Македонија
Северна Македонија избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите Нации за периодот 2025 – 2027

Со 168 гласа „за“, Република Северна Македонија денес стана нова членка на Советот за човекови права на Обединетите Нации за периодот 2025-2027, на изборот што се одржаа во Генералното собрание на ОН во Њујорк, информира МИнистерството за надворешни работи.
Поддршката од земјите членки на ОН е потврда за придонесот на нашата држава како посветен промотор и заштитник на човековите права и слободи.
Во својата објава на социјалните мрежи, министерот Муцунски нагласи дека една од главните цели по овој дипломатски успех ќе биде активното учество во Советот, придонесувајќи за глобална промоција на човековите права и подобрување на ситуацијата ширум светот, што е основа и на нашата кандидатура за членство
Во најновиот Национален извештај за Универзалниот периодичен преглед презентиран пред Советот за човекови права во Женева, нашата земја е високо на листата на земји кои ги почитуваат и гарантираат човековите права и оценета како квалификуван кандидат кој ги исполни неопходните услови за да биде дел од работата на ова меѓународно тело.
Инаку, според информацијата од МНР, Република Северна Македонија по вторпат е избрана за членка на Советот за човекови права, откако претходно членуваше во периодот 2014-2016.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Данела Арсовска до градоначалникот на Ѓорче Петров: Доста лажете!

„Згради од 65 метри висина кои ќе се градат покрај самиот булевар, спротивно на сите можни стандарди, закони и подзаконски акти во Ѓорче Петров“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на социјалните мрежи.
„157.000м2 објекти хемиски фабрики кои се јасно означени на Деталниот Урбанистички План. И внимавајте, имале пречистителна станица. Што ќе пречистуваат, ако нема загадувачка индустрија?
Дополнително, ДУП за згради од 65 метри висина во подрачје во кое не смее да се копа повеќе од 3 метри. Како ќе се градат овие згради без да се загадат заштитените бунари за вода Нерези – Лепенец? На какви столбови ќе бидат овие згради? Колку гаражни места ќе имаат?
Ова, градоначалнику на Ѓорче Петров треба да го одговориш. Доста лажете!“, додаде Арсовска.
Македонија
Сергеј Попов ги матираше СДММ, извади документ од кој се гледа како лажат, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Се е пријавено дечки, затоа вчера ви рековме два пати да размислите пред да излезете на прес. Ама толку слушате, затоа сте младина сведена на статистичка грешка“, напиша Сергеј Попов, претседател на УМС и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на социјалните мрежи.
„Штета, паметам времиња кога СДММ беше подмладок за почит“, додаде тој.
Македонија
Пратеничката Мимоза Муса на 73. КОСАК конференција во Варшава

Пратеничката Мимоза Муса, членка на Комисијата за европски прашања, учествува на 73. Конференција на комисиите за европски прашања на Парламентите на земјите членки на Европската Унија (КОСАК), која се одржува од 8 до 10 јуни 2025 година во Варшава, Република Полска.
Конференцијата се одржува во Сејмот на Република Полска, а учество земаат претставници на Парламентите од земјите членки и кандидатите за членство во Европската Унија, како и претставници на Европската комисија и Европскиот парламент.
Темите опфатени на Конференцијата се: приоритетите на Полското претседателство со Советот на ЕУ, работните програми на Европската комисија и Европскиот парламент во новиот институционален циклус, идната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, политиката за проширување и јакнењето на сајбер отпорноста и борбата против дезинформации.
Настанот беше свечено отворен од страна на маршалот на Сејмот на Република Полска, Шимон Холовниа, а Конференцијата се одвива под копретседателство на Агњешка Помаска, претседателка на Комисијата за европски прашања на Сејмот на Република Полска и Томаш Гродsки, претседател на Комисијата за европски прашања на Сенатот на Република Полска.
Во своите воведни обраќања ја нагласија важноста на парламентарната соработка и единството на европските институции во справување со заедничките предизвици. Тие упатија повик за продлабочена вклученост на националните парламенти во процесот на донесување политики на ниво на ЕУ и подвлекоа дека проширувањето останува клучен инструмент за стабилност и просперитет на целиот континент.
Пратеничката Мимоза Муса имаше свое обраќања на втората сесија од Конференцијата.
На втората сесија, каде се дебатираше за работните програми на европските институции и Стратешката агенда на ЕУ, Муса истакна дека приоритетите на Комисијата и Парламентот се од исклучително значење за земјите кандидати. Таа подвлече дека Северна Македонија активно работи на зелена транзиција, дигитализација, економски развој и борба против корупцијата, и ја потенцираше важноста на продолжување на политиката на проширување врз основа на заслуги.
Во рамки на своето учество, пратеничката оствари средба со голем број колеги и со амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Полска, Јасмин Ќахил.
КОСАК претставува форум за соработка меѓу комисиите за европски прашања од националните парламенти и Европскиот парламент, кој овозможува редовна размена на информации, ставови и добри практики во однос на европското законодавство и политики. Форумот постои од 1989 година и има важна улога во вклучувањето на националните парламенти во процесите на донесување одлуки на ниво на ЕУ.