Свет
Министрите на ЕУ на состанок во Луксембург: ќе разговараат за враќање на илегалните мигранти
Министрите за внатрешни работи на земјите членки денеска ќе се соберат во Луксембург на состанок на кој доминира прашањето за миграцијата, особено за враќањето на илегалните мигранти, баратели на азил, чии барања се одбиени.
За време на работниот ручек министрите ќе разговараат како да се подобри системот за враќање на илегалните мигранти. Во 2019 година земјите членки постигнаа договор за предлогот за директива за враќање на илегалните мигранти, а Европскиот парламент сè уште не го дефинира својот став за тоа.
Сепак, мнозинството земји членки денес сметаат дека договорот направен пред пет години е застарен, дека Комисијата треба да го повлече својот законски предлог и да излезе со нов.
Пред неколку дена Австрија и Холандија подготвија нон-пејпер, кој го поддржаа уште 15 земји членки на шенген-зоната, вклучително и Хрватска, и кој бара од Комисијата нов законски предлог за поефективно враќање на нелегалните мигрантите. Овој документ беше поддржан и од Чешка, Данска, Финска, Франција, Грција, Италија, Лихтенштајн, Луксембург, Малта, Норвешка, Германија, Словачка, Шведска и од Швајцарија.
„Постои консензус меѓу земјите членки на ЕУ и шенген-зоната за потребата да се олесни и забрза враќањето преку нова правна рамка врз основа на новиот предлог на Комисијата“, се вели во нон-пејперот, пренесуваат медиумите во регионот.
Во тој документ се вели дека промена на парадигмата е клучна, односно дека лицата што се предмет на одлука за враќање може да одговараат законски доколку не соработуваат, односно избегнуваат депортација.
ЕУ бара иновативни решенија, меѓу другото, постои идеја барателите на азил, чие барање е одбиено, да се испраќаат во прифатни центри надвор од ЕУ, од каде што би чекале да бидат вратени во земјите на потекло.
Сепак, постои проблем да се најдат трети земји што би биле подготвени да ги примат. Станува збор за решението што Италија го постигна со Албанија. Меѓутоа, прашање во овој случај е што ќе се случи доколку земјата на потекло не сака да го прифати лицето чие барање за азил е одбиено и дали ќе мора да се врати во Италија.
Прашањето за враќање на илегалните мигранти е голем проблем за ЕУ. Според податоците на Евростат, во 2023 година на 484.160 државјани на трети земји им било наредено да ја напуштат ЕУ, од кои само 91.465 (18,9 проценти), всушност, се вратиле.
Министрите ќе разговараат и за состојбата и функционирањето на шенген-зоната. Во просторот во кој треба да се движи без никакви контроли сè повеќе се воведуваат привремени гранични контроли со образложение дека сакаат да спречат влез на илегални мигранти. Германија неодамна воведе гранична контрола со сите свои соседи.
Министрите ќе разговараат за влезот на Бугарија и Романија во шенген-зоната, но нема да се донесе одлука бидејќи Австрија, која го блокира, сè уште нема формирана влада врз основа на резултатите од неодамнешните парламентарни избори и сè уште не е подготвена да го укине ветото. Од март годинава Бугарија и Романија делумно влегоа во шенген-зоната, граничните контроли на воздушните и поморските пристаништа се укинати, но тие сè уште се спроведуваат на копнените граници, стои во написите.
На дневен ред е и системот за влез/излез (ЕЕС), автоматизиран ИТ-систем за регистрација на државјани на трети земји, кои патуваат во ЕУ на краткорочен престој. Иако комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон неодамна најави дека системот ќе почне да работи на 10 ноември, тоа, најверојатно, според медиумите, ќе се случи малку подоцна.
Министрите ќе разменат мислења и за последиците од конфликтите надвор од Европската Унија врз нејзината внатрешна безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Му реков на Путин да престане да ги напаѓа Киев и другите градови, тој се согласи
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека неговиот руски колега, Владимир Путин, се согласил со неговото барање да не ги напаѓа Киев и другите украински градови и места една недела.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не ги напаѓа Киев и другите градови и места една недела“, рече Трамп на брифинг за медиумите, нагласувајќи дека Украина се соочува со екстремно ниски температури.
„И тој се согласи. Морам да ви кажам, тоа беше многу убаво.“
Претседателот на САД не разјасни кога или на кој начин му го упатил ова барање на Путин, ниту на кој датум треба да стапи на сила наводното примирје. Коментарите на Трамп, исто така, следеа по шпекулациите дека Киев и Москва се согласиле на пауза во нападите врз енергетската инфраструктура на другата страна, иако ниту една страна не ги потврди тврдењата ниту ја коментираше изјавата на Трамп.
