Македонија
Ѓорѓиевски на изложба на изработки на децата со церебрална парализа

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес ја посети изложбата на изработки подготвени од децата со церебрална парализа, по повод одбележување на Светскиот ден на лицата со церебрална парализа.
Поставена е во Домот на култура “Билјана Беличанец”, каде овие дечиња се дружеа со градоначалникот и останатите посетители.
-Секогаш тука за моите најдраги пријателчиња! По повод Светскиот ден на лицата со церебрална парализа, денес се одржа изложба подготвена од вредните рачиња на овие мои најдобри другарчиња. Темата на која твореа е Македонија, а тука беше претставено целото наше културолошко непроценливо наследство и традиција кои се дел од нашата историја, корени и нашата иднина гледана преку очите на лицата и децата со церебрална парализа. Овој ден е само уште еден повод да се сретнеме и да си го разубавиме секојдневието, бидејќи нашите дружби се доста чести. Следејќи ги нивните потреби, им отворивме клуб како соодветен простор за игра и дружење, кој е целосно финансиран од мене и мојот тим. Внимаваме на нивната социјализација, на нивната инклузија и како човек и градоначалник секогаш ќе бидам тука за нив. Сите заслужуваат еднаква шанса. Ви благодарам за денешниот ден и прекрасните подароци-изјави Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) ЦУК: Отстранета е опасноста на мостот на Пчиња кај селото Бадар

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираше дека добиле известување од повеќе граѓани дека обилните врнежи од дожд во претходните денови предизвикале зголемување на нивото на водата во речното корито на реката Пчиња. Притоа, големиот доток на вода во речното корито, попатно низводно нанел пообилна количина дрвна маса и истите вршата притисок на столбовите, заедно со водата, на мостот, пред влезот на селото Бадар во Општина Петровец.
„Покрај со јавувања на 112 во ЦУК, со допис до ЦУК граѓаните укажуваат дека мостот е поприлично стар и веќе некои од столбовите се закосени, со што постоеше голема веројатност поради големиот притисок од водата и насобраната дрвна маса околу столбовите, истите да се срушат.
Секторот за операции и координација при ЦУК со допис ги извести надлежните институции, Општина Петровец и АД Водостопанство за преземање на мерки и активности за надминување на настаната состојба и отстран8ување на опасноста. Денеска, од Општина Петровец и АД Водостопанство сме известени дека од нивна страна е ангажирана соодветна механизација и дрвјата се исчистени од речното корито“, соопшти ЦУК.
Македонија
Зошто не е проширена истрагата за Кочани, прашуваат од СДСМ

И покрај тоа што поминаа речиси четири недели од трагедијата во Кочани, јавноста сè уште нема добиено одговори на клучните прашања: кој е одговорен за пожарот што се случи во „Пулс“ и кој е одговорен за серијата безбедносни пропусти, велат од СДСМ.
Сè уште, како што додаваат, нема проширување на истрагата за безбедносните пропусти направени на кобната ноќ, ниту пак на оние што ѝ претходеле.
„Не е повикан ниту еден актуелен функционер на распит, не е отворена постапка за никого од МВР, ОВР Кочани, СВР Штип или БЈБ кои денот на трагедијата, 16 март, биле на позиции.
Зошто не се повикуваат оние кои биле на позиции кобната ноќ?
Зошто не е проширена истрагата за Кочани иако јавно беше најавено дека ќе се случи“, прашуваат од оваа партија.
Според СДСМ, не смее да има заштитени. Одговорност, подвлекуваат мора да има, од највисоките па до најниските нивоа.
„Ова не е политичко прашање. Ова е прашање на правда, доверба и достоинство.
Граѓаните, семејствата на жртвите, сите, имаат право на вистина. Имаат право да знаат што точно се случи и кој ќе понесе одговорноост“.
СДСМ, нагласуваат, ќе продолжи да инсистира на целосна, транспарентна и неселективна истрага.
Македонија
„Баџанакот на Мицкоски со бугарска фирма е и донатор на ДПМНЕ“, велат од партијата Левица

„Молкот за контроверзните бугарски фирми на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев, добива нова димензија кога ќе се погледнат донациите на владејачката партија. Имено, токму баџанакот на Мицкоски се јавува како донатор на ДПМНЕ со сума од 20.000 евра (во 2019 и во 2021 година). За баџанакот на премиерот медиумите веќе објавија дека поседува и бугарско државјанство од 2017 година, по примерот на министерката за енергетика Сања Божиновска. Изговорот на министерката Божиновска беше дека бугарското државјанство го добила од економски причини. Очигледно, за да си успешен бизнисмен предуслов е да поседуваш бугарско државјанство“, велат од партијата Левица.
„Дополнително, нејасно е како со професорки плати, фамилијата на Мицкоски донирала речиси 60.000 евра за партијата ДПМНЕ, односно самиот премиер Мицкоски, неговата сопруга и неговиот татко во 2019 и 2021 година донирале 2.950.000 денари.
Иако премиерот Мицкоски сака да говори дека живеел само од професорска плата, непобитен е фактот дека со професорка плата не може да се заштедат вакви огромни суми, ниту пак да се купуваат часовници од по 60.000 евра. За бизнисменското минато на Мицкоски јавноста речиси и да не запознаена, затоа што премиерот дури и во својата биографија до Собранието не го наведе податокот дека се јавува како сопственик на две фирми во енергетскиот бизнис. Зошто премиерот Мицкоски упорно избегнува да даде отчетност за неговите удели во енергетскиот бизнис, ниту пак колку пари заработил и на кој начин од овие бизниси? Потсетуваме дека во овие бизниси инволвирани беа и струмички фирми, од каде потекнува токму баџанакот на Мицкоски (кој поседува бугарски фирми).
Јасно е дека шемата на владеење на премиери кои доаѓаат од бизнис-секторот постојано се пресликува во Македонија. И фамилиите Заеви и фамилиите Мицкоски беа директно инволвирани во енергетскиот бизнис, додека граѓаните плаќаат најскапа струја во Европа. Односно, мегаломанските профити за енергетската мафија (која е најдиректно поврзана со врвот на властите) ги плаќа директно сиромашниот народ. Молкот од институциите за ваквите огромни донации кои доаѓаат директно од претседателот на партијата, само покажува колку институциите се целосно заробени. Просечно македонско семејство со својата плата одвај може да ги покрие трошоците во месецот, додека фамилијата на Мицкоски комотно може да издвои сума од 60.000 евра за да ги донира на партијата, наводно само со професорски плати“, соопштуваат од партијата Левица.