Македонија
(Видео) „Владата на СДС и ДУИ вршела исплати кон доставувачи за проекти, без целосни информации дали средствата се искористени за намената што требало“, вели Лефков

„Владата на СДС и ДУИ исплаќала пари за проекти за кои немала целосна евиденција дали средствата се потрошени за намената за која и се префрлени“, рече Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„ДЗР во својот извештај за 2021 година нотира дека Владата на СДС и ДУИ за потпроектите кои се дел на Проектот за локална и регионална конкурентност, исплатата кон добавувачите ја врши од буџетот на Владата, при што Владата нема целосни информации за искористеноста на средствата за намената за која е планирана програмата како и податоци дали градежните објекти и опремата се целосно евидентирани како државен имот кај крајните корисници.
Владата на СДС и ДУИ префрлале милиони, а не знаела дали и како се потрошени средствата. Ова не е констатација на ВМРО-ДПМНЕ, ова го утврдил Државниот ревизор.
Неодговорното трошење на народни пари имало пандемиски размери. Власта на СДС и ДУИ очигледно е дека не водела сметка како и каде завршуваат парите додека завршуваат кај фирми блиски ним.
Власта на СДС и ДУИ со милионите за кои не знаат каде завршиле можеле да направат десетина градинки или да набават стотина амбулантни или возила за гаснење пожар.
Неодговорното однесување завршува. Неспособноста завршува со нив. Владата на ВМРО-ДПМНЕ работи 100% одговорно за твојата иднина“, изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ: Инфлација од 4,8 отсто, властите да ги прифатат нашите предлози за укинување ДДВ на храната

Заменик-претседателката на Форумот на жени при СДСМ, Ема Нешковска, на денешната прес-конференција изјави дека инфлацијата од 4,8 проценти на годишно ниво ја доведува економијата во сериозен пад и ја турка населението во сиромаштија. Според неа, ова е резултат на промашените економски политики на владата предводена од Христијан Мицкоски.
Нешковска истакна дека најмногу поскапување има кај храната и основните производи, што го прави животот потежок за граѓаните кои се приморани да прават тешки избори помеѓу плаќање сметки и купување намирници.
Таа ги повика властите да ги прифатат предлозите на СДСМ за укинување на ДДВ за храна, зголемување на минималната плата и покачување на платите во другите сектори како начин за намалување на трошоците и заштита на стандардот на граѓаните.
„Времето на владина незаинтересираност и арчење на парите на граѓаните мора да заврши. Сметката ја плаќаат граѓаните“, порача Нешковска.
Македонија
Влен: Бујар Османи и во МНР спроведувал сомнителни и криминални тендери!?

Државниот завод за ревизија јавно потврди тоа што граѓаните одамна го знаат, дека Министерството за надворешни работи, во време кога министер беше Бујар Османи, спроведувало незаконски тендери поврзани со организацијата на самитот на ОБСЕ во 2023 година, велат од Влен преку соопштение.
„Според ревизорскиот извештај: Потрошени се над 120 милиони денари без јасна евиденција; Не постои документација што точно е испорачано, инсталирано или оставено како трајна опрема во СРЦ „Борис Трајковски“; Договорите и јавните набавки биле спроведувани без транспарентност и со сериозни законски пропусти.
Ова е уште една потврда дека Бујар Османи, каде и да оди, зад себе остава сомнителни и криминални тендери!
Ова не е изолиран случај, истиот Бујар Османи беше осомничен од СЈО за сомнителни набавки уште кога беше министер за здравство во владата на Никола Груевски.
Граѓаните на Чаир добро знаат две работи за Бујар Османи: Прво, никогаш ништо не направил за Чаир, ниту еден проект, ниту една инвестиција, ниту една иницијатива. Второ, секогаш кога бил на функција, се поврзувал со скандали, сомнителни тендери и злоупотреби на јавни пари!“, велат од „Влен“.
„Влен“ додава дека Чаир не заслужува човек чие име се повторува во секој извештај за криминал и злоупотреба.
Македонија
Надлежните со препораки до граѓаните поради најавата за температури до 39 степени во периодот до 13 август

Министерството за здравство информира дека според најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои на некои места ќе достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Поради тоа, Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотен удар: престој во разладени простории, внесување на доволно течности, избегнување на алкохол и засладени пијалаци, носење лесна и светла облека, како и ограничување на физичката активност во најтоплите часови.
Особено внимание треба да се посвети на ризичните групи — деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени.
Во случај на појава на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш треба да се побара медицинска помош.
Министерството ја следи состојбата и ќе постапува според потребите.
Според најавата на УХМР, времето денес ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северероисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 37 степени.