Свет
„Не можам повеќе ни да плачам од толку многу тага“ – над 6.000 луѓе во Романија евакуирани поради поплавите
Повеќе од 6.000 луѓе од 28 населени места се евакуирани, повеќето од округот Галаци, поради неповолните временски услови, објави Генералниот инспекторат за вонредни состојби (ИГСУ) истакнувајќи дека се потребни интервенции на 116 места во 29 окрузи поради последиците од обилните дождови и ветерот.
Еден по еден жителите на населбите од областа Галаци жандармеријата ги носеше во спортска сала откога невремето го уништи нивниот имот.
„Не можам повеќе ни да плачам од толку тага. Поплави, господине! Нè уништија поплави. Третпат. Два и пол метра вода. Сè е уништено“, рекла една старица.
„Седиме тука за да не нè фати пак дождот и повеќе не размислуваме дека водата ќе дојде и ќе нè однесе. Седиме тука. Тоа е тоа! Што да правиме? Водата беше до покривот од куќата немам телефон да ви покажам слики за да можете да видите“, рече еден жител.
Со солзи во очите, дури и далеку од опасност, луѓето цела ноќ не можеа да ги затворат очите. Како што велат, повторно го преживуваат ужасот што ги снашол.
„Сè во куќата е уништено, ѕидовите испукани, до висина на мојата глава. Го молам Бога да не дојде вечерва водата за да се вратам дома“.
„Се надевавме дека водата нема повторно да дојде, но две недели подоцна, ете ја повторно. Ги напуштивме животните, оние што преживеаја минатиот пат, оние што успеавме да ги спасиме. Не сме завршиле со чистење на калта, ништо не сме завршиле“, рекоа мештаните.
Од паднатите дрвја оштетени се 14 возила и два објекта. Спасени се 11 лица што беа блокирани на шумскиот пат во Ковасна. Поморскиот и речниот сообраќај е прекинат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

