивно салдо.
„Веќе големиот дел од долговите полека, но сигурно се враќаат, полека сметката на Владата излегува од она негативно салдо коешто го наследивме. Ќе потсетам сметката на Владата, 24 јуни беше околу минус 12 милијарди денари, минус 200 милиони евра, сега сме тука некаде се приближуваме кон позитивна нула. Очекувам дека овој месец октомври, веќе ќе влеземе во плус. Дел од долговите се враќаат, заборавените обврски се исполнуваат. Морам да ви кажам, еве денеска пред да дојдам тука имав состанок со директорот на поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, таму долгувањата се некаде околу 5 милијарди денари. Некако оваа петка им станувала заштитен знак. Пет милијарди долгови за пензионерите, пет милијарди за Фондот за здравство, пет милијарди ЕСМ итн. итн. Од долгови, како да кажам се таложеле, пари се калапеле во приватни џебови, отприлика таа е реалноста којашто ја наследивме. Но, нема кукање, нема жалење, затоа ја добивме довербата од граѓаните жестоко да работиме и да излеземе од ова мочуриште коешто го наследивме и конечно да влеземе во процес на развој и на проекти“, подвлече премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата и СЗО потпишаа петгодишна Стратегија за соработка во областа на здравството
Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и Аким Али, шеф на Канцеларијата на СЗО во нашата држава, денес потпишаа петгодишна Стратегија за соработка меѓу Владата и СЗО 2026–2030 година. На настанот со онлајн вклучување се обрати и директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
-Денешниот ден отвора ново поглавје во соработката со Светската здравствена организација, заеднички ја потпишавме нашата прва петгодишна Стратегија за соработка – документ кој е создаден заедно со сите институции и партнери и кој ќе ги насочи реформите во здравството до 2030 година. Стратегијата се фокусира на модернизација на примарната здравствена заштита, целосна дигитална трансформација, унапредување на здравствената заштита на мајките и децата, еколошкото здравје и климатската отпорност, согласно „зелената агенда“ на Владата. Исто така со оваа стратегија е опфатена и заштитата на ранливите групи, планирање на човечки ресурси во здравството, јавното здравје, здравствената безбедност и подобра подготвеност при кризни состојби. Стратегијата ни овозможува јасен план, партнерство и поддршка за заедничко реализирање на клучните реформи, посочи по потпишувањето министерот Алиу
Тој ја истакна одличната меѓусекторска соработка и поддршката од другите сектори. Оваа Стратегија го обединува целиот владин систем околу целите за здравје и благосостојба на населението.
-Посебно сакам да се заблагодарам на СЗО и на сите министерства и партнери за нивниот придонес. Со оваа Стратегија го поставуваме темелот за посилно, помодерно и поправедно здравство за сите граѓани. Сето ова е симболична потврда на силната политичка волја, националната посветеност, и партнерството меѓу Владата и СЗО за спроведување на клучните здравствени реформи, истакна Алиу.
Македонија
Перински: Охрид и Крушево го отвораат новиот циклус на ИПА III-проекти за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денес во Охрид го означи почетокот на реализацијата на два нови проекти одобрени во рамките на првиот повик на ИПА III Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија.
Настанот започна со воведни обраќања на Перински, Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Еридана Чано, генерален директор на Државната агенција за стратешко програмирање и координација на помош во Република Албанија, како и градоначалниците на Општина Охрид и Крушево, Кирил Пецаков и Нико Чонески.
Во рамките на настанот беа потпишани два договори за национално кофинансирање меѓу Министерството за локална самоуправа и носителите на проектите, како и Договорот за партнерство за техничката помош на Програмата за прекугранична соработка со Албанија, во висина од 500.000 евра.
„Овие две нови инвестиции во вкупна вредност од повеќе од 1.6 милиони евра ќе придонесат за создавање одржлив туристички производ, кој ја спојува природата, културата и автентичноста на целиот регион.“, истакна Перински.
Проектот „Волонтери во акција за безбедност на луѓето и заштита на природата“ е во рамките на тематски приоритет 1 – Заштита на животната средина и подигнување на отпорноста на регионот, додека пак проектот „Крушево и Елбасан – патување низ природата и авантурата“ е во рамките на тематски приоритет 2 – Развој на одржлив туризам и заштита на природното и културното наследство.
„Министерството за локална самоуправа, како институција надлежна за спроведување на прекуграничните програми со сите соседни земји, продолжува активно да работи на отворање нови можности за искористување на финансиската поддршка што Европската Унија ја става на располагање за регионален развој, интеграција и соработка“.
Македонија
Николоски – Тигањ: Фокус на Владата се инфраструктурните проекти, регионот може да напредува преку економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата Николоски ја потенцираше можноста за интензивирање на економската и трговска соработка меѓу Македонија и Хрватска во интерес на двете земји.
Тој ги презентираше инвестициските планови на Владата за изградба и модернизација на патните и железнички Коридори 8 и 10, како дел од европските транспортни мрежи.
Посебен фокус на средбата се стави на изградба на брзата пруга на Коридор 10, како предуслов за брз и ефикасен транспорт на добра кон Централна и Источна Европа, нагасувајќи ја можноста за учество на специјализирани компании од Хрватска во реализација на овој проект.
Двајцата говорници разменија и мислења околу актуелните политички прашања во земјава и регионот, евроинтегративниот процес и стабилноста на Западен Балкан.
Вицепремиерот Николоски и амбасадорката Тигањ ги потврдија одличните односи меѓу Македонија и Хрватска и се согласија истите да продолжат да се оддржуваат на високо ниво во интерес на меѓусебната соработка и пријателство меѓу двете земји.

