Македонија
Мицкоски за корупцијата: Имаме партиски октроирани Обвинителство и судство, нема да дозволам од тоа да правам естрада, но оние што сториле криминал треба да одговараат
Борбата против корупцијата е можеби една од најголемите забелешки што ги слушаме изминативе денови, а критиката се однесува на тоа зошто не апсиме. Нема да дозволам од тоа да правам естрада. Ниту имам намера како човек преку својата позиција и злоупотребите на институциите, кои се дел од македонската Влада, да манифестирам сила, моќ и реваншизам. Тоа нема да се случи. Човечки е да се простува, но исто така потребно е криминалот и корупцијата да бидат казнети. Но, има институции во кои се водат тие процеси, има закон, има Устав, пред кои оние што сториле криминал треба да одговараат, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод 100 дена Влада.
Мицкоски побара трпение од граѓаните оти, како што рече, процесот е тежок.
„Имаме партиски октроирани Обвинителство и судство. Зборувам за една мала група обвинители и судии, кои се партиски послушници, а кои го контаминираат правосудниот систем. И затоа тргнавме уште на почетокот во делот на реформи во правосудството и дадовме рок дека до крајот на септември чекаме предлози од оние што излегоа со критика. Вчера, измина тој рок, ниту еден официјален предлог не стигна до нас. Сите оние што критикуваа дека сакаме да правиме чистка во правосудството и повторна партизација ги нема. Е, затоа од денеска почнуваат реформите во правосудниот систем, граѓаните немаат повеќе простор за чекање и разочаран сум што не добивме ниту еден предлог како да се одвива реформата“, порача Мицкоски.
Додаде дека во наредниот период Владата почнува со реформи во правосудството.
„Жалам што толкави огромни плати поединци добиваат на грбот на граѓаните, а работата што ја испорачуваат е мала или мизерна. Затоа почнуваме со реформите и во периодот што следува нема запирање во делот на правосудството. Борбата со криминалот и корупцијата продолжува, голем дел од случаите се веќе разоткриени и се на виделина на јавноста“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Зелениково и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, дел од корисниците од улиците Самоилова и Јоаким Крчовски, како и објектот на Музејот на Современа Уметност, општина Центар;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Зелениково, Ново Село, Страхојадица и Смесница, општина Зелениково;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците лоцирани околу ул. Австралиска бр. 5 во населба Даме Груев, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд
Променливо облачно, претпладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Утре во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на денот насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониска утринска температура.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

