Македонија
Митева: 250 евра ваучер за таблети за сите студенти и финансиска помош до 30.000 евра за бизнис
Младите мора да го добијат централното место во носењето на одлуки – ова е визијата на Владата при носењето на мерки и политики кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард. За таа цел, Владата предвиде мерки и тоа 250 евра ваучери за студентите за електронски уред, но и финансиска поддршка до 30.000 евра за бизнис за млади. Во однос на истото, сакам да најавам дека од страна на Владата е отпочната комуникација со компаниите во делокругот на информатичката технологија кои до крајот на оваа година треба да финализираат и истите да резултираат со утврдување на пристап кој е најповолен и преку кој ќе се изнајде најдобра методологија за распределба на обезбедените финансиски средства, рече Марија Митева портпарол и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, целта е да се изнајде најповолно решение каде компаниите ќе ги обезбедат електронските уреди, а исплатата ќе биде извршена преку ваучерите кои ќе бидат наменети за сите студенти. Воведувањето на оваа мерка со која на сите студенти ќе им обезбедиме ваучер од 250 евра специјално за купување електронски уреди е дизајнирана да обезбеди сите студенти да имаат пристап до технологијата што им е потребна за да успеат во денешниот дигитален свет. Што значи ова за младите, за нашите студенти? Во сè повеќе дигитално доба, пристапот до електронски уреди како што се лаптопи, таблети и образовен софтвер е од клучно значење за ефективно учење. Овие ваучери ќе им овозможат на студентите да ги стекнат алатките што им се потребни за целосно да учествуваат во нивното образование“, посочува Митева и додава:
„Оваа иницијатива не само што се однесува на намалување на дигиталниот јаз, туку и ја поддржува нашата посветеност за поттикнување на поправедна образовна средина. Разбираме дека многу семејства се соочуваат со финансиски предизвици кога станува збор за инвестирање во технологијата и сакаме да ублажиме дел од тој товар. Знаењата и вештините стекнати со користење на технологијата се од витално значење за нивните идни кариери и личен развој. Покрај индивидуалните придобивки, оваа иницијатива ќе ги зајакне нашите образовни институции. По финализирањето на преговорите со ИТ компаниите кон крајот на оваа година ќе обезбедиме повеќе детали за процесот, како и насоки за тоа како младите ќе можат да ги максимизираат придобивките од овие ваучери. Ги охрабруваме студентите и родителите целосно да ја искористат оваа можност. Заедно, да се погрижиме сите наши млади луѓе да ги имаат алатките што им се потребни за да напредуваат во светот кој постојано се менува“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

