Македонија
Ковачки: Работите во судството се катастрофално лоши, потребни се оставки во судски совет, генерален ремонт и реизбор
„Работите во судството ни се лоши, катастрофално лоши и тоа е оценка на сите од надвор и од внатре“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки на денешната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Тој посочи дека поради нула ажурност на судовите резултатите се катастрофални.
„Резултатите се катастрофални со ажурност нула на судовите. Од одредени судови се праќаат по други, од едни апелациони подрачја во други се праќаат на испомош затоа што нема судии“, вели Ковачки.
Правдата генерално во Република Македонија, според него ја нема, судство, обвинителство, како што вели, „таа спрега е скапана и тука ние не може да направиме исчекор без генерален ремонт. Мора да имаме генерален ремонт и реизбор“, потенцираше Ковачки.
Тој е дециден дека сите во судскиот совет треба да си дадат оставки.
„Судски совет како што сега е поставен треба да си дадат оставки затоа што доведоа до тие 2% доверба“, укажа Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МЗ: Кај клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ниту се гради, ниту се планира да се градат станбени градби
Во врска со медиумските објави за наводна изградба на зграда на паркингот кај ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Министерството за здравство ја информира јавноста дека во рамките на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ ниту се гради, ниту се планира да се градат станбени градби.
Сите градежни интервенции што се изведуваат во оваа зона, велат од Министерството, се исклучиво поврзани со здравствената дејност и функционалната инфраструктура на јавните здравствени установи.
„Во делот на нашите надлежности, ја уверуваме јавноста дека работењето на Клиниката се одвива непречено и пристапот за пациентите е обезбеден“, велат оттука.
Се додава и дека Министерството за здравство нема надлежност да утврдува урбанистичко-планска документација, да издава одобренија за градење или да определува сопственичко-правен статус на парцели. Овие прашања се во надлежност на органите на локалната самоуправа, пред сè Општина Центар, како и на другите институции од областа на урбанизмот и катастарот.
Македонија
Манасиевски: ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг влегува како апсолутен фаворит, очекуваме огромна победа
ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг влегува како апсолутен фаворит, очекуваме огромна победа, изјави Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека по 19 октомври и апсолутната победа во првиот круг од овие локални избори, ВМРО-ДПМНЕ се движи кон нова победа во вториот круг и запечатување на оваа историска победа.
„550 советнички места, 33 општини во првиот круг и зголемување на бројот на гласови за 11.000, благодариме на секој еден што гласаше за вистинскиот избор. А, сега имаме одлична можност да ја испишеме историјата на овие избори. На 2 ноември влегуваме во директна битка за 27 општини, од коишто во првиот круг имаме убедлива победа во дури 20 општини и градот Скопје, а во останатите 6 сме многу блиску со победа или незначителна разлика од десетици гласови во однос на опонентот“, рече Манасиевски.
Како што додаде, оваа поддршка се должи на чесноста, работата, посветеноста и транспарентноста. Се должи на многу ветувања на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги реализираа изминативе 4 години.
„Четири години сме без скандали, без местени тендери, без афери, без индиции или сомнежи за корупција или криминал“, рече Манасиевски.
Партијата ги повика граѓаните на 2 ноември, масовно да излезат и да ги поддржат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и да го заокружат бројот 9, да го направат вистинскиот избор.
Македонија
ВЛЕН: Ахмети го навреди народот
Коалицијата ВЛЕН реагираше по последните изјави на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оценувајќи дека неговиот речник е „банален, навредлив и недостоен за човек кој некогаш тврдеше дека ги претставува Албанците“.
„Од ‘загарите’ до ‘газиместан’, овој срамен јазик е најјасен доказ за губењето на контролата, паниката и политичкиот крај на човек кој 20 години го третираше својот народ како приватна сопственост. Ахмети денес повеќе не зборува како политички лидер, туку како некој што се дави во сопствениот јазик на омраза,“ се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Оттаму додаваат дека „кога човек кој водеше две децении го нарекува својот народ ‘Газиместан’ и го навредува со ‘700 илјади мајки’, тогаш секој Албанец разбира дека овој човек повеќе не претставува никого, освен себеси и неговиот привилегиран круг“.
„Албанците од Северна Македонија, и оние што гласаа за ВЛЕН и оние што гласаа за НАИ, не се ‘Газиместан’, туку се горда нација, која на 19 октомври демонстрираше висока демократска зрелост и зборуваше со решителност за промени“, стои понатаму.
ВЛЕН порача дека ги почитува сите граѓани кои учествуваа на изборите, нагласувајќи дека „на 19 октомври албанскиот народ се ослободи од страв, притисок и политичка уцена“, и најави дека „на 2 ноември, ќе славиме заедно и на секој агол бидејќи Албанците ќе победат во речиси сите албански општини“.

