Свет
Експлозии во Бејрут, Израел продолжува да напаѓа: гаѓани бункери, цел бил човек кој би можел да стане нов лидер на Хезболах
Околу полноќ Израел изврши напад врз подземен бункер во јужните предградија на Бејрут, каде што се одржуваше состанок, на кој присуствуваше можниот нов лидер на Хезболах, Хашем Сафиедин, со други високи претставници на либанската милитантна група, објави „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на тројца неименувани израелски официјални лица.
Не е познато дали Сафиедин бил повреден во израелскиот напад, кој наводно бил еден од најмоќните од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах.
Сафиедин, роднина на убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насрала, долго време е еден од највисоките функционери на организацијата и се смета за кандидат за нејзин нов генерален секретар, пишува „Њујорк тајмс“.
Израелските власти претходно изјавија за американскиот весник дека Сафиедин бил еден од ретките високи лидери на Хезболах што не бил присутен на местото што Израел го нападна минатиот петок кога Насрала беше убиен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Најмалку 14 загинати во Јабланица, објавена првата официјална информација за жртвите од поплавите во БиХ
Дарко Јукан, раководител на Секторот за односи со јавноста, потврди дека во Јабланица загинале најмалку 14 лица.
Тој објави дека се пронајдени 14 тела и дека има многу жртви, а најкритична е состојбата во областа Долна Јабланица, на патот од Мостар кон Сараево, по обилните врнежи во текот на ноќта, што предизвика одрони и свлечишта на југот на Босна и Херцеговина.
Јабланица сè уште е целосно отсечена од остатокот на БиХ. Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, претходно изјави дека има неофицијални информации за најмалку 20 жртви во Јабланица.
Тој изјави дека се ангажирани припадници на вооружените сили на Босна и Херцеговина, полицијата и меѓународните сили, кои се на обука и дека има проблеми со прекин на комуникациите.
„Ќе побараме помош од меѓународната заедница и од другите земји“, додаде тој за „Ал џезира“.
Вооружените сили на Босна и Херцеговина ќе бидат ангажирани со полн капацитет да му помогнат на населението во поплавените подрачја, изјави министерот Хелез за „Аваз“.
„Трудницата, чие дете ѝ почина во утробата, е евакуирана од подрачјата погодени од поплавите на југот на Босна и Херцеговина и е оперирана во Мостар“, изјави Ламија Дурановиќ, директор на кантоналната болница „Д-р Сафет Муиќ“, за Радио Слободна Европа.
Свет
Руската амбасада предупредува: Америка го отвора патот за нуклеарен конфликт
Со охрабрување на Украина да ја таргетира Русија со американско оружје, САД го отвораат патот за нуклеарен конфликт, изјави рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов.
„Принуден сум уште еднаш да ве потсетам за можната одлука на Соединетите Американски Држави да ги поттикнат Украинците да користат американски системи со долг дострел за гаѓање длабоко во руска територија. Ова е сериозен чекор не само кон ескалација туку и кон патот што администрацијата го трасира за нуклеарен конфликт“, изјави Антонов за „Прв канал“.
Тој посочи дека мора да се направи сè за да се избегне нуклеарен конфликт бидејќи во таков конфликт нема да има победници.
„За ваквата одлука одговорни се центрите за одлучување, кои исто така се наоѓаат тука“, заклучи дипломатот.
Медиумите потсетуваат дека рускиот претседател Владимир Путин претходно предупреди дека Русија го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија врз неа, меѓу другото, ако непријателот користи конвенционално оружје – ако тоа претставува закана за виталните интереси на државата.
Регион
Исчезна пат поради порои во Босна и Херцеговина, пруга виси во воздух
Во близина на изворот Комадино, недалеку од Јабланица во Босна и Херцеговина, патот е целосно исчезнат поради пороите и одроните што го зафатија теренот. На фотографијата може да се види и како железничката пруга виси во воздухот бидејќи водата ја однела почвата под неа.
Малку претходно Планинарската служба за спасување (ГСС) Јабланица ги повика жителите да се обратат за помош и пожарникарите со заеднички сили се обидат да ги спасат загрозените од поплавите предизвикани од обилните врнежи во текот на ноќта. Потврдено е дека Јабланица е целосно блокирана.
„Полицијата нè извести дека е блокирана и пругата. Во моментот не можете да влезете или да излезете од Јабланица. Фиксните телефони работат, но мобилните немаат сигнал“, велат од ГСС.
Поради големите поплави и одрони, загрозено е голем дел од населението, а според достапните информации, има голем број повредени и исчезнати лица.