Свет
Борел: Без поддршката на Западот, војната во Украина ќе завршеше за 15 дена
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска изјави дека војната во Украина ќе заврши за 15 дена доколку западните сојузници престанат да ја поддржуваат таа земја.
„Многу луѓе сакаат војната да заврши што е можно побргу. За почеток, самите Украинци. Но, важно е како. Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за петнаесет дена војната ќе заврши и рускиот претседател Владимир Путин ќе ги постигне своите цели, но дали тоа е она што го сакаме за Украинците и за безбедноста на нас Европејците?, изјави шефот на европската дипломатија во интервју за шпанскиот весник „20 минути“.
Тој повтори дека сојузниците мора да направат сè што е во нивна моќ за кога ќе дојде време за преговори со Русија, Украина да ги води „под услови поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.
Свет
Американците би можеле да плаќаат двојно поскапи италијански тестенини
Љубителите на италијанската паста во САД би можеле наскоро да се соочат со драстично поскапување – цената на тестенините може да се удвои поради предложена царина од 107 проценти на увозот од Италија.
Министерството за трговија на САД започна антидампинг истрага по жалби од домашни производители. На удар се неколку водечки италијански брендови, меѓу кои, а конечните резултати ќе бидат објавени до 2 јануари 2026 година.
Италијанските компании тврдат дека царината е „несоодветна и политички мотивирана“.
„Со толку високи давачки, нашите производи нема да можат да стигнат на американскиот пазар“, предупреди Маргерита Мастромауро од здружението Унионе Италијана Фуд.
Според земјоделската организација „Колдирети“, ваквата мерка би ја дуплирала цената на чинија тестенини за американските семејства и сериозно би ги погодила италијанските производители.

