Свет
Двајца белгиски новинари ранети во Бејрут, едниот има фрактура на лицето

Двајца новинари на белгиската телевизија ВТМ се повредени денеска во Бејрут додека известувале за воздушен напад врз центарот на либанската престолнина во време на отворен конфликт меѓу Израел и Хезболах, соопшти нивната редакција.
Воениот репортер Робин Рамаекерс доби фрактура на лицето, а камерманот Стијн де Смет си ја повреди ногата, така што и двајцата беа хоспитализирани. Нивната редакција телефонски разговарала со нив и било потврдено дека не се во животна опасност, изјави портпаролот на медиумската групација „ДПГ медија“, сопственик на ВТМ.
Седум лица беа убиени во израелски воздушен напад врз градот во четвртокот наутро, еден ден по убиството на осум израелски војници во судирите со Хезболах. Израел соопшти дека извршил прецизен воздушен напад врз Бејрут. Три проектили го погодија и јужното предградие Дахиџе, каде што минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.
Белгиското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ја следи состојбата на своите повредени новинари. Во Либан моментно има речиси 1.800 белгиски државјани, а стотина изразиле желба да ја напуштат земјата, соопшти белгиската дипломатија додавајќи дека ќе им помогне во тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Захарова: Одлуката на Европската Унија е самоубиствена

Портпартолката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја опиша одлуката на Европската Унија (ЕУ) да го намали увозот на руска енергија како „самодеструктивна“, па дури и „самоубиствена“, пренесува Анадолу.
Зборувајќи на прес-конференција во Москва, Захарова рече дека Брисел со години постојано следи деструктивен курс за земјите-членки.
„Верувам дека ова е повеќе како некаков вид самоповредување. Ова е самоубиствено“, рече таа, осврнувајќи се на предлозите во рамките на Европската комисија за забрзување на постепеното укинување на увозот на руски фосилни горива.
Таа додаде дека Брисел ја препознал невозможноста за целосна замена на руската енергија само преку пазарни механизми, што довело до директни законодавни дејствија што ги принудиле земјите-членки да престанат да купуваат руски суровини.
„Се чини дека создавачите на Европскиот економски совет тешко можеле да замислат колку далеку ќе оди оваа институција. Основачите замислувале нешто сосема друго, додека денешните лидери се чини дека се рамнодушни кон европската благосостојба“, предупреди Захарова.
Свет
Нетанјаху: Лага е дека Израел го убил Кирк

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги отфрли теориите дека Израел е некако поврзан со убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк како „монструозна, голема лага“.
Кирк беше убиен минатата среда за време на настап на Универзитетот во Јута Вали. Тајлер Робинсон е обвинет за убиството. Сепак, бројни теории на заговор се проширија на социјалните медиуми, вклучително и дека израелската служба за надворешно разузнавање Мосад стои зад убиството.
„Јозеф Гебелс, нацистичкиот министер за пропаганда, рече дека колку е поголема лагата, толку побрзо ќе се шири. Некој измислил монструозна голема лага, дека Израел имал некаква врска со ужасното убиство на Чарли Кирк. Ова е лудо, лажно и скандалозно“, рече Нетанјаху.
„Чарли Кирк беше гигант, талент што се појавува еднаш во еден век. Тој ја бранеше слободата, Америка и нашата заедничка јудео-христијанска цивилизација. Чарли го сакаше Израел, го сакаше еврејскиот народ, ми го кажа тоа во писмо што ми го испрати пред само неколку месеци“, додаде тој.
Излегувањето на Нетанјаху дојде откако некои истакнати членови на движењето MAGA (Make America Great Again) рекоа дека Кирк приватно бил многу покритичен кон израелската влада на Нетанјаху отколку што јавно покажал.
Израел се соочува со растечка криза на јавна поддршка како што се интензивира војната во Газа, а членовите на движењето MAGA отворено ги критикуваат израелските тактики. Поранешниот водител Такер Карлсон во својата емисија рече дека Кирк „не го сакал Биби Нетанјаху“ и бил „згрозен“ од она што се случувало во Газа.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Трамп повторно рече дека го решил конфликтот меѓу Албанија и „Абербајџан“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се обрати пред медиумите по средбата со британскиот премиер Кир Стармер.
Тој зборуваше за своите успеси во завршувањето на војните низ целиот свет. Тој повторно рече дека го решил конфликтот меѓу Албанија и „Абербајџан“. Ова е трет пат во последните неколку недели Трамп да ја помеша Албанија со Ерменија.
😂Trump claimed he settled the conflict between “Aber-baijan” and Albania
Well, that’s a new one! pic.twitter.com/hqH7fUhpDr
— NEXTA (@nexta_tv) September 18, 2025
На 8 август, Азербејџан и Ерменија потпишаа мировен договор, постигнат со посредство на САД. Договорот вклучува ексклузивни права на САД за развој на стратешки транзитен коридор низ Јужен Кавказ, за кој Белата куќа тврди дека ќе овозможи поголем извоз на енергија и други ресурси.
„Тие се бореа долго време, 35 години, а сега се пријатели и ќе бидат долго време“, рече Трамп на церемонијата на потпишување во Белата куќа, на која присуствуваа азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
Ерменија и Азербејџан се во конфликт од крајот на 1980-тите, кога планинскиот регион Нагорно-Карабах на Азербејџан, претежно населен со етнички Ерменци, се отцепи од Азербејџан со поддршка на Ерменија. Азербејџан ја врати целосната контрола врз регионот во 2023 година, што ги натера речиси сите сто илјади етнички Ерменци од таа територија да избегаат во Ерменија.
Фото: ЕПА