Македонија
Николовски: Спроведуваме проекти што ќе ја олеснат работатата на превозниците
Директорот на Царинската управа Бобан Николовски, денес присуствуваше на традиционална средба со превозниците во организација на Асоцијацијата Макам-Транс.
Во своето обраќање пред присутните, Николовски ја поздрави добрата соработка со Макам – Транс и со останатите Стопански комори и асоцијации, што неодамна беше потврдена на состанокот за реактивирање на Советодавното тело во Царинската управа. Исто така, информираше за неколку тековни проекти што значително ќе ја олеснат работатата на превозниците. Воведувањето на Системот за видео надзор и препознавање на таблички, автоматски ќе алармира кога одредена лента на граничен премин е преоптоварена и ќе овозможи брза реакција и намалување на времето за чекање на граница. Во тек е воведување на телесни камери за царинските службеници, со цел дополнително следење на завршување на постапките и контролите, а со тоа намалување на корупцијата. Интензивно се работи на започнување на проект за Автоматизација на терминалите, којшто вклучува целосна замена на постоечките ваги и рампи со нови дигитални ваги и автоматизирани рампи, а во тек се реконструкции на повеќе гранични премини. Усогласени се смените со Агенција за храна и ветеринарство, што за превозниците значи значително забрзување на протокот на стоки на клучните гранични премини.
Од август оваа година воспоствен е директен линк на модулот на Макам-Транс за пријавување мито, корупција и мигранти со Царинскиот дежурен оперативен центар, што овозмува да се реагира во реално време и да се спречат коруптивни појави и недозволени дејства.
Директорот Николовски истакна дека очекува соработката со економските оператори да се одвива во континуитет, со посветеност и разбирање на сите нивоа од страна на Царинска управа и од страна на стопанството. На настанот свое обраќање имаа и генералниот секретар на Макам – Транс Биљана Муратовска, заменик министер за транспорт и врски Калтрина Зеколи Шаќири и директорката на Консалтинг за стратешки развој Кристина Хаџи Василева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија и Египет ќе соработуваат во високото образование и науката
Македонија ќе добие поддршка во напорите за унапредување на високото образование од страна на Египет, земја чии универзитет забрзано се искачуваат на глобалните ранг листи, а ќе се продлабочува и билатералната соработка во областа на науката и истражувањата. Ова беше потврдено на состанокот помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур, што се одржа денес во Каиро.
Работно тело составено од претставници што ќе ги номинираат ресорните министерства на двете држави ќе дефинира конкретни активности што ќе ја продлабочат соработката, а ќе се разгледаат и можностите за креирање на заеднички студиски програми со двојни дипломи. Во фокус ќе бидат високообразовните установи во областа на медицината и техничките науки, со особен акцент на компјутерското инженерство и земјоделството.
Министерката Јаневска ги претстави промените кои се започнати во областа на високото образование во Македонија, нагласувајќи дека во моментот се изработува и ново законско решение, а ефектите од планот за реформи се очекуваат на среден рок од 5 години. Се осврна и на значително зголемениот буџет за наука и финансирањето на зголемен број научно – истражувачки проекти од интерес за државата и јавноста, усвојувањето и спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација на државата, а нагласи и дека министерството иницираше постапка за основање на првиот државен научно – технолошки парк кој ќе биде под надлежност на државата.
Министерот Ашур ги претстави силните страни на египетскиот високообразовен систем и политиките кои помагаат за забрзано напредување на државните универзитети на меѓународните рангирања. Изрази подготвеност во текот на овој месец да се формира работното тело меѓу двете држави, а веќе во следниот да се одржи непосредна средба на ректорите на шесте македонски државни универзитети и ректорите на најистакнатите египетски, како Универзитетот во Каиро. Го сподели националното искуство со основањето на научно – технолошки паркови и центри за извонредност, што ќе биде од голема корист за Македонија да ја оствари истата цел.
Јаневска од вчера е во Каиро каде се одржува Глобалниот конгрес за население, здравство и развој на човечки капитал. Ќе учествува на повеќе панел дискусии, а ќе биде воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење. Во текот на утрешниот ден ќе се сретне и со египетскиот министер за основно и средно образование, Мохамед Абдел Латиф.
Македонија
Да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, порача Лукровски на денот на ослободувањето на Скопје
Делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Сотир Лукровски и советниците Христо Саракинов (ВМРО – ДПМНЕ) и Татјана Стојановска (Независни за Карпош) , денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред.
На тој начин, претставниците од локалната самоуправа одадоа почит по повод одбележување на 81 годишнината од ослободувањето на главниот град. Во рамки на свеченоста која ја организираше Сојузот на борци на Македонија, пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред се поклонија и бројни делегации и претставници од граѓански здруженија.
Пред присутните се обрати и првиот човек на Општината, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од чествување на празниците, кои се темел на македонската национална свест.
„Со жалење ќе констатирам дека бројот на живите сведоци од НОБ е навистина мал. Затоа апелирам, ние помладите да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, бидејќи сите тие елементи се дел од нашата колективна историја“ – констатираше Лукровски.
Македонија
Утре со студено утро, преку денот сончево
Времето утре, наутро ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Утре и во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, суво и тивко.
Во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец.

