Македонија
Сиљановска-Давкова: Централните банки мора да бидат независни од централните власти заради отпорност на политичките влијанија и притисоци
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на 10. меѓународна конференција на тема „Централните банки и централнобанкарското работење во комплексно опкружување: Покажување посветеност и одржување на кредибилитетот“, што во организација на Народната банка на Република Северна Македонија и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, се одржува денеска во Скопје.
Во своето обраќање претседателката Сиљановска Давкова рече дека во време на големи противречности, нова и длабока меѓузависност на државите, економиите, луѓето и природата, помалите, отворени и од увоз зависни економии, каква што е македонската, диспропорционално ги чувствуваат ефектите од геополитичките ривалства, воените конфликти, преплетените безбедносни, економски, енергетски и еколошки кризи.
Според претседателката, неопходно е да се изнајде модел за амортизирање на шоковите во нестабилен и постојано променлив економски амбиент, а како еден од столбовите на стабилноста во непредвидливи услови ги посочи токму централните банки.
„За да можат успешно да ја реализираат својата важна задача, централните банки мора да бидат независни од централните власти, заради отпорност на политичките влијанија и притисоци, што особено се засилуваат во кризни и изборни години, каква што е оваа 2024-та година, која важи за најизборната во историјата на демократијата. Всушност, независноста им овозможува на централните банки да ја извршуваат својата незаменлива улога во намалувањето на инфлацијата, стабилизацијата на цените и одржувањето на макроекономската стабилност како предуслови за долгорочен економски раст“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Според претседателката, македонските граѓани ќе ги почувствуваат придобивките на Европската Унија дури тогаш кога, трговската интеграција ќе биде дополнета со политичка, низ процес на европски реформи, со почитување на европските стандарди и критериуми. Како што посочи, интеграцијата ќе ни помогне да изградиме поинклузивно и поправедно општество во кое мажите и жените ќе можат подеднакво да напредуваат врз основа на своето знаење и вештина, односно стручност и компетентност.
„Нам, за жал, неправедно ни се скратува правото на напредок и тоа, не поради Копенхагенските критериуми, туку поради барањата од некои соседи за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
„Како последица на оваа неправда, младите, кои се нашиот клучен двигател на економијата, се иселуваат. За да го спречиме губењето на највредниот ресурс-младите, од европските партнери очекуваме разбирање и деблокирање и дебилатерализација на процесот на преговори за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на правото и правдата, односно европските принципи и вредности, утврдени во уставните акти. Само целосно интегриран во Европската Унија, Балканот, наместо Ахилова пета, ќе стане еден од стожерите на стабилност на Европа“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Посочи дека е време за реформа на меѓународниот монетарен систем, констатирајќи дека помалите држави треба да се вклучат на порамноправен начин во него.
Навраќајки се на нејзиното минатонеделно учество на Самитот на иднината во Њујорк и зборовите на Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш дека не можеме да градиме иднина за нашите потомци со помош на систем изграден пред 79 години, претседателката Сиљановска Давкова изрази уверување дека е потребно преиспитување и трансформација на секој сегмент од меѓународниот поредок, вклучително и меѓународниот монетарен и финансиски поредок воспоставен на конференцијата во Бретон Вудс во далечната 1944.
„Како прва македонска претседателка, верувам дека промените ги засегаат и жените и дека жените се не само за промени во ООН, туку и за реформа на меѓународниот монетарен и финансиски поредок“, рече претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање.
Претходно, претседателката Сиљановска Давкова оствари средба со Алфред Камер, директор за Европа во Меѓународниот монетарен фонд, на која се разговараше за севкупната соработка и активностите на фондот во нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„ССМ и Трендафилов одбија 40% зголемување на платите во следните 2 години на штета на работниците, а по партиски диктат на СДС, ДУИ и Левица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Слободан Трендафилов со плата 3-4 пати поголема од минималната, е единствениот синдикалец на светот кој е против поголеми плати за работниците и е политичка маша на СДС, ДУИ и Левица. ССМ и Слободан Трендафилов одбиле 40% покачување на платите во следните 2 години на штета на работниците. Слободан Трендафилов како прв синдикалец не застана во одбрана на работниците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„ССМ и Трендафилов не го поздравија досега ниту еднаш колективниот договор во образованието и здравството, ниту пак ги поздравија зголемените плати во МВР, Министерство за одбрана и во центрите за социјална работа.
Трендафилов е политичка марионета на СДС, а доказ за тоа е што договорот кој тој лично заедно со екс министерката за труд и социјална политика, а сегашна потпретседателка на СДС, Јованка Тренчевска го потпишале е истечен, со што се отвора можност за нов колективен договор, за кој Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ предлага административните службеници да добијат 40% повисоки плати за 2 години.
Иако Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ понуди конкретно и јасно решение, 40% зголемување на платите на административните службеници во следните две години преку нов колективен договор, ССМ и Слободан Трендафилов одбија да го прифатат предлогот, оставајќи ги работниците без повисоки примања.
Одбивањето да се потпише нов колективен договор, иако стариот е истечен, јасно покажува дека кај ССМ нема волја за подобрување на стандардот на работниците. Трендафилов е политичка марионета на СДС, ДУИ и Левица“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Граѓаните да ги ажурираат своите податоци за „Безбеден град“ на посебниот шалтер во МТВ или во станиците за технички преглед
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
Истото, може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)

