Свет
Борис Џонсон објавува мемоари во кои го напаѓа Макрон
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон се пресметува со францускиот претседател Емануел Макрон во своите мемоари, чии делови беа објавени во „Дејли мејл“.
На 10 октомври поранешниот британски конзервативен лидер објавува мемоари во кои го раскажува своето искуство во политиката, особено времето во Даунинг стрит од 2019 до 2022 година, обележано со преговорите со Европската Унија за брегзитот и за Ковид-19.
„Иако Макрон е шармантен лично и иако честопати се согласувавме за важни прашања, тој навистина го мислеше тоа кога рече дека Велика Британија треба да биде казнета за брегзитот“, пишува Џонсон.
Тој опширно ги опишува неговите разговори со европските лидери, како што се поранешната германска канцеларка Ангела Меркел и Емануел Макрон, на чиј акцент се потсмева кога зборуваат англиски.
„Во некои теми се плашам дека тој навистина направи штета“, вели Џонсон за Макрон.
Тој лично го критикува францускиот претседател за неговиот став за прашањето со мигрантите, кои илегално го преминуваат Ла Манш за да стигнат од Франција во Обединетото Кралство, што е многу чувствителна тема за британската страна.
Во жестокото обвинение тој сугерира дека Макрон дури бил подготвен да ги затвори очите пред бандите што тргуваат со луѓе за да им го влоши животот на Британците, кои ја напуштиле ЕУ, пишува медиумот.
„Во најмала рака, ми се чинеше можно дека тој го користи проблемот и дискретно дозволуваше доволно голем број мигранти да го преминат каналот за да ги излуди Британците и да го поткопа едно од најважните прашања на брегзитот – враќањето на контролата на нашите граници“, пишува Џонсон.
По напуштањето на Даунинг стрит летото 2022 година, Џонсон повторно стана колумнист на таблоидот „Дејли мејл“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Вулкан на Хаваи започна да исфрла лава
Денес, Американскиот геолошки завод ја регистрираше ерупцијата на лава од отворот во кратерот на вулканот Килауеа на Хаваи.
Растопената карпа останува во рамките на Националниот парк Хавајски вулкани и не претставува закана за домовите или инфраструктурата, според соопштението, објавува „Јуронјуз“.
Eruzione di lava al vulcano Kilauea alle Hawaii https://t.co/uXMUCk20n0
— BusallettaInfo (@sulsitodisimone) November 9, 2025
Килауеа исфрла лава во редовни интервали од крајот на минатата година, а научниците забележуваат дека магмата го следи истиот подземен пат до површината.
Вулканот се наоѓа на островот Хаваи, околу 320 километри јужно од главниот град Хонолулу.
Фото: принтскрин
Свет
Кина ги укина специјалните пристанишни такси за американските бродови
Кина ги укина специјалните пристанишни такси за бродовите од САД за една година, како одговор на сличен потег од Вашингтон, објави денес кинеското Министерство за транспорт.
Според соопштението на кинеското Министерство за транспорт, собирањето специјални пристанишни такси „ќе биде суспендирано за една година“ од 10 ноември, истовремено со суспендирањето на спроведувањето на релевантните мерки од страна на САД против Кина, како дел од спроведувањето на консензусот постигнат на економските и трговските консултации меѓу Кина и САД во Куала Лумпур во 2025 година, се наведува во соопштението.
На 17 април, американските власти воведоа специјални пристанишни такси за бродовите поврзани со Кина, а како одговор, Кина почна да наплаќа специјални пристанишни такси за американските бродови на 14 октомври.
Овој данок се применуваше на бродови во сопственост или управувани од американски компании, како и на бродови што пловат под американско знаме или се изградени во САД, пренесува Танјуг.
Во понеделникот стапија во сила низа кинески одлуки, со кои се укинаа дополнителните царински давачки за американска стока и извозните контроли за одредени американски компании.
Овие одлуки следеа по неколку рунди кинеско-американски трговски и економски консултации во Куала Лумпур, како и по состанокот меѓу кинескиот претседател Шји Џјинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп, што се одржа на 30 октомври во Бусан, Јужна Кореја.
Фото: принтскрин
Свет
Брисел го обвинува Трамп за поткопување на позицијата на Европа
Европската унија изјави дека е потребна „одлучувачка акција“ во врска со постапките на американскиот претседател Доналд Трамп, кои, според европските преговарачи, ја ослабуваат позицијата на земјите од ЕУ во меѓународните разговори за климатските промени, објави порталот „Политико“, повикувајќи се на извори од Брисел.
„Американците повеќе не се во можност да ги одбијат нападите врз преговарачката позиција на богатите земји, што ја става Европската унија во непријатна позиција. Во Белем, на Конференцијата на ОН за климатски промени, апсолутно е потребно да му се даде решителен одговор на Трамп“, се наведува во соопштението на европските претставници.
Трамп неодамна изјави дека „ја добил војната против измамата за климатските промени“, откако основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, призна дека погрешил во своите претходни проценки за влијанието на човекот врз глобалното затоплување.
На крајот на јануари, американскиот претседател потпиша извршна наредба со која повторно ги повлекува САД од Парискиот договор за климата. Тој договор беше усвоен на 12 декември 2015 година, по 21-та конференција на ОН за климатските промени во Париз. За време на првиот мандат на Трамп, Америка веќе официјално се повлече од овој договор еднаш – на 4 ноември 2019 година.
Европските претставници стравуваат дека новото повлекување на САД од глобалните рамки за климата би можело да ги поткопа заедничките напори во борбата против климатските промени и да го ослаби кредибилитетот на Западот во претстојните преговори со земјите во развој.
Фото: принтскрин

