Регион
Момчето од „Рибникар“: „Да го немав пиштолот на татко ми, немаше да го направам масакрот“
„Да го немав пиштолот на татко ми, немаше да го направам масакрот. Оружјето ми беше на дофат“, ова, како што пренесува „Телеграф“, повикувајќи се на неофицијални информации во Специјалниот суд, го изјавил К. К. (14) додека сведочел во постапката против родителите Милјана и Владимир Кецмановиќ.
На овој начин, како што анализира медиумот, момчето ја префрлило одговорноста за масовното убиство во училиштето на својот татко.
Негативно зборувал и за мајката Милјана Кецмановиќ велејќи дека таа „постојано барала тој да биде најдобар во сè“. Како што наводно рекол, Милјана Кецмановиќ „се лутела кога не бил најдобар во нешто и го карала“ и истакнал дека токму однесувањето на мајка му го поттикнало масовното убиство.
Момчето на 3 мај минатата година во масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет ученици и училишниот чувар, а денеска првпат се појави пред семејствата на убиените деца.
Следното рочиште е закажано за 17 октомври во зградата на Специјалниот суд во Белград.
Во Специјалниот суд во Белград денеска продолжи судењето на неговите родители Милјана и Владимир Кецмановиќ со распит на К. К., момчето што го изврши масовното убиство на 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“. Нему му поставуваа прашања судијата, обвинителот, адвокатите на оштетените и прашања на еден член од семејствата на убиените, пренесува медиумот.
К. К. е изнесен денеска првпат од установата во која е задржан по кривичното дело.
Судењето продолжува на 17 октомври кога треба да продолжи распитот на К. К.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Автобус изгоре на автопат кај Солун, патниците навреме евакуирани
Пожар избувна рано утринава во градски автобус што сообраќал на линија во предградието Синдос во Солун, во северна Грција, јавува „Катимерини“.
Пожарот настанал додека автобусот се движел по автопатот Патра–Атина–Солун–Евзони. Сите тројца патници и возачот навреме го напуштиле возилото, додека автобусот целосно бил уништен од огнот.
Противпожарната служба интервенирала за гаснење на пожарот и спроведува истрага за причините за инцидентот.
Фото: илустрација (Depositphotos)
Регион
Бомба фрлена врз куќата на Здравко Чолиќ во Белград
Доцна синоќа беше фрлена бомба врз куќата на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње.
Полицијата и дежурниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград се на местото на настанот, а истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Деталите, според написите, засега не се познати, но според извештаите никој не е повреден во експлозијата, но е причинета голема материјална штета, пишува „Телеграф“.
Пејачот бил во куќата
Полицијата веднаш ги блокирала приодите кон куќата по приемот на пријавата.
Припадници на Министерството за внатрешни работи спроведуваат истрага, а форензички експерти собираат докази и ги прегледуваат снимките од безбедносните камери за да го идентификуваат сторителот, пишува медиумот.
Во моментот кога била фрлена бомбата, Чолиќ, неговата сопруга и помладата ќерка Лара биле во вилата.
Според Телеграф, тие спиеле во моментот на експлозијата, а звукот ги разбудил.
Фото: ЕПА
Регион
Фалсификуваните пари за Балканот и ЕУ најчесто доаѓаат од Романија
Најголемите количини фалсификувани пари што пристигнуваат на Балканот и во земјите на Европската Унија потекнуваат од илегални фабрики во Романија.
Криминалните групи ги набавуваат фалсификатите по цена од околу 20 отсто од вредноста на оригиналниот новац, што значи дека за еден милион евра лажни пари се плаќаат околу 200.000 евра.
Според наводите, во Романија се фалсификуваат евра, кувајтски динари и американски долари, додека британската фунта се смета за најтешка за фалсификување.
Членовите на овие групи често се претставуваат како Италијанци, Арапи, Грци или Чеси, а меѓу нив има и криминалци од просторот на поранешна Југославија. Тие преку огласи бараат недвижности, луксузни автомобили, јахти, скап накит, уметнички дела и други вредни предмети.
Средбите најчесто се организираат во градови на северот на Италија, а како алтернативи се користат и градови во Франција, земјите на Бенелукс или Шпанија. Криминалните групи дејствуваат во поголем состав, со цел да ѝ го отежнат работењето на полицијата, пренесе Танјуг.

