Економија
„Тиквеш“ заслужено доби повисок статус во групата водечки светски винарници за борба против климатските промени

Одборот на директори на групата „Меѓународни винарници за борба против климатските промени“ (IWCA – Interational Wineries for Climate Action) ѝ додели на винарската визба „Тиквеш“ сертификат за т.н. сребрено членство во оваа организација, во која членуваат 40-ина водечки
светски винарници. „Тиквеш“ е единствена винарница од регионот која успеала да ги задоволи критериумите за членство во оваа група, а сега да добие и унапреден статус.
Сертификатот за сребрено членство во IWCA му е доделен на „Тиквеш“ поради остварените резултати во намалувањето на јаглеродниот отпечаток на винарницата за 21% по литар производ за период од една година, што е доказ за големата посветеност на винарницата кон одржливоста
и нејзината зелена трансформација, како и кон борбата со климатските промени. Во објаснувањето за доделениот сертификат, IWCA посебно ги истакнува напорите и конкретните достигнувања на „Тиквеш“ во остварување на клучната цел на членовите на оваа група, а тоа е намалување на јаглеродните емисии до нула најдоцна до 2050 година, што воедно се совпаѓа и со глобалните цели за одржливост на Обединетите Нации за намалување на влијанието на климатските промени, кои меѓу останатото преставуваат и реална закана за целокупната агроиндустрија, вклучувајќи ги лозарството и винарството.
„За помалку од 15 месеци од приклучувањето кон групата водечки светски винарници за борба против климатските промени „Тиквеш“ заслужено добива повисок статус на членство во оваа организација. И тоа не е случајност, туку признание за континуираните инвестиции, големата посветеност и упорност на целиот тим на „Тиквеш“ и пред сѐ на остварените резултати во намалување на јаглеродните емисии во атмосферата кои докажано се главниот причинител за климатските промени. Со ова, како и со воведувањето на ЕСГ-стандардите и издавањето на првиот ЕСГ-извештај во винската индустрија во регионот, „Тиквеш“ повторно ја потврдува својата лидерска позиција, давајќи пример за останатите, но и докажувајќи дека во секој поглед е дел од најнапредните светски винарници, вклучувајќи го и справувањето со најактуелните проблеми
со кои се соочува планетата“, изјави претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“,Светозар Јаневски.
Значајното годишно намалување на јаглеродните емисии, кое му го донесе унапредениот статус на „Тиквеш“ во IWCA, e овозможено преку реализација на неколку значајни проекти и инвестиции во винарницата во текот на 2023 година, како што се: Зголемувањето на капацитетот
на сопствената соларна централа за производство на обновлива енергија; набавката и инсталирањето на нова енергетско ефикасна опрема и технологии, како и употребата на полесна стаклена амбалажа и воведувањето на меѓународниот стандард ISO 50001 за управување со потрошувачката на енергијата и неговата примена во целокупниот производствен процес.
За мерење и евидентирање на јаглеродните емисии и на ефектите од активностите што се преземаат за нивно намалување, „Тиквеш“ го применува меѓународниот стандард ISO 14064. Винарниците кои членуваат во IWCA се препознаени како глобални лидери во борбата против климатските промени. Членството во IWCA на „Тиквеш“ му овозможува пристап до најдобрите стратегии и светски практики за намалување на емисиите на стакленички гасови, но истовремено и да ги споделува со останатите винарници ширум светот сопствените позитивни искуства и активности што ги презема за постигнување поголема одржливост.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Горан Ѓорѓиевски избран за нов претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија

Со одлука на Собранието на Сојузот на стопански комори на Македонија, за нов претседател е избран Горан Ѓорѓиевски.
„Ова е специфичен момент затоа што треба многу да се направи за брендот Сојуз на стопански комори повторно да го добие реномето од пред десетина, петнаесет години. Влегуваме во нови времиња во кои ќе придонесеме за посилно деловно застапување, дигитална трансформација, раст на продуктивноста и транспарентноста на домашните компании“, изјави новоизбраниот претседател Ѓорѓиевски.
Во својата програма тој најави неколку приоритети: унапредување на деловната клима преку континуиран дијалог со институциите, поддршка на малите и средните претпријатија, поттикнување на иновациите и дигитализацијата, јакнење на регионалната и меѓународната соработка, како и инвестирање во образование и човечки капитал.
Економија
Славески – Прескер: потврда на значењето на Народната банка за економската стабилност

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер и со економскиот советник Горан Криж.
Во разговорот беше истакната улогата на Народната банка во одржувањето на макроекономската стабилност и значењето на довербата во финансискиот систем за економскиот развој и инвестициите.
Славески ја истакна посветеноста на Народната банка кон овие принципи, додека амбасадорот Прескер ги нагласи долгогодишните добри дипломатски и економски врски помеѓу двете економии, особено во финансискиот сектор каде што активно се вклучени голем број реномирани словенечки компании.
Во однос на финансискиот сектор, Славески се осврна на заложбите на Народната банка за намалување на надоместоците на банкарските услуги, заради обезбедување подостапни финансиски услуги за сите економски субјекти. Прескер искажа задоволство од заложбите на Народната банка и ја потврди понатамошната поддршка од Словенија, вклучително и преку центарот за обуки ЦЕФ.
Средбата претставува можност за продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на соработката.
Економија
Ќе се олеснува кредитирањето при купување прв стан, вели Славески

Извршниот одбор на Народната банка усвои нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица, кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година.
Гувернерот д-р Трајко Славески на конференцијата за печатот објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, што водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект којшто не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, коишто навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10% од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите останати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15% на 25% од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште, ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, коишто изнесуваат 55% за изложеноста во денари и 50% за изложеноста со валутна компонента. За сите останати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50% за изложеноста во денари и 45% за изложеноста со валутна компонента.“
Имено, олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата коишто навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење, коишто се детално образложени во Одлуката.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не „ги погодиме“ оние лица кои имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на останатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески.
Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот.