Македонија
(Видео) Петровска: Предлог-законот за бранителите не е шаховска игра, ниту обид за дестабилизација
Изјавите и коментарите на партиите од власта кои ги слушнавме и прочитавме изминативе десетина дена поврзани со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства, по скратена постапка се пораз за демократијата, демант на сите изјави на истите тие политичари кои велеа дека сме свесни за значењето на соживотот, меѓуетничките односни, но и најголем доказ дека некои политичари не ја сфатиле суштината на интеграцијата во Европската унија и не ја сфатиле својата улога во нашето општество, истакна на денешната прес-конференција Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.
Предлог законот, според неа, има една единствена цел, а тоа е да се допрецизира право кое е веќе утврдено во законите и да се предвидат одредби кои ќе значат правилен и правичен надоместок за жртвите и настанатите последици.
„Но, наместо дебата, наместо дисусија за подобрување на текстот на законот, изјавите се сведоа под секое ниво и за жал, партиите на власт наместо да покажат државнички капацитет, покажаа незрело однесување и се впуштија во натпревар за тоа кој ќе го има последниот збор или кој ќе излезе со некој досетлив предлог. Почитувани колеги пратеници од власта, овој предлог закон не е шаховска игра, не е ниту провокација, ниту обид за дестабилизација. Овој предлог закон е одговор на барањето за правда и правичност и тоа се мотивите заради кој овој закон е поднесен. И овој закон не се однесува само на припадиниците на безбедносните сили кои учествувале во воениот конфликт во 2001, туку и на оние кои загинале извршувајќи задачи во интерес и заштита на Република Северна Македонија. Ако денес мене како предлагач ме обвинувате за дестабилизација и скриени намери, тогаш значи ли тоа дека и во ноември 2023 година кога ДПМНЕ го поднесе предлог законот правеше провокација? Дали тогаш нивниот предлог беше предизборен маркетинг и злоупотреба на ова прашање за изборни цели? Не сакам да помислам дека ова е така“, вели Петровска.
Додаде дека јавноста има право да ја знае вистината, и соопши дека предлог-законот кој тогаш бил поднесен како иницијатива од Достоинство бил подготвен во нејзиниот кабинет како министерка за одбрана во координација со Стојанче Ангелов.
„Но, заради неговата одлука да направи предизборна коалиција со ДПМНЕ, тој предлог-законот го поднесе како сопствена иницијатива, а не како предлог на Владата. И тој предлог-закон СДСМ го поддржа. Наместо од ДПМНЕ да уценуваат со писма кои постапката ја враќаат чекор назад, нека го задолжат Претседателот на Собранието да го примени Деловникот, исто онака како што тоа го направи за задолжувањето од Унгарија и согласно член 126 став 3 нека ја закаже седницата на комисијата за труд.
Во спротивно, изјавите на првиот вицепремиер Меџити дека ставот на владејачката коалиција е дека овој закон нема да се донесе ќе биде потврда дека ДПМНЕ во Собранието се само бројка и немаат капацитет да ги реализираат ветувањата“, нагласи Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

