Македонија
Сиљановска Давкова – Гутереш: Не смее да се дозволи, билатерализацијата во случајот со македонската евроинтеграција да стане камен на сопнување за проширувањето

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
На средбата претседателката ги потенцираше принципите на светската организација како основа на којашто мора да функционира меѓународниот поредок, без разлика дали се работи за мали или големи држави. Таа на својот соговорник му посочи дека во случајот со македонската евроинтеграција не смее да се дозволи билатерализацијата да стане камен на сопнување за проширувањето на Европската Унија, која е настаната како мировен процес.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, на средбата искажа лутина поради пречките коишто Северна Македонија ги има на патот кон Европската Унија. Порачувајќи дека е голем почитувач на македонската евроинтеграција, во разговорот тој ја потенцираше својата лична солидарност за напорите на земјата да биде дел од ЕУ.
Генералниот секретар како добар познавач на процесите на евроинтеграција и состојбата во регионот на Западен Балкан, нагласи дека македонската евроинтеграција, целосно заслужено, треба да се случи колку што е можно побрзо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Македонецот кој спречи терористички напад во авион: „Реагирав инстинктивно“

На летот од Лондон до Глазгов се случи инцидент, откако еден од патниците извика дека има бомба, со слогани „Смрт за Америка, смрт за Трамп“ и „Алах акбар“. Патникот кој се закани дека ќе постави бомба беше совладан од Зоран Настески, по потекло од Македонија и Србија, кој живее во Велика Британија.
Настески го собори човекот на подот за време на летот и го држеше до слетувањето, кога го презеде шкотската полиција. Во меѓувреме, во Велика Британија е започната истрага за терористичкиот напад. Индискиот „Јутуб“ канал „НДТВ“ објави видео од инцидентот, на кое се гледа моментот кога Настески совладува патник кој извикува дека има бомба и го навредува американскиот претседател Доналд Трамп.
View this post on Instagram
„Вчера наутро тргнав на одмор во Глазгов. Десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ми истури топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески, пренесува „Телеграф.рс“.
Патниците паничеа, додаде Настески, децата врескаа, а екипажот беше видливо вознемирен.
„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетавме. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.
По слетувањето на аеродромот, пожарникарите и полицијата дојдоа на пистата и уапсија 41-годишен маж. Целиот настан го снимила патничка. Видеото набрзо станало вирално на социјалните мрежи.
По десет години работа во Велика Британија, Настески планира да се пресели со својата партнерка во Србија, каде што има семејни корени. Неговиот татко е Македонец, роден во Скопје, а неговата мајка е Србинка.
„Се селам во Белград затоа што ја запознав најпрекрасната жена на светот, Сандра“, рече Настески.
Авиокомпанијата „Изи џет“ објави дека човекот што го предизвикал инцидентот бил уапсен веднаш по слетувањето во Глазгов и дека персоналот на авионот бил обучен да се справува со вакви ситуации, за да не биде доведена во прашање безбедноста на сите во авионот.
Македонија
Започна изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Битола

Во општина Битола, денес беше одржан состанок, со кој се означи почетокот на реализацијата на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води.
Во присуство на претставници на Министерството за животна средина, Министерството за финансии, изведувачот на пречистителната станица конзорциумот Лантаниа-Стентон градба-Карканиас, избраниот надзор- фирмата Ептиса, претставници на КЈП „Нискоградба“ и претставници на општинската администрација, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, посочи дека овој стратешки еколошки проект е многу значаен чекор кон заштитата на животната средина.
Основната цел на проектот е да се подобри инфраструктурата за собирање и третман на комунални отпадни води, во согласност со директивата за третман на отпадни води и националниот закон. Според договорот, времетраењето на градба е 2 години и една година гарантен период. Со помош на ЕУ, се гради одржлив систем за отпадни води за идните генерации, преку инвестирање во чиста вода и зелени решенија што ќе обликуваат поздрава и поодржлива иднина.
Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.