Македонија
Меџити – Варнес: приоритет политиките за заштита на животната средина

Заменик-претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, вчера имаше средба со заменик амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Никол Варнес.„Вчера остварив многу плодна средба со заменик амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Никол Варнес. Ја изразив мојата благодарност за непоколебливата поддршка што САД и ја даваат на Северна Македонија, особено во процесот на интеграција во ЕУ.
Дискутиравме за силните односи помеѓу нашите земји и за важноста на понатамошно зајакнување на соработката во различни области од заеднички интерес“, изјави Меџити. Тој дополнително објасни дека на оваа средба, ја истакнал важноста на неговата улога како министер за животна средина и просторно планирање, особено поради големите еколошки предизвици со кои се соочуваме. Тука спаѓаат енергетската криза, децениското загадување на воздухот, управувањето со отпадот, обезбедувањето чиста вода и третманот на отпадните води.„Исто така, ја нагласив важноста на соработката во справувањето со климатската криза и промовирањето на одржливиот развој.
Полната посветеност кон политиките што ја заштитуваат животната средина е мој приоритет, бидејќи тоа е најдобриот начин за подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани, што е неопходен приоритет“, изјави заменик-претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Охридската полиција спаси четири лица заглавени во езерото откако силниот ветер им скрши дел од едрилицата

Четири лица беа спасени синоќа од водите на Охридското Езеро откако нивната едрилица останала без управување поради механичко оштетување. Брзата реакција на полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ спречи трагедија.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 28 јуни 2025 година, во 19:30 часот, било пријавено дека од пловен објект, кој се наоѓал на околу 2,5 километри од езерскиот брег спроти авто-кампот „Извиднички“, е упатен повик за помош.
„Наши полициски службеници веднаш излегоа на терен со службен глисер и ги лоцираа четирите лица на едрилица кои се наоѓаа во неволја. Сите четворица се успешно и безбедно извлечени и пренесени до станицата кај каналот Студенчишта“, соопштија од МВР.
Од полицијата појаснуваат дека поради силен ветар и бранови дошло до кршење на крмениот лист на едрилицата, по што лицето кое управувало со пловилото ја изгубило контролата.
„Благодарение на навремената интервенција, случајот заврши без повредени. Безбедно е извлечена и едрилицата“, додаваат од полицијата.
МВР уште еднаш апелира до сите граѓани и туристи да внимаваат при користење на пловни објекти и да ги следат временските услови, особено кога се работи за едрилици и објекти без моторен погон.
Македонија
ДУИ со остра реакција до Мицкоски: Сака да ни го избрише идентитетот со електронски попис

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска жестоко реагираше на најавите од премиерот Христијан Мицкоски и Владата за спроведување на електронски попис во 2026 година, обвинувајќи дека станува збор за националистичка агенда со цел исклучување на Албанците од институциите и системот.
Во реакцијата, ДУИ потсетува дека уште во 2022 година, Мицкоски јавно ги оспори резултатите од пописот на населението, каде беше утврдено дека Албанците сочинуваат 29,5% од вкупната популација.
„Тој тогаш вети дека штом ќе дојде на власт ќе организира електронски попис за да ги ‘коригира’ резултатите. Тоа не беше техничка изјава, туку политичка порака – дел од серија ветувања со слоганот ‘да им се покаже местото на Албанците’“, стои во реакцијата на партијата.
ДУИ обвинува дека новата власт го спроведува овој план преку институциите кои ги има ставено под своја контрола.
„Уставниот суд, Јавното обвинителство и други тела активно работат во служба на оваа агенда – укинување на Балансерот, уривање на механизмите за заштита од мајоризација, исклучување на албанскиот јазик, систематско маргинализирање на Албанците во администрацијата, безбедносните служби и армијата“, наведуваат од партијата.
ДУИ не ја штеди ниту коалицијата Вреди, која според нив, со својата тишина и поддршка, ја легитимира политиката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Уценети и заробени, тие создаваат лажна слика за мултиетничност на владата. Албанците не се наивни и никогаш нема да прифатат да бидат предмет на ‘дигитален инженеринг’, дури и ако во тој процес учествуваат Албанци од Вреди“, велат од ДУИ.
На крајот, од партијата испратија порака до граѓаните:
„Овие обиди нема да поминат. Ќе се спротивставиме со сите демократски средства, а Албанците ќе знаат да го заштитат својот глас, своето место и своето достоинство во оваа држава“.
Скопје
Центарот на Скопје блокиран два дена поради средба на високи гости

Поради најавената средба на лидерите од Западен Балкан која ќе се одржи во Скопје, Секторот за внатрешни работи информира дека во понеделник (30 јуни) и вторник (1 јули) во главниот град ќе биде воспоставен посебен режим на сообраќајот.
Од СВР Скопје соопштуваат дека мерките ќе се однесуваат на поширокото централно подрачје на градот, при што дел од улиците и булеварите ќе бидат затворени во различни временски интервали, во зависност од движењето на делегациите.
„Станува збор за највисоко ниво на безбедносна организација, и апелираме до сите граѓани да покажат разбирање и трпение. Полициските службеници ќе бидат распоредени на клучни локации и ќе ја координираат обиколката на возилата“, изјави за медиумите полициски службеник од Единицата за безбедност на патниот сообраќај.
Од СВР додаваат дека сите учесници во сообраќајот треба строго да ги почитуваат наредбите и знаците кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел да не се создаваат дополнителни метежи или проблеми.
„Сите неопходни информации за затворените улици и алтернативните правци ќе бидат достапни преку медиумите и социјалните мрежи. Апелираме возачите да планираат алтернативни рути и да тргнуваат порано од дома“, велат од полицијата.
Граѓаните кои живеат или работат во централното градско подрачје се советуваат да користат јавен превоз или алтернативни средства за движење за време на двете критични деноноќија.