Македонија
(Видео) „Македонија останува изолирана“: за Филипче, раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е катастрофа за граѓаните
Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред се, ова, како што кажа, е огромна катастрофа за иднината на граѓаните.
„За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера. А вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската Унија. Велеа, планот ќе се соопштел откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто го има? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја?“, праша Филипче.
Според него „сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред.
„За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија“, кажа Филипче.
Оцени дека за прв пат во 30 години откако државата го започна својот пат кон ЕУ, владата сама себе се блокира.
„Стравот од било кои идни блокади, е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите не плаши со идни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја. Но она што е видено и се повторува, е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш, од лидери во ЕУ паднавме на последно место. Сега повторно владата на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции“, истакна тој.
Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија.
„Оваа влада е влада без чуство за одговорност, лидерство и грижа за грѓаните. Ова е влада која во 100 дена само се жали, бара оправдувања и внесува параноја во општеството. Наместо за надеж се говори за дестабилизации, наместо за решенија се отвараат нови проблеми, наместо за мир и градење мостови, се создаваат нови надворешни и внатрешни непријатели. Ова се политиките на ВМРО-ДПМНЕ со кои сакаат граѓаните да ги направат гневни, раскарани и откажани од подобар живот“, потенцираше Филипче.
Додаде дека „најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европскиите преговори и спорот со Бугарија.
„Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Значи целта е да се врати наназад односно да се отоври повторно билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош Договор? Свесен е, но тоа е очигледно и целта“, рече Филипче.
Тој е убеден дека со промената на Уставот што е јасен услов од Преговарачата рамка, ништо нема да изгубиме и дека, напротив, ќе добиеме.
„Тоа е најдобриот начин да се заштитиме од натамошни барања и уцени. Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој може да се соочиме, да биде решаван во рамки на ЕУ пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот веќе да нема билатерилизација на проблемот. Со почеток на разговорите ние веќе никогаш нема да преговараме со Бугарија туку со ЕУ и таа е гаранцијата за нашиот пат кон членство“, истакна Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лукаревска: Не се знае колку ќе трае супсензијата на ИПАРД, а во буџетот се кратат 185 милиони денари за земјоделците
Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во рамките на амандманската расправа за буџетот за 2026 година во собраниската комисија за финансирање и буџет, ги повика пратениците да го преиспитаат намалувањето на средствата во програмата за рурален развој за скоро половина и да го прифатат предложениот амандман на СДСМ износот да остане ист како во 2025 година. Годишната стапка во буџетот беше околу 300 милиони денари.
-За 2026 година се предлага намалување на оваа ставка, скоро половина, односно 185,9 милиони денари, или намалувањето е во износ од 115 милиони денари, истакна Лукаревска.
Таа додаде дека суспензијата на ИПАРД, која е актуелна овие денови, создава и големи финансиски проблеми на самите корисници и во сегашно време, меѓутоа и во иднина.
Лукарецска стакна дека скратените буџетски средства се користат за кофинансирање на финансиска поддршка, која корисниците ја добиваат, и тоа ќе биде еден лош сигнал и за земјоделците, меѓутоа и за стопанствениците, коишто очекуваат од Владата, пред се од Министерството за финансии, како креатор на буџетот, паметно и прагматично да ги планира средствата.
-Ние не можеме да знаеме колку време ќе трае самата суспензија, а во тој период веќе ќе имаме одредени обврски коишто ќе мора да се спроведуваат, односно ќе доспее рокот за обврските коишто агенцијата ќе ги има кон корисниците, рече Лукаревска, додавајќи дека по враќањето на оваа програма повторно во сила ќе може да се компензираат овие средства преку средствата од Европската унија.
-Затоа е добро да се прифати овој амандман за доброто на земјоделците и за целиот тој засегнат – секој којшто е дел од столбовите во нашето општество за соодветен раст и развој, па дури и промоција, истакна пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска пред собраниската комисија за финансирање и буџет.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги додели стипендиите „Борис Трајковски“
„Изминативе дваесетина години се создаде почитувана, позната и експонирана заедница од над 300 успешни, реализирани личности, кои се издигнале над индивидуалните кариери и придонеле за општото добро“, оцени претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на доделувањето на стипендиите „Борис Трајковски“ за академската 2025/2026 година.
Според претседателката, оваа грчко-македонска образовна соработка е уште едно камче во мозаикот на искрена доверба меѓу двете држави и општества.
За неа е најважно државата да не ги заборави стипендистите по завршувањето на програмата и да ги вклучи во креирањето на јавни политики и вредности.
Упатувајќи честитки и посакувајќи им успех на годинешните добитници на стипендиите, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изрази задоволство од функционирањето на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ, којшто изнедри 20-тина генерации дипломирани студенти, успешно интегрирани во македонското општество.
За неа, стипендијата е признание за упорноста, талентот и потенцијалот на избраните студенти.
Директорот Јанис Верверидис ја истакна посебната вредност на студирањето на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ. Тој посочи дека Executive MBA е современа програма што се реализира заеднички со Универзитетот во Стразбур (високопрестижна француска институција со 18 добитници на Нобелова награда во својата историја) и води до две MBA дипломи: една од Универзитетот Јорк и една од Универзитетот во Стразбур.
Стипендиите „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус на извршната МБА програма се доделуваат на 20 студенти веќе 22 години и се резултат на заедничката активност и соработка на Претседателот на државава, Министерството за образование и наука, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Сити Колеџ од Солун, Грција.
Македонија
Николовски: Програмата за рурален развој е преполовена, субвенции не се исплаќаат, суспендирани се 130 милиони евра од ИПАРД
Пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски во рамките на амандманската расправа за буџетот за 2026 година во собраниската комисија за финансирање и буџет посочи на хаосот во земјоделството со кратење и суспендирање на програми.
-Имаме суспендирана програма од 130 милиони евра и сосема неодговорен пристап на орган надлежен за управување со ИПАРД. Гледаме дека министерот бега и се крие и ги крие информациите, па дава контрадикторни информации секој ден за вака сериозна тема. Прво, немаше суспензија, па после призна дека има суспензија, па не беа засегнати договори, па станаа 50 договори засегнати, истакна Николовски.
Тој нагласи дека според официјалните бројки потврдени од Министерството за финансии има 453 склучени договори, 270 делумно исплатени и 180 комплетно неисплатени.
-Програмата за рурален развој, од милијарда и 200 милиони е скратена на половина, на 650 милиони. Националното кофинансирање за ИПАРД во програмата за рурален развој е скратено, рече Николовски, додавајќи дека во времето на владата на СДСМ за еден повик, како овој каде што се фатени корупциски зделки, биле потребни 4 месеци, а сега се потребни 18 месеци, што може да се провери на страната на Делегацијата на Европската унија, но и на Платежната агенција.
Николовски нагласи дека јавно од собраниската говорница алармирал за овие состојби, меѓутоа не добил никаков одговор од министерството.
-Се крати на субвенциите, милијарда денари, не се исплатени субвенциите за овчарите, за млекото, укината е авансната исплата на субвенции, за која сега се измислуваат некакви причини зошто е скратена итн. Факт е дека земјоделците до крајот на годината нема да ги добијат за првпат овие 30%, а големите фирми ќе добијат по еден милион евра, рече Николовски, додавајќи дека се крати и ИПАРД-програмата и програмата за рурален развој, што претставува огромен шок и огромно кратење, буквално на секој поглед, во секоја програма, во секоја мерка во земјоделството.
Николовски истакна дека веднаш по објавата на скандалот има промена на 40% од раководниот кадар на ИПАРД, за којшто за да се промени треба да се пријави во Европската унија.
Таму има уште поголем проблем, затоа што во ваков скандал, со суспендирани пари, еден ден по завршувањето на изборите се носи решение за распоредување на 40% од кадарот кој го работеше најуспешниот ИПАРД-2 во регионот, каде што има 85% искористеност, најдобро од сите земји, истакна Николовски.
Наместо да откочиме и да ги ослободиме работите, се прават грешки во оваа нервоза, за да се заглават уште повеќе процедурите. Заедно со скратените износи за субвенции од 500 милиони денари и преполовената програма за рурален развој, се инвестициските мерки со укинатите програми за малите производители, но се форсираат големите компании. Со тоа што нема исплата на субвенции со месеци и нема аванс на исплата, сериозно ќе биде доведен доходот на земјоделците и нивната спремност за нова реколта. Со ова, мерките се креираат за големите фарми или една–две винарии преку програмите во владина процедура и одлуки на Собранието, каде што се гледа дека се форсираат големите компании, а треба да се гордееме на четири илјади мали производители и на постојана поддршка на малите земјоделци, а не на пет–шест големи компании, порача пратеникот на СДСМ Љупчо Николовски во обраќање пред собраниската комисија за финансирање и буџет.

