Македонија
Јунајтед Груп го објави извештајот за одржливост за 2023 година: Намалување на емисиите, зајакнување на обновливите извори на енергија, поттикнување еднаквост
- 46% намалување на емисиите од Опсегот 1 и 2 во однос на 2020 година.
- 40% од вкупната потрошувачка на електрична енергија од обновливи извори.
- Целта кон нула оперативен отпад до депонијата до 2030 година.
- Значајни пресвртници во родовата еднаквост и различност постигнати во 2023 година.
Јунајтед Груп, водечки телекомуникациски и медиумски провајдер во Југоисточна Европа, направи значителен напредок во своите напори за одржливост во текот на 2023 година. Компанијата го објави својот Извештај за одржливост за 2023 година, истакнувајќи ги значајните достигнувања во областите на животната средина, социјалните и управувањето (ESG). Овој извештај ја нагласува посветеноста на Јунајтед Груп на одржливост и го детализира нејзиниот напредок во поттикнувањето позитивни влијанија врз животната средина и социјалните мрежи.
Јунајтед Груп цели на нето нула емисии до 2040 година, со значителни намалувања на емисиите, потврдено од SBTi (Иницијативата за научно засновани цели).
Главен белег на аспирациите за одржливост на Јунајтед Груп се амбициозните цели за намалување на емисиите, потврдени од Иницијативата за научно базирани цели (SBTi). Како дел од својата заложба за борба против климатските промени, Јунајтед Груп цели на нето нула емисии до 2040 година. Значителен напредок беше постигнат во 2023 година, при што компанијата постигна 46% намалување на емисиите од Опсегот 1 и 2 во споредба со базната 2020 година.
Голем напредок во иницијативите за обновлива енергија и кружна економија
Во 2023 година, Јунајтед Груп ја потврди својата посветеност кон обновливите извори на енергија преку набавка на 40% од вкупната потрошувачка на електрична енергија од обновливи извори, дополнително зајакнувајќи ја својата улога во промовирањето одржливи деловни практики во индустријата. Покрај намалувањето на емисиите, Јунајтед Груп постави цел да постигне нула оперативен отпад на депониите до 2030 година. Оваа цел се потпира на принципите на кружната економија, иницијативите за повторна употреба, рециклирање и елиминирање на е-отпадот. Компанијата веќе ги промовира принципите на циркуларна економија преку нејзините иницијативи за полу-SIM и eSIM, програми за отстранување на отпад од потрошувачите и програми за откуп на паметни телефони. Значајно е што во 2023 година, околу 40% од инсталираната опрема за корисници (CPE) се состоеше од обновени единици.
Оваа година, Јунајтед Груп, исто така, ја заврши својата прва проценка во согласност со таксономијата на ЕУ, оценувајќи ги своите активности во однос на рамките на ЕУ за одржливо финансирање кои промовираат одржлива транзиција и општествено одговорни инвестиции.
Шампионите на Јунајтед Груп: Социјалните иницијативи за родова еднаквост и развој на лидерството во 2023
Во однос на социјалните иницијативи, Јунајтед Груп постигна значителни пресвртници во родовата еднаквост и различноста во 2023 година. Жените имаа 52% од лидерските улоги низ компанијата, што ја одразува посветеноста на компанијата за зајакнување на жените на работното место. Дополнително, Јунајтед Груп ги потпиша Принципите за зајакнување на жените (WEPs) – глобална иницијатива која промовира корпоративна акција за родова еднаквост и ја заврши својата прва проценка на средната родова разлика во платите, истакнувајќи ја својата поддршка за жените во текот на нивните кариери.
За да го зајакне капацитетот на својот лидерски тим за поттикнување иницијативи за одржливост, Јунајтед Груп ја воведе Програмата за обука за ESG лидерство „Задржи ја иднината“ во 2023 година. Оваа програма им нуди на лидерите вештини и знаења потребни за да ги водат напорите на организацијата во постигнувањето на нејзините долгорочни цели за одржливост.
„Напредокот што го постигнавме во 2023 година ја нагласува посветеноста на Јунајтед Груп за градење одржлива иднина“, рече Миријам Ди Траља, извршен директор за усогласеност, ризик и одржливост на Јунајтед Груп. „Нашите успеси во намалувањето на емисиите, користењето на обновливите извори на енергија и родовата еднаквост покажуваат дека одржливоста е сржта на нашата стратегија. Горди сме на нашиот напредок и остануваме посветени на испорака на долгорочна вредност за сите наши засегнати страни“.
