Македонија
Со инвестиција од 3,7 милиони евра Царинската управа ќе работи на воспоставување нов граничен премин Клепало со Бугарија
Со инвестиција од вкупно 3,7 милиони евра,Царинската управа ќе работи на воспоставување нов граничен премин Струмјани – Берово (Клепало) со Република Бугарија. За овој проект се обезбедени 3,1 милиони евра грант од ИПА 3-програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија, а 551.548 евра се национално кофинансирање.
Денеска, во Берово, се одржа настан за одбележување на почетокот на проектот за воспоставување на новиот граничен премин, на кој се обратија директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, Тони Јакимовски.
Перински вели дека Програмата, и покрај континуираните политички спорови меѓу Бугарија и Македонија, испраќа позитивна порака до сите засегнати дека регионалната соработка и добрососедските односи може да придонесат за раст и просперитет на пограничниот регион, со што ќе се овозможи поквалитетен живот на граѓаните, што во суштина е и целта на ИПА-програмата, финансирана од Европската Унија.
„Почнувањето на овој долгогодишен очекуван стратешки проект е од големо значење по многу основи како за нашата земја така и за целиот пограничен регион. Отворањето на преминот Клепало ќе има значителна корист за регионалната поврзаност, ќе ја подобри и олесни комуникацијата помеѓу двете земји и ќе овозможи директен пристап до автопатот ‘Струма’ во Бугарија, кој е важен дел од трансевропската транспортна мрежа. Користењето на овој граничен пункт, освен што ќе заштеди време, ќе значи и олеснување на сообраќајот на луѓе и стоки меѓу двете земји и ќе создаде услови за економски развој во малешевскиот крај, кој ги поседува сите потенцијали за развој на туризмот. Ова е само уште еден проект, кој се финансира преку ИПА-програмата, финансирана од Европската Унија, чија имплементација ќе придонесе за зајакнување на прекуграничната соработка, а во интерес на граѓаните“, потенцира Перински.
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, истакна дека воспоставувањето на преминот Клепало, како и реконструкцијата и надградбата на граничниот премин Деве Баир, испраќаат силна порака дека Македонија е силно посветена на процесот за пристапување во ЕУ, при што ќе се инвестира во подобрување на граничното управување на сите премини.
Денешниот настан, како што вели, е јасен доказ за нашата посветеност во процесот на пристапување во ЕУ, при што воспоставувањето на преминот Струмјани – Берово е еден од стратешките проекти.
Николовски вели дека со овој проект се очекува подобрување на регионалната поврзаност, зголемување на протокот на луѓе, унапредување на економските односи и зајакнување на трговските врски.
„Нашата цел е побрз пристап во единствениот пазар на ЕУ. Овој проект, проектот за реконструкција на Деве Баир, проектот за видеонадзор, автоматизацијата на терминалите, јасно ја покажуваат нашата посветеност во остварување на стратешките приоритети за економска трансформација, безбедност на државата и жестока борба со криминалот“, вели Николовски.
Директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија Тони Јакимовски, вели дека создавањето нов граничен премин Струмјани – Берово (Клепало) претставува важен чекор во зајакнувањето на прекуграничната соработка меѓу двете соседни земји.
„Ваквите проекти претставуваат одраз на нашата заедничка визија за одржлив и интегриран регионален развој. Програмата ‘Интеррег’ е создадена со цел да поттикнува прекугранична соработка и да ја поддржува интеграцијата на региони преку конкретни проекти, кои носат долгорочни придобивки. Изградбата на новиот граничен премин Струмјани – Берово е одличен пример за оваа цел овозможувајќи поголема мобилност на луѓето и стоки, зајакнување на економиите и подобрување на инфраструктурата од двете страни на границата“, вели тој.
Вкупната инвестиција за воспоставување на граничниот премин изнесува 11,1 милиони евра, при што 7,7 милиони евра се грант преку ИПА 3-програмата за прекугранична соработка на ЕУ, а преостанатите средства се национално кофинансирање од страна на Македонија и Бугарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.
Македонија
Иран се соочува со агресија, МНР наместо пддршка да го осуди американско – ционистичкото дивеење, велат од Левица
Политичката партија Левица најостро ја осудува, како што велат од таму, американско-ционистичката агресија врз Иран, вклучително убиството на дел од неговото воено-политичко раководство и масакрите врз цивилното население.
„Ова подивено однесување на екстремно-десничарската администрација на Трамп во соработка со геноцидниот касап Нетањаху претставува флагрантен државен тероризам, газење на меѓународниот поредок, и акт на воена агресија чија цел е дестабилизација на суверена држава и воспоставување на империјална доминација на Блискиот исток. Таквите злосторства против човештвото не можат да поминат неказнети и се директно спротивни на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации“.
Апелираат до МНР и министерот Тимчо Муцунски наместо, како што додаваат, слепа поддршка за оваа дивјачка агресија, да испратат јасна осуда против оваа бесмислена воена агресија со потсетување дека и македонскиот народ во својата историја бил жртва на империјалистичката чизма.
„Република Македонија мора да се позиционира на страната на мирот, суверенитетот и анти-империјалистичката борба, а не да молчи пред злосторствата на суперсилите. Левица останува непоколеблива во својата борба против сите форми на империјалистичка агресија и ќе продолжи да се залага за ослободување на народите ширум светот“

