Спорт
Рафаел Варан подготвен да ја заврши кариерата
Поранешниот француски репрезентативец Рафаел Варан е блиску до одлука да стави крај на професионалната кариера, пренесуваат италијанските медиуми.
Искусниот дефанзивец (31) летово пристигна во Комо како слободен фудбалер, но веќе на првиот меч против Сампдорија во Купот на Италија се здоби со повреда на коленото и мораше да го напушти теренот по само 23 минути игра.
Состојбата на неговото колено е таква што го чека долга пауза, поради што за првиот дел од сеозната клубот не го лиценцираше за настап во Серија А, а бројни италијански медиуми тврдат дека тој сериозно размислува да ја заврши кариерата.
Варан во Комо дојде како слободен играч од Манчестер јунајтед, а со клубот потпиша договор до 2026 година.
Варан четири пати во кариерата со Реал Мадрид ја освојуваше Лигата на шампионите, а со француската репрезентација во 2018 година стана и светски шампион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Реал три недели без Мбапе
Францускиот фудбалер Килијан Мбапе поради повреда ќе биде надвор од терените во следните три недели.
Мбапе се повреди на натпреварот против Алавес на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, поради што мораше да ја напушти играта во 80. минута.
Ова ќе биде голем удар за тимот на Карло Анчелоти, кој во наредниот период пред себе има неколку тешки натпревари.
Најпрво како дел од Ла Лига, во следното коло Реал ќе му гостува градскиот ривал Атлетико Мадрид, а потоа ќе ги одмери силите во второто коло од Лигата на шампионите против Лил.
Мбапе од оваа сезона е член на тимот на Реал Мадрид, а по осум кола во Ла Лига постигна шест гола со еден повеќе во Суперкупот на Европа и еден во Лигата на шампионите.
Спорт
Сити: Се уште не знаеме колку е сериозна повредата на Родри
Фудбалерот на Манчестер сити, најдобриот играч на последното Европско првенство Родри (28) го повреди коленото на натпреварот против Арсенал во последното коло од Премиер лигата.
Тој ги повреди вкрстените лигаменти, а англиските медиуми пишуваат дека го чека долга пауза веројатно до крајот на сезоната.
„Манчестер сити може да потврди дека Родри заработи повреда на лигаментите на десната нога на натпреварот против Арсенал минатиот викенд. Играчот од средниот ред отпатува во Шпанија за да побара мислење од специјалист по првичните тестови во Манчестер. Проценките се во тек, се уште не е позната сериозноста на повредата и колку би може да отсуствува. Сите во клубот му посакуваат брзо закрепнување, а на нашата страница ќе можете да ги следите сите новости поврзани со неговиот статус“, се вели во соопштението на клубот.
Родри е незаменлив во средниот ред во шпанската репрезентација и Манчестер сити. Тој годинава беше европски првак со Шпанија, додека со Манчестер сити ја освои Премиер лигата. Се наоѓа во најтесниот круг на кандидати за освојување на Златната топка.
Спорт
Барела на принудна пауза
Играчот од средниот ред на Интер, Николо Барела ќе го пропушти саботниот натпревар против Удинезе поради повреда, соопшти клубот.
Барела (27) го повредил бутниот мускул на десната нога, во неделата против Милан. Интер објави дека следната недела ќе биде подложен на уште еден лекарски преглед.
Според италијанските медиуми, Барела ќе го пропушти натпреварот од Лигата на шампионите против Црвена звезда, а потоа и натпреварот од седмото коло во Серија А против актуелниот лидер Торино.