Во меѓувреме, украинските воздухопловни сили објавија дека московските сили лансирале повеќе од 100 дронови во Украина преку ноќ, при што биле регистрирани 18 погодоци во различни области.
фото/Depositphotos
Свет
Мерц: Почнуваме да разговараме за европски нуклеарен чадор со сојузниците
Европските земји почнуваат да разговараат за идејата за заеднички нуклеарен чадор што би ги надополнил постојните безбедносни договори со Соединетите Американски Држави, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, во услови на зголемени дискусии во Германија за развој на сопствена нуклеарна одбрана.
Зборувајќи во време кога американскиот претседател Трамп ги доведува во прашање традиционалните сојузи, Мерц рече дека разговорите се само во почетна фаза и дека сè уште нема одлука на повидок.
„Знаеме дека треба да донесеме голем број стратешки и воено-политички одлуки, но сега не е време“, им рече тој на новинарите.
На Германија ѝ е забрането да развива сопствено нуклеарно оружје според таканаречениот договор „Четири плус два“, кој го отвори патот за повторно обединување на земјата во 1990 година и според Договорот за неширење на нуклеарно оружје што Германија го потпиша во 1969 година.
Мерц рече дека договорните обврски на Германија не ја спречуваат да разговара за заеднички решенија со партнери, вклучувајќи ги Велика Британија и Франција, единствените европски сили со нуклеарни арсенали.
„Овие дискусии се во тек. Тие исто така не се во спротивност со заедничкото нуклеарно одвраќање со Соединетите Американски Држави“, рече тој.
Регион
Вучиќ: Одлука за воен рок за еден или два месеци, првите регрути во касарните во декември или март
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес објави дека во рок од еден или два месеца ќе се донесе одлука дали задолжителнниот воен рок официјално ќе започне од декември или од март следната година, како и дека регистрацијата на регрутите ќе започне од септември и октомври.
Вучиќ, откако началникот на Генералштабот на српската армија, Милан Мојсиловиќ, ги разгледа резултатите од анализата на состојбата, оперативните и функционалните способности на армијата за 2025 година, рече дека одлуката ќе биде донесена во српскиот парламент.
„Разговаравме за воениот рок, за тие 75 дена. Наскоро ќе донесеме одлуки. Прашањето е дали ќе започнеме со официјална служба од декември или од март, но дефинитивно ќе ја донесеме таа одлука во следните еден или два месеца и ќе одиме пред Народното собрание на Србија. Од септември, октомври ќе започнеме со регистрација на регрутите“, рече Вучиќ.
На прашањето од што зависи дали ќе започне со официјална служба во декември или март следната година, Вучиќ рече дека зависи од подготовките.
„Мораме да ги подготвиме сите објекти, мора да подготвиме доволно од сè, пушки, чизми, центри за регрутација, центри за регистрација. Мораме да ги подобриме амбулантните возила, да ги реновираме, да ги уредиме поинаку, па затоа ова се важни прашања за нас и сакаме да бидеме подготвени да чекаме овие млади луѓе да ги поминат тие два и пол месеци во најдобри услови, за да имаат најдобри спомени, да добијат одговорност, да добијат сериозност“, рече Вучиќ.
Како што додаде, патриотизмот треба да биде важен дел од разбирањето на улогата на армијата во општеството и присуството на војниците во неа, пренесува Танјуг.
Вучиќ изјави дека е многу задоволен од резултатите на армијата, но и дека се многу загрижени за формирањето на воени сојузи во „нашата средина против Србија, поради што одбранбените капацитети на нашата земја се драстично зголемени“.
„Многу сме загрижени за формирањето на воени сојузи во нашата средина против Србија и соодветно на тоа дејствуваме одговорно, сериозно, не провоцираме никого, туку сакаме да го одвратиме секој што би извршил агресија врз нашата земја. Нашите одбранбени капацитети на воздухопловните сили и противвоздушната одбрана се драстично и драматично зголемени. И во годините што доаѓаат, особено, сите други системи ќе бидат, во сите други видови на нашата армија и родови на армијата, секако“, изјави Вучиќ пред новинарите по состанокот.
Тој истакна дека е многу задоволен од резултатите што ги постигнала српската армија.
„За граѓаните на Србија да знаат, ми се чини дека ќе разберат сè врз основа на овие бројки – имаме рекордни издвојувања, некаде околу 2,65 проценти од БДП за одбранбениот и безбедносниот систем, дури и малку повеќе, но не на најдиректен начин, но од тие големи пари, она што е најинтересно, дури 54,1 процент се инвестиции“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека само 32,5 проценти се трошоци за персонал и други оперативни трошоци.
„Мислам дека ова зборува многу за нашите инвестиции во армијата, бидејќи е важно да се зачува мирот, а ние можеме да го зачуваме мирот само со одвраќање на некои од потенцијалните напади врз нашата земја“, нагласи Вучиќ.

