Македонија
Нема потреба од закони за амнестија за намалување на пренатрупаноста во затворите, Коцевска охрабрува да се даваат условни казни со надзор

Месно нови закони за амнестија за намаување на пренатрупаноста во затворите, судијката Билјана Коцевска од Основниот кривичен суд Скопје охрабрува да се пишуваат условни казни, но со надзор. Таа смета дека оваа мерка, која постои како законско решение, треба почесто да биде применувана.
„Со овој настан, кој е само почеток на идни вакви работилници, имаме цел да се охрабрат судиите да изрекуваат поголеми условни отпусти со заштитен надзор. Токму на овој начин јас сум убедена и верувам дека ќе можеме во догледно време да ја намалиме пренатрупаноста во затворите, да се намали рецидивизмот, а со тоа и ресоцијализација на осудените лица. Токму заради тоа сметам дека нема потреба од носење закони за амнестија само со една и единствена цел да се намали пренатрупаноста во затворите од причина што неколкуте закони за амнестија кои беа досега донесени, не ја постигнаа целта во насока на тоа дека можеби само моментално се намалува пренатрупаноста во затворите, но за многу кратко време повторно имаме пренатрупаност. Токму од тие причини сметам дека треба да се охрабриме да даваме поголеми условни отпусти во насока на постигнување на целта не само на намалување на пренатрупаноста туку и на постигнувањето на целта на казнувањето, намалувањето на рецидивизмот, а со тоа автоматски ќе се намали и затворската популација односно пренатрупаноста“, рече судијката Коцевска пред почетокот на работилницата „Предизвици за надминување на затворската пренатрупаност“ организирана од Македонското здружение на млади правници.
Условните казни без надзор, Коцевска смета дека јавноста со право ги доживува како ослободителни.
„Со изрекување само на условни осуди навистина е оправдан впечатокот во јавноста дека условно осудените останале неказнети. Со изрекувањето на заштитниот надзор, односно со обврските од заштитен надзор имаме начин и можност да вршиме надзор над однесувањето на осудените лица во времето на проверка така да доколку не ги исполнуваат обврските во тој случај се отповикува условната осуда. Верувам дека на тој начин сите ние ќе придонесеме да го смениме општиот впечаток во јавноста дека условно осудените останале неказнети. Ако имаме запретена казна од најмалку четири години, можеме најмногу да ја ублажиме до две години и во таков случај можеме да изречеме условна осуда со заштитен надзор“, рече судијката Коцевска.
Неизоставен дел од овој процес на давање поголеми отпусни осуди со заштитен надзор, Коцевска смета дека е и промоција на институтот пробација. За себе вели дека го применува и од 2019 година скоро и да нема условна казна без надзор.
„Имаме, навистина на многу високо ниво, добра соработка со пробациската служба во рамките на Кривичниот суд. Во секојдневна комуникација сме со нив. Верувајте дека се огромни придобивките од примената на овој институт. Јас пред да го закажам судењето барам проценка на ризикот од пробациската канцеларија. Ми даваат детален извештај и јас добивам комплетен извештај за структурата на личноста на обвинетиот со предлог – обврски кои би можеле да бидат изречени, иако секако не сум врзана со тоа. Можат да бидат тие, можат да бидат и тие и некој друга и така натаму. По правосилноста на пресудите добиваме редовни извештаи од страна на пробациската канцеларија“, објасни судијката Коцевска.
Директорот на Управата за санкции, Александар Пандов, денес пред почетокот на работилницата за предизвиците со пренатрупаноста во затворите рече дека еден затвореник годишно државата ја чини над 10.000 евра и порача дека ако стотина затвореници дневно можат да го напуштаат затворот поради работни обврски и попладне да се враќаат, тогаш нема зошто таквите луѓе казната да не можат да си ја одлежат во домашни услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Го онесвестиле удирајќи го со клешти оти се сомневале дека им краде лубеници

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека заедно во група извршиле кривично дело – Насилство предвидено во член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, на возраст од 39 и 31 година, на 24 јули во скопското село Орешани извршиле грубо насилство и ја загрозиле сигурноста на едно лице, за кое сметале дека украл лубеници од нивата на првоосомничениот.
Со товарно возило го следеле оштетениот додека тој со автомобилот се движел од Петровец кон селото Таор, се додека не се паркирал во дворот на куќата на неговиот внук во Орешани, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Осомничените пристигнале веднаш по него, излегле од возилото и го нападнале. Насилно го извлекле оштетениот од возилото и го удирале со тупаници и шамари по главата и телото. Вториот осомничен извадил водоводџиски клешти од камионот, па и со нив го удирале се додека оштетениот не паднал во безсознание. Му нанеле тешки телесни повреди поради кои тој во живото- загрозувачка состојба е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија. Со дејствијата на насилство, кај сведокот – внукот на оштетениот и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Ценејќи ги сите околности и ризици, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Македонија
Царинските тимови со засилени патролни контроли на пловните објекти во водите на Охридското Езеро

Мобилни царински тимови спроведуваат засилени патролни контроли на пловните објекти во водите на Охридското Езеро, соопштија од Царинската управа.
-Ги следиме сите сомнителни активности и каде што постои сомневање вршиме контрола се со цел навремена детекција и спречување на секој обид за криминал, изјавил помошник директорот за контрола и истраги Влатко Лакордов.
Со зголемената контрола на пловните објекти, се додава во соопштението, целиме кон спречување обиди за криумчарење и обезбедување ефикасна и реална наплата на увозни давачки.
Македонија
Апасиев со тужба против Собранието и Гаши

Димитар Апасиев, пратеник и претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, вчера поднел тужба до Управниот суд против Собранието и претседателот на парламентот, Африм Гаши.
Повод за оваа тужба, како што се наведува во информацијата од Левица, е неделовничко и противзаконско поништување на уредно закажаната Надзорна расправа за трагедијата во Кочани, која требаше да се одржи на 8 јули годинава.