Целиот извештај за одржливост за 2023 година е достапен на веб-страницата на Јунајтед Груп на линкот.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром објави Јавен повик за граѓански организации – ReLOaD3
Општина Аеродром, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавува Јавен повик за поднесување предлог-проекти во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3).
Програмата има цел да го зајакне партнерството меѓу општината и граѓанските организации преку транспарентна поддршка и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики.
Приоритетни области за проекти:
Заштита на животната средина и климатски промени;
Социјална инклузија и поддршка на ранливи групи;
Млади и младинско учество во заедницата;
Креативни уметности и културен развој;
Повикот е отворен од 30.01.2026 до 27.02.2026
Исто така, ќе се одржат инфосесија, обука и менторска поддршка за сите заинтересирани организации.
Сите детали, услови и потребната документација може да ги најдете на следниов линк.
Општина Аеродром ги охрабрува сите заинтереси да аплицираат и заеднички да се придонесе за развојот на нашата заедницата.
Македонија
Утре посебен сообраќаен режим во Скопје поради протестниот марш „Стоп за Цементара“
Утре, со почеток во 12:00 часот ќе се одржи протестен марш „Стоп за Цементара“ со траса на движење од пред Влада на РСМ на булеварот „Илинден“, десно по булеварот „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улицата „11-ти Октомври“ до пред Собрание на РСМ и лево по улицата „Филип 2-ри Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
Изгласана Резолуцијата за затворање на постмониторинг дијалогот со Македонија: „Ова е потврда за напредокот на државата“
Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествуваат пратениците Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска Стојчевска, беше изгласана Резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Северна Македонија. Текстот на Резолуцијата во име на Мониторинг комисијата беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија од политичката група на Социјалистите и Џозеф О’Рајли од Ирска од Европските народни партии, соопшти Собранието.
Во текстот се наведува дека Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Северна Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа и ја признава политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова, Собранието одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Северна Македонија и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Мониторинг комисијата или долгото име: Комисија за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа, има важна улога да го следи исполнувањето на обврските преземени од страна на земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои земјите членки се обврзале.
Значењето на мониторинг процесот е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија. Односно, постои координиран пристап во мониторинг механизмите како во Советот на Европа, односно Парламентарното собрание и неговите комисии, Комитетот на министри, Конгресот на локалните и регионални власти, Венецијанската комисија, така и со ЕУ и другите меѓународни организации. Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и заради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава.
Во дебатата за оваа точка учествуваа сите членови на Делегацијата на Собранието. Иванка Василевска ја истакна посветеноста на државата кон европските вредности, демократските реформи и конструктивната соработка во рамки на Советот на Европа, а затворањето на постмониторинг дијалогот го оцени како признание за долгорочните напори. Таа се осврна на постигнатиот напредок во демократските процеси преку фер избори, мирна смена на власта, изборот на првата жена претседател и конкретните резултати во борбата против корупцијата, потврдени од ГРЕКО. На крајот нагласи дека изгласувањето на резолуцијата е потврда на напредокот, мултиетничкиот и инклузивен карактер на државата и нејзината континуирана посветеност на реформите.
Беким Ќоку го поздрави завршувањето на постмониторинг дијалогот за Северна Македонија како значаен успех не само за државата, туку и за целиот Западен Балкан. Тој нагласи дека реформите и доследната посветеност кон стандардите на Советот на Европа носат конкретни резултати и ја зајакнуваат демократијата и стабилноста во регионот. Ќоку нагласи дека Северна Македонија е доверлив европски партнер, целосно усогласен со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и посветена на европската интеграција. Своето обраќање го заврши со поздравување на резолуцијата како признание за постигнатиот напредок и поттик за продолжување на реформите во сите земји од Западен Балкан.
Бисера Костадиновска Стојчевска истакна дека оваа резолуција со која се затвора процес по 25 години е резолуција за секој политичар кој некогаш бил или е на власт, дека ја отсликува состојбата, но и желбата на граѓаните да бидат дел од Европската Унија. Таа кажа дека се надева дека со усвојувањето на оваа резолуција, сите политичари во државата, особено власта, добиваат јасен знак дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија и тоа треба да се случи час поскоро.

