Македонија
Гаши на средба со Ердоган: разменети мислења за унапредување на соработката и за актуелните случувања во регионот и пошироко
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, во придружба на пратениците: Бејџан Иљас, претседател на пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Туркије, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Мерита Колчи Коџаџуку и Беким Сали, од 2 до 5 октомври 2024 година претстојува во официјалната посета на Република Туркије, на покана од Нуман Куртулмуш, претседател на Големото национално собрание на Туркије, известуваат од кабинетот на Гаши.
Во рамките на посетата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Република Туркије,Реџеп Тајип Ердоган, на која присуствуваше и претседателот на големото национално собрание на Туркије, Нуман Куртулшуш, како и претседателите на парламентарните групи за соработка и пријателство од двете собранија, пратениците Бејџан Илјаз и Ахмет Килич.
На средбата беа разменети мислења за унапредување на одличната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије, за состојбите во двете држави и за актуелните случувања во регионот и пошироко.
Гаши оствари средба и со министерот за надворешни работи Хакан Фидан, по што се одржа и заедничка средба со пратениците членови на Делегацијата.
Гаши истакната дека средбата претставува можност Република Северна Македонија и Република Туркије да ја зајакнат долгогодишнатаактивна и успешна соработка. Тој оцени дека неодамнешната посета на министерот Фидан на Република Северна Македонија, како и неговата посета на Туркије, се потврда за високото ниво на билатерални односи меѓу двете традиционално пријателски земји и НАТО-сојузници.
Гаши нагласи дека високо ја вреднуваме успешната соработка со Република Туркије во сите полиња и изрази голема благодарност до Туркије, која од самиот почеток беше принципиелен подржувач на нашето членство во НАТО.
Министерот Хакан Фидан ја потврди безрезервната поддршка на Туркије за Северна Македонија на сите полиња и се осврна на потребата за интензивирање на соработката во полето на економијата, реафирмирајќи ја заложбата за зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
На средбата беше нагласено значењето на меѓупарламентарната соработка и парламентарната дипломатија за билатералните и мултилатералните односи, во однос на унапредувањето на политичкиот дијалог и зголемувањето на динамиката на севкупната соработка меѓу земјите.
Гаши и пратениците остварија средба и со Ерол Озвар, претседател на Советот за високо образование на Туркије и членови на Советот. На средбата, високата собраниска делегација беше информирана за активностите на ова тело во насока на стратешко планирање на високото образование, координација меѓу универзитетите и воспоставување и одржување механизми за обезбедување квалитетно високо образование. Стана збор и за можностите за унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије на полето на високото образование, соопшти кабинетот на Гаши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos
Македонија
СДСМ обвини за политички прогон и дефокус со кривични пријави
Од СДСМ денеска обвинија дека поднесувањето кривични пријави претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што наведуваат, криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштение до јавноста, од СДСМ посочуваат дека, според нив, секогаш кога владејачката партија е „фатена во криминални тендери, поскапа струја, мигранти за пари или резолуции против слободата на говор“, се користат методи за одвлекување на вниманието преку лажни вести или кривични пријави.
„Последниот пример е поднесената кривична пријава од МВР за поранешниот градоначалник на СДСМ од Пробиштип и тоа за поништено решение од негова страна“, наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент за, како што велат, класичен дефокус, од СДСМ посочуваат на настан што се случил пред два дена, при инспекциска контрола на објект во сопственост на началникот на ОВР Пробиштип, каде, според нив, биле утврдени низа неправилности. Во соопштението се наведува дека објектот од намена училиште бил пренаменет во ресторан, со узурпација на државно земјиште, за што, како што тврдат, постојат претходни постапки и правосилна судска пресуда.
„Ова е класичен политички прогон и обид за дефокусирање на вниманието на јавноста“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат.

