Македонија
Меџити-Тигањ: Хрватска дава несебична поддршка на нашата држава во евроинтегративните процеси

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска оствари средба со амбасадорката на Хрватска во Скопје, Нивес Тигањ.
Меџити искажа благодарност за поддршката што Хрватска несебично ѝ ја дава на нашата држава во евроинтегративните процеси, истакнувајќи дека Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата се залагаат за исполнување на реформската агенда за пристапување кон Европската Унија и тоа е цврсто детерминирано во владините политики и закони, а во насока на фаворизирање на растот, инвестициите и вработувањето.
На средбата се истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање имплементира многу проекти поддржувани од ЕУ преку ИПА програмата, меѓу кои и големи инфраструктурни проекти, како и национални стратегии за кои е потребна здрава економија и дека во последниве години е постигнат значителен напредок во областа и покрај тоа што сеуште останува најдминување на многу предизвици.
Амбасадорката Тигањ му го честита назначувањето на Меџити на функцијата прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање и ја потврди подотвеноста да ѝ помогне на нашата држава со размена на искуства во програмските приоритети за остварување на соработката во рамки на Инструментот за предпристапна помош ИПА и во приближувањето и имплементацијата на националното законодавство во областа на животната средина со она на ЕУ.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање истакна дека постои стабилна коалиција и дека е посветен на промена на концептот на владеење кој што не треба да биде само симболика.
Двете страни се согласија дека заеднички интерс е обновувањето на Договорот за соработка меѓу двете држави потпишан во 2002 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Идентификувани се 20 лица осомничени за подметнување пожари во Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека околу дваесетина лица се идентификувани како осомничени за серијата подметнати пожари во Скопје.
Според него, Министерството за внатрешни работи веќе собрало дојави и информации за нивните активности, а во координација со Министерството за животна средина ќе следуваат конкретни акции.
„Идентификувани се околу дваесетина лица за коишто постои засновано сомневање дека стојат позади целиот овој процес,“ изјави Мицкоски, додавајќи дека институциите интензивно работат на расчистување на случаите.
Тој посочи и дека веќе постои снимка која јасно покажува како бил подметнат пожарот во еден објект во Скопје, рано утрото во 04:30 часот.
„Видовте како дрско се подметнува пожар и тоа е уште еден доказ дека постојат центри на моќ кои сакаат да внесат страв и паника пред изборите,“ рече премиерот.
Според него, заседавањето на врвот на структурите на МВР е во тек, а институциите се решени да ги спречат обидите за создавање нестабилност. „Тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат. Ние чесно ќе работиме, ќе се бориме и на крај повторно ќе победиме,“ порача Мицкоски.
Македонија
Идните рудари и инженери од Македонија, Хрватска и Норвешка на практична обука во „Булмак 2016“

Компанијата „Булмак 2016“ од Пробиштип, која управува со рудниците Злетово и Тораница, активно вложува во образованието преку практична настава и опремување на стручни кабинети во средните училишта. Во партнерство со училиштата „Наум Наумовски-Борче“ (Пробиштип) и „Коле Нехтенин“ (Штип), како и со Универзитетот „Гоце Делчев“, компанијата овозможува реална обука за ученици и студенти од геолошко-рударската, машинската и техничката струка.
Секоја година, над 30 средношколци и десетина студенти добиваат можност да учат директно во производствените погони, облечени во рударска униформа и со ламба во рака — симбол на нивниот прв чекор во професијата. Практичната настава се реализира со сертифицирани ментори од областа на рударството, геологијата, електротехниката и машинството.
„Булмак 2016“ не обучува само млади од Македонија — туку и студенти од Хрватска и Норвешка, кои преку научни екскурзии добиваат можност да се запознаат со современите рударски технологии и процеси. Оваа интернационална соработка ја позиционира компанијата како регионален центар за практична инженерска обука.
Покрај теренската обука, „Булмак 2016“ активно поддржува и опремување на стручни кабинети во училиштата, овозможува стипендии за ученици, а за студентите од повисоките години – вработување и поддршка за магистерски и докторски трудови.
Со оваа програма, компанијата не само што го продолжува рударското наследство во регионот, туку создава генерации на млади инженери и техничари подготвени за современи предизвици — дома и во Европа.
Македонија
Адеми: Мицкоски сака да биде тој што одлучува за и во име на Албанците

Синоќа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред целата јавност јасно ја откри суштината на неговата политика: “Целта на овие избори е ДУИ да исчезне од политичката сцена.”. Со Ова Мицкокси ја потврди веродостојноста на се она што ДУИ го зборува со месеци наназад, Мицкоски сака да биде тој кој одлучува за и во име на Албанците, истакна на прес-конференција потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми.
Како што вели, идејата на Мицкоски, кој е маша во рацете на српскиот свет, е да спречи обединување и моќно претставување на Албанците. Само така, додава Адеми, ќе може тој и неговите патрони од северот да продолжат да го понижуваат албанскиот народ, а во власта да имаат понижени и слаби Албански политичари како ВРЕДИ кои ќе молчат само за да ги зачуваат своите фотељи.
„Мицкоски не сака да победи на избори, туку да избрише цела една политичка идеја за рамноправност, цел еден народ од јавниот од политичкиот живот на Македонија.
Кога Мицкоски вели “ДУИ да исчезне”, тој вели дека Албанците немаат право сами да одлучуваат кој ќе ги претставува. Тој вели дека е време некој друг – поточно тој – да одлучи кој е прифатлив Албанец, кој може да седи на масата, а кој не. Тоа е обид за политичко чистење кое опасно ќе му се удри по глава.
Мицкоски треба да знае дека Албанците сами бираат кој ги претставува и дека со овие изјави ја отвори вратата на пеколот кој му следи на 19 октомври. На 19 октомври неговите пудлици од ВЕЛН ќе претрпат страотен пораз. На 19 октомври Мицкоски ќе ја дознае моќата и поривот на Албанците да не трпат наметнати решенија. Еднаш вака згреши Заев, истата грешка ја прави и Мицкоски“, порачува Адеми.
ДУИ, додава тој, можеби не била совршена, но ДУИ, како што вели, отсекогаш била изборот на Албанците.
„Не на Мицкоски. Не на централните штабови на ВМРО. Не на структури кои сакаат покорни Албанци кои ќе креваат рака кога ќе им се каже.
Токму затоа на 19 октомври Албанците јасно ќе кажат: Никој, апсолутно никој, нема право да го избира политичкиот претставник на Албанците, освен самите Албанци.
Најтрагично е што ВРЕДИ е неговата алатка. ВРЕДИ е неговиот проект за контролирана албанска политичка сцена. ВРЕДИ се неговиот тројански коњ во Чаир, во Тетово, во Струга. Граѓаните тоа го гледаат, чувствуваат и знаат.
Нашата порака е јасна: Ние нема да исчезнеме, нема да се поклониме, нема да дозволиме некој друг да го избере нашиот пат“.