Свет
Претседателот на Иран: Никогаш не сме поддржале руска агресија врз Украина
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк дека неговата земја никогаш не ја поддржала руската инвазија на Украина. Тој исто така ги негира тврдењата дека Иран и испорачувал балистички ракети на Русија.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред две недели изјави дека се точни извештаите во медиумите дека Русија примила пратки со ирански балистички ракети „Фат-360“. Еден ден претходно, Иран негира дека ѝ доставил балистички ракети на Русија тврдејќи дека медиумските извештаи се дел од психолошка војна.
„Ние сме подготвени да седнеме со Европејците и Американците за дијалог и преговори. Никогаш не сме одобриле руска агресија на украинска територија“, рече Пезешкијан.
Тој негира дека ѝ доставувал балистички ракети на Русија. „Можеби имало такви испораки во минатото. Но, можам да ве уверам дека немало такви испораки во Русија откако ја презедов функцијата“, посочи тој.
Украина, ЕУ и САД воведоа дополнителни санкции против Иран поради наводно снабдување со проектили на Русија. Русија и Иран ја продлабочија својата воена и политичка соработка од почетокот на целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Техеран ѝ достави на Москва илјадници беспилотни летала „Шахед“, користени во нападите врз Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанскиoт министер: Ќе бидеме во тешка позиција ако Хезболах продолжи да се коцка
Либан ќе биде во многу тешка позиција доколку Хезболах „продолжи да се коцка“ во конфликтот со Израел, изјави министер од либанската влада за „Скај њуз“.
Како што расте стравот од ескалација, министерот за економија Амин Салам, кој како член на либанската влада не ја претставува шиитската милитантна група Хезболах, поддржана од Иран, рече дека Либан е веќе „во центарот на бурата“ и дека „се случува војна со потенцијално страшни последици“.
„Потребна е одлука дали сакаме да го вовлечеме Либан во понатамошна ескалација и мизерија или дали сакаме да донесеме мудра одлука“, вели Салам.
„Многу е јасно, ако решиме или ако Хезболах одлучи да преземе голем ризик и да се коцка повеќе во оваа војна, ќе платиме многу висока цена што ќе го стави Либан во многу тешка позиција и ќе бидат потребни многу години за да се врати назад“, предупреди Салам.
Тој посочи дека економијата на земјата е во „ужасна ситуација“ со „десетици илјади луѓе кои бегаат“ во потрага по засолниште.
Свет
Германија нема да ги укине ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел
Германскиот канцелар Олаф Шолц потврди дека Германија нема да ги укине ограничувањата на Украина за напади од западно оружје на руска територија.
„Јасно е дека ние секогаш сме многу фокусирани да го поддржиме она што навистина помага и што е неопходно… Ова го подразбира и фактот дека Германија нема да ги укине ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел. Ова не зависи од мојот личен став. Тоа нема да го направиме, а имаме добри причини за тоа“, им рекол Шолц на новинарите непосредно пред средбата со претседателот на Украина Володимир Зеленски во Њујорк, пренесува Тагешау.
Истовремено, тој ја повика ЕУ итно да и ја обезбеди на Украина ветената финансиска помош од 35 милијарди евра.
„Ова е важно за да можат да придонесат и пријателите во Канада, САД, Велика Британија и Јапонија“ додаде германскиот канцелар.
Шолц рече дека неговата позиција нема да се промени дури и ако САД ги укинат ограничувањата.
Свет
(Видео) Џо Бајден во Обединетите Нации: Некои работи се поважни од власта
Претседателот на САД, Џо Бајден, го одржа својот последен говор пред Генералното собрание на Обединетите Нации како претседател на САД. Во своето обраќање, тој рече дека многу луѓе ги гледаат проблемите и реагираат со очај за состојбата во која се наоѓа светот. Тој додаде дека „се уште има надеж“. Ги наведе и предизвиците со кои се соочува целиот свет, вклучувајќи го и конфликтот во Газа, како и војната во Украина и кризата во Судан.
Светот е на уште една пресвртна точка, рече Бајден, додавајќи дека изборите што ги правиме денес ќе ја одредат нашата иднина во децениите што доаѓаат. Бајден потоа зборуваше за конфликтите на Блискиот Исток, кои драматично ескалираа во последната година.
„Сега е време страните да ги финализираат условите“, рече тој за прекинот на огнот во Газа. Повика заложниците да се вратат дома, Хамас да ја изгуби контролата над Газа и да се стави крај на војната. „Исто така, бевме решени да спречиме поширока војна што ќе го зафати целиот регион“, додаде претседателот, мислејќи на ескалацијата меѓу Либан и Израел.
„Дипломатско решение сè уште е можно. Всушност, тоа останува единствениот пат за трајна безбедност“, рече тој, додавајќи дека „целоснта војна не е во ничиј интерес“.
„Дозволете ми да завршам со ова“, вели Џо Бајден на крајот од својот последен говор пред Генералното собрание на Обединетите Нации како претседател на САД, додавајќи: „Никогаш не смееме да заборавиме кого сме тука да претставуваме“.
Тој се осврна и на својата одлука да не бара втор мандат: „Колку што ја сакам мојата работа, ја сакам мојата земја повеќе. По 50 години јавна служба решив дека е време нова генерација лидери да ја води мојата нација .
„Колеги, никогаш да не заборавиме дека некои работи се поважни од останувањето на власт, тоа се вашите луѓе“, рече тој.
„Иднината им припаѓа на оние кои го ослободуваат целиот потенцијал на својот народ да дишат слободно, слободно да размислуваат, да иновираат, да се образуваат, да живеат и да сакаат отворено без страв. Тоа е душата на демократијата“, рече тој.
Пред да замине од говорницата на ОН за последен пат, тој додаде: „Колеги, нема ништо надвор од нашите можности ако работиме заедно. Да работиме заедно“.