Македонија
Шеесетмина се затруле на Воената академија, Мисајловски, место храна, сега им исплаќа пари

Вкупно 60 луѓе се затруле од храната на Воената академија минатиот месец, извести денес министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во отчетот за сработеното во првите 100 дена од новата Влада. Договорот со компанијата што ја обезбедува храната е еднострано раскинат, а вработените добиваат пари место оброк. Министерот Мисајловски вели дека течат законските рокови по раскинувањето на договорот со досегашната компанија, а дали ќе бараат нова или ќе исплаќаат пари место храна, ќе одлучат вработените.
„Се случија овие немили настани, за жал, беа 60 луѓе, ова не би требало да се случува. Јас знам дека во секој договор може да има пропуст, но многу записници стигнаа во кои е потврдена целата постапка дека треба да се раскине договорот. Здравствените власти најдоа бактерии на работните површини. Компанијата при првото предупредување не ги отстранила недостатоците и во овој момент мораше да се раскине договорот. Во согласност со колективниот договор што е донесен, на секој припадник во Армијата и во Министерството му следува надомест за хранарина. Бидејќи договорот е раскинат, секому ќе му бидат исплатени средства. Во делот во Армијата, каде што мораат да имаат оброци, тоа веќе го регулиравме и ќе се готви во Армијата бидејќи така било и пред неколку месеци. Ги имаме продуктите, се разбира, ако нешто недостига, дополнително ќе набавиме“, рече министерот Мисајловски.
Во овој момент Министерство има на располагање две постапки за снабдување со храна. Мисајловски најавува дека вработените ќе изберат која ќе се примени.
„Да се исплаќа целосно хранарина, како што е по колективниот договор, како што многу вработени посакуваат, или да се распише нова постапка за нова компанија што ќе дава оброк, односно кетеринг. Тие средства ги обезбедивме во буџетот. Она што најмногу ќе го бара Армијата и вработените – така ќе постапиме“, рече министерот Мисајловски.
Минатиот месец многумина питомци и офицери во Центарот за обука на питомците на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ побараа лекарска помош поради мачнина и повраќање, а имаше и хоспитализирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопјанец преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт

Полицијата поднесе кривична пријава за скопјанец кој преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт.
Денеска, Секторот за компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А. Х. (25) од Скопје за сторено кривично дело компјутерска измама.
Според информациите од МВР, А. Х., во периодот од 4.4.2025 до 13.6.2025, како одговорно лице на компанија што организира музички настани, преку веб-страница за продавање билети овозможил електронско купување билети за концерт што воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување, со што ги довел лицата во заблуда да купат билети за концертот и притоа не ги рефундирал парите.
Од МВР најавија дека продолжува активно да спроведува мониторинг на содржините на социјалните мрежи и на целокупниот интернет-простор, со цел превенција од повикување на насилство, загрозување на сигурноста, ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, злоупотреба на лични податоци и говор на омраза со елементи од кривични дела за кои се постапува по службена должност.
Македонија
Утре, сончево време, со локална појава на дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во северните делови, ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Потоа следува период на стабилно и топло време со пораст на дневната температура.
Македонија
„Влен“ најави нова болница во Кичево, инвестиција од 47,5 милиони евра

Кичево ќе има нова, целосно модерна болница, достојна за 21 век и за граѓаните кои живеат со гордост, достоинство и доверба во оваа земја, изјави Беким Сали од ВЛЕН.
„Инвестицијата од 47,5 милиони евра во Кичево ќе овозможи изградба на регионален центар по европски стандарди, со нова модерна инфраструктура, најсовремена медицинска опрема и услови што инспирираат безбедност и доверба кај пациентите и стручниот персонал. Тоа ќе биде болница каде што здраството се среќава со етиката, каде што професионализмот се среќава со почитта и каде што услугата не е привилегија, туку човеково право“, рече Сали.
Тој додаде дека граѓаните од Кичево, Македонски Брод, Пласница, Зајаз, Вранештица, Демир Хисар и пошироко ќе гравитираат кон овој здравствен центар, и за прв пат по многу децении ќе се чувствуваат рамноправни, застапени и згрижени.
Сали, исто така, кажа дека само во Тетово, инвестицијата во подобрување на болничката инфраструктура достигнала 77,5 милиони евра, што вклучува изградба на два нови објекти, реновирање на блокот за хирургија и интерна медицина, како и нов Медицински факултет.