Култура
„Убиј ги прво децата“ – вечерва премиерно на „Браќа Манаки“
Вечерва, во рамки на заокружувањето на програмата на 45. издание на Интернационалниот фестивал на камера „Браќа Манаки“, ќе се одржи националната премиера на „Убиј ги прво децата“ – дебитантскиот филм на Димитар Оровчанец, во продукција на ТРИС ФИЛМС и ДМФ ФИЛМС.
„Убиј ги прво децата“ е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео. Главните улоги ги играат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„100 илјади поети за промена“ 14. пат во Струмица
Во сабота, 28 септември 2024 година, глобалното движење „100 Thousand Poets For Change“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ го реализира 14 издание на поетската манифестација „100 илјади поети за промена“ со почеток во 19:00 часот во НУ Завод за заштита на спомениците од културата и Музеј – Струмица.
Манифестацијата ќе започне со отворање на изложбата на дигитални цртежи „Сенката на звукот“ на проф. Владимир Мартиновски, а потоа со промовирањето на годинешниот зборник „100 Илјади поети за промена“ ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети.
На конкурсот годинава конкурираа повеќе од 200 учесници.
Манифестацијата е поддржана од градоначалникот Костадин Костадинов и Општина Струмица.
Култура
„Сенката на звукот“ – изложба на дигитални цртежи на Владимир Мартиновски
Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“ како дел од годинештното 14 издание на 100 Илјади поети за промена, оваа сабота, 28 септември 2024 година во 19:00 часот во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј на град Струмица ќе ја отворат изложбата на дигитални цртежи насловена „Сенката на звукот“ на проф. Владимир Мартиновски.
„Сенката на звукот“ е негова трета изложба на дигитални цртежи од овој циклус, а се состои од 12 цртежи (дигитален принт) кои тематски ја поврзуваат музиката, поезијата и ликовниот израз на Мартиновски. Под влијание на музичките фестивали кои редовно ги посетува, тој најде инспирација неговите емоции, чувства и размисли визуелно да ги изрази преку создавањето на овој циклус дела. Оваа изложба е своевидна презентација во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството.
Дигиталните цртежи визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Освен со дигитални цртежи тој се има претставено со уште две изложби, на фотографија и цртеж, во моментот има тековна изложба во Шибеник, Србија, а во тек е подготовката на неговата нова изложба на акрилни дела.
Култура
Ана Василевска во Битола ќе ја промовира книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ – книгата на македонската филмска критичарка, Ана Василевска, со капучино и пладневна дружба пристигнува во Битола.
Промоцијата на нејзиното дело ќе се одржи денеска во 12 часот во кафулето „Порта џез“, а промотор е критичарот Влатко Галевски.
Книгата којашто е во издание на „Македоника“ е сублимиран приказ на состојбите во нашата кинематографија од осамостојувањето на Македонија до 2021 година, односно опфаќа три децении македонска продукција.
Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје.
Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција.
Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019- 2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други. „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